Германија: Намалување на даноците на гориво и кризен бонус
13 април 2026
Германската владејачка црно-црвена коалиција реагира на високите цени на енергентите со привремено намалување на даноците за возачите. Данокот на енергија за дизел и бензин треба да се намали за околу 17 центи бруто по литар, со траење од два месеца, соопштија раководствата на ЦДУ, ЦСУ и СПД во Берлин по дводневни консултации. Вработените дополнително ќе можат да добијат неоданочен бонус од 1.000 евра од своите работодавци. За тоа да се финансира, веќе годинава треба да се зголеми данокот на тутун.
Сојузниот канцелар Фридрих Мерц изјави дека со намалувањето на данокот на минерални масла состојбата за возачите и компаниите треба многу брзо да се подобри. Сојузната влада очекува дека нафтената индустрија ќе го пренесе намалувањето на товарот кон потрошувачите. Според министерката за труд Бeрбел Бас, потрошувачите и економијата во поглед на цените на горивата ќе бидат растоварени за вкупно околу 1,6 милијарди евра.
Ќе се разгледува воведување на данок на екстра-профит
Коалицијата ја поздрави најавата на Европската Комисија дека ќе се разгледаат извесни мерки против нафтената индустрија - притоа мислејќи на данок на екстра-профит.
Лидерите на коалицијата до доцна ноќта разговараа за енергетската криза и за претстојните реформи. Преговорите траеја цел викенд.
Реформа на здравството до лето
Покрај непосредните мерки за кризата со цената на нафтата, коалицијата планира уште низа обемни реформи. Црно-црвените сакаат да спречат понатамошно зголемување на придонесите за здравствено осигурување преку голема здравствена реформа. Основата треба да бидат предлозите на експертската комисија. До крајот на април треба да биде подготвен нацрт-закон, а до летната пауза тој треба да се донесе во Бундестагот. Мерц најави „една од најголемите реформи на социјалната држава во нашата земја“.
Стабилноста на придонесите треба да се постигне со ограничување на расходите. Мерц најави „соодветни корекции и во обемот на услугите“.
„Сите засегнати, сите области на услуги ќе мора да дадат придонес“, рече тој. Лидерот на ЦСУ, Маркус Зедер, појасни: „Не можеме да трошиме повеќе отколку што заработуваме.“
Според Мерц, треба да се спроведат што е можно повеќе од предлозите на комисијата. Предлозите на експертите опфаќаат повисоки дополнителни плаќања за лекови и данок на засладени пијалоци. Во ординациите и клиниките надоместоците не треба да растат побрзо од приходите на фондовите.
Клингбајл најавува реформа на данокот на доход
Министерот за финансии Ларс Клингбајл сака „брзо“ да поднесе нацрт за реформа на данокот на доход. Таа треба да стапи во сила во јануари 2027 и значително да ги растовари малите и средните приходи, рече лидерот на СПД. Деталите ќе бидат разработени во наредните недели, додаде Мерц.
Со тоа Унијата и СПД сакаат да го исполнат коалицискиот договор кој предвидува намалување на данокот на доход во средината на мандатот. Но, начините на финансирање на ваквата реформа сè уште се спорни: СПД сака повисоки даноци за најбогатите, додека Унијата е скептична во тој поглед.
Канцеларот најави интензивна работа на деталите од реформите: „Ова се големи реформски проекти“, рече Мерц. Истовремено најави и дополнителни иницијативи: „Ова е само почеток. Разговорите вчера не беа завршни, туку почеток на низа консултации што ќе продолжат.“ Потребни се „повторно надеж и добра атмосфера, како и добра перспектива за иднината на нашата земја“.
Цените на горивата силно пораснати
Војната со Иран сè повеќе ја нарушува реформската агенда на коалицијата во Берлин. Унијата и СПД претходно најавија големи реформи, но сега поради последиците од војната се принудени да ги забрзаат конкретните мерки за олеснување. Економистите предупредуваат дека последиците од војната би можеле да ја уништат очекуваната економска стабилизација во Германија.
Од почетокот на војната со Иран цените на горивата драматично пораснаа. Откако на 28 февруари САД и Израел извршија напади врз Иран, Техеран го блокираше Ормускиот Теснец, клучен за транспорт на нафта.