Германската влада сака да ја модернизира земјата
2 октомври 2025
Компании во банкрот, миграција во странство, големи дефицити во социјалното осигурување и незадоволно население: само 22 проценти од испитаниците во најновата септемвриска анкета Дојчлантренд на првата германска телевизија АРД се задоволни со работата на сојузната влада, составена од конзервативните ЦДУ и ЦСУ и Социјалдемократите.
Канцеларот Фридрих Мерц од ЦДУ е под притисок да дејствува - и го свика својот кабинет на дводневен состанок во вилата Борсиг во Берлин. „Одамна потребната модернизација на нашата држава сега мора многу брзо да напредува“, порача Мерц на почетокот на состанокот. „Мора да ги разгледаме јавните услуги, мора да станат поефикасни и поедноставни“, вели канцеларот.
Мерц смета дека е потребно да се брза. „Некои фирми се дојдени со грб до ѕидот или со една нога на работ на бездната“, вели тој и додава дека германската економија мора повторно да расте, а Германија како деловна локација да стане повторно „доволно привлечна за инвестиции“.
Цел: Отворање фирма за еден ден
Фокусот на „агендата за модернизација“ е на намалување на бирократијата, рационализирање на администрацијата, засилена дигитализација на услугите и користење вештачка интелигенција во администрацијата. На пример, во некои германски институции и натаму се користи факс-машина, која стана симбол на застојот во реформите. Земјата низ годините се „врзала во јазол“, оценува Карстен Вилдбергер, министер за модернизација и дигитализација.
16 милијарди евра треба да се заштедат само преку намалување на бирократијата до крајот на мандатот на оваа влада во 2029 година, а персоналот во институциите на сојузно ниво да се намали за осум проценти.
Се работи за околу 80 индивидуални мерки, како тоа дека во иднина ќе биде можно граѓаните да регистрираат автомобил преку портал кој ќе важи за цела Германија, додека актуелно за тоа се користат 400 индивидуални портали на ниво на покраини и општини. Друг пример е отворање фирма за еден ден исто така преку централен портал. Дигитална „агенција за работа и престој“ ќе се отвори со цел за регрутирање квалификувани работници од странство, преку која централизирано ќе се решаваат прашања за визи и признавање на квалификациите. Адресирајќи ја ЕУ, Мерц по состанокот рече дека „едноставно е премногу“ регулатива од Брисел.
АфД на коалицијата ѝ дише во врат
Но, не се работи само за економски прашања, туку и за политичка моќ. Во изминатите недели немаше ниту една анкета што покажува мнозинство за владејачката коалиција. АфД, која во делови е десноекстремна, во некои анкети се изедначи - или дури и ги престигна - со ЦДУ/ЦСУ. Во источните покраини АфД во моментов води во сите анкети, дури и со голема предност во Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Предна Померанија, каде што следната година има избори. Коалицијата требаше да се зближи, но долго време не го правеше тоа. Наместо тоа, се нагласуваа разликите и се вадеа во јавност, создавајќи имиџ на раскарана банда - исто како и претходната влада, која предвреме се распадна.
Тоа почна уште при изборот на Фридрих Мерц за канцелар во мај годинава, што успеа дури во вториот круг гласање во Бундестагот. Имаше неистомисленици во неговите редови. Потоа изборот на судии за Уставниот суд на Германија беше одложен кога стана јасно дека членовите на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ нема да ја поддржат кандидатката номинирана од СПД.
Заедничките координации на раководителите на парламентарните групи, кои се одржаа во Вирцбург летово, требаше конечно да донесат тимски дух, па заедничко патување во Киев, вечерно дружење на скара на пратениците од коалицијата во Берлин и неодамна, посета на лидерите на партиите на Октоберфест во Минхен.
Средбата на кабинетот во вилата на Тегелско Езеро е најновиот обид за тим-билдинг. Се создала „многу, многу добра, многу колегијална, многу отворена работна атмосфера во оваа коалиција“, посочи канцеларот по состанокот зад затворени врати. Следните недели ќе покажат дали е така.
Дури подоцна реформа на социјалното осигурување
Зашто, вистинските големи предизвици за коалицијата ќе дојдат допрва, меѓу нив и реформата на социјалното осигурување. На здравственото, осигурувањето за нега и пензиското осигурување им требаат пари. Зголемување на придонеси за осигурениците и работодавците би претставувало уште поголем товар за работната сила и со тоа уште повеќе би ја ослабнало конкурентноста на Германија.
Државата има високо ново задолжување, но средствата не се наменети за потрошувачка, туку, покрај зајакнувањето на Бундесверот, треба да се подобри инфраструктурата. Од перспектива на коалицијата, излез е кратење на социјалните бенефиции. Со тоа и со прашањето за социјална помош во случај на невработеност, се занимаваат разни комисии, од кои се очекува да излезат со предлози за владата.
Мерц малку преурането најави „есен на реформи“, па кога стана јасно дека една сезона нема да биде доволна, во Бундестагот порача дека „ќе има зима, пролет, лето и следната есен со реформи“.
Нов „говор за промена“?
Сојузната влада се надева дека ќе може да го сврти негативното расположение во Германија. „Во принцип, нашиот главен противник е расположението“, наводно рекол вицеканцеларот Ларс Клингбајл од СПД, според извори од состанокот затворен за јавноста. Учесниците биле согласни дека е неопходна промена на културата за да се создаде полетно расположение.
Се зборувало и за говор кој канцеларот Мерц би можел да го одржи на Денот на германското обединување, 3 октомври, налик на оној од сојузниот претседател Роман Херцог, кој пред 28 години повика на „поместување“ низ цела Германија. „Мора да се збогуваме од драгоцени работи“, побара Херцог во тоа време. По тој говор беа потребни уште шест години за далекусежната реформска агенда на канцеларот од СПД, Герхард Шредер. Актуелната влада нема толку време на располагање.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик