1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија 2025: помала миграција, заштита на демократијата

6 јануари 2025

Внатрешната политика на Германија во новата година се соочува со големи предизвици - имиграцијата да се стави под контрола, да се одвратат сајбер напади и ефикасно да се заштити правната држава и демократијата.

Германија повторно воведе контроли на сите граници
Германија повторно воведе контроли на сите границиФотографија: Roberto Pfeil/dpa/picture alliance

Борба против нелегалното доселување и промовирање на посакуваната имиграција. Подобро справување со  сајбер напади,  јакнење на владеењето на правото и демократијата наспроти непријателите од внатре и од надвор – тоа се задачите со кои ќе се соочи новата сојузна влада на внатрешнополитички план во 2025 година, без разлика кој ќе ја предводи по  предвремените избори во февруари годинава.

Но, ако се прашаат политичарите кои во изминатите години беа дел од Бундестагот, сите наведени предизвици паѓаат во сенката на длабоката криза во која се наоѓа економијата  на Германија.  Индустриски гиганти како Фолксваген најавуваат затворање на фабрики, луѓето се загрижени за нивните работни места и страдаат од последиците на високата инфлација.

Високи цени на енергенсите и недостиг од квалификувани работници

Марко Вандервиц (ЦДУ) беше владин ополномоштеник за источно-германските покраини до 2021 година. Политичарот со потекло од Саксонија за ДВ вели дека „најголемиот проблем што го имаме во земјава сега е нашата економија. И тоа навистина влијае на темелите и на одржливоста. Големиот проблем е што оние кои ја движат економијата имаат изгубено доверба во политиката“.

Марко Вандервиц: најголемиот проблем што го имаме во земјава сега е нашата економијаФотографија: Uwe Meinhold/IMAGO IMAGES

Причината за тоа се превисоките цени на енергијата, високото германско ниво на платите, дотраената инфраструктура, како и страшната конкуренција од Кина. Но, тука е и  недостигот од квалификувана работна сила  и сѐ поизразената бирократија. Според Омид Нурипур, поранешен лидер  на Зелените,  кај бирократијата првенствено се забележуваат пропустите од бавната дигитализација. „Имаме двојна криза, економска и структурна. Тоа се забележува на фактот дека факсот е сè уште средство за комуникација од врвна класа во здравствените служби. А, се забележува и според застојот на инвестиции во земјава“, оценува Нурипур во интервју за ДВ.

Загриженост за безбедноста на критичната инфраструктура Фотографија: Calado/Zoonar/picture alliance

Покрај тоа,  има напади од надвор, често од Русија,  врз инфраструктурата, како на пример електричната мрежа. „Најважна е заштитата на критичната инфраструктура. Имаме премногу слаби точки во оваа сфера. И има премногу чинители кои ја трошат критичната инфраструктура“, вели Нурипур.

Затоа, намалувањето на бирократијата и засилувањето на полицијата и тајните служби се важни задачи за оваа година.

Многу веројатно заострување во однос на имиграцијата

Две други прашања ќе бидат уште поголем внатрешно-политички предизвик за идната влада отколку досега - нерешените прашања во врска со доселувањето и прашањето како земјата треба да се справува со зголемениот популизам и десничарскиот екстремизам. Кога станува збор за имиграцијата, неодамна дојде до намалување на бројот на барања за азил, како и на проценетиот број на  илегални доселеници.

Сепак европската агенција за заштита на границите Фронтекс сè уште проценува дека во периодот од јануари до септември 2024 година околу 166 илјади луѓе се обиделе нерегуларно да влезат во ЕУ. Германија повторно воведе контроли на сите граници, а конзервативната ЦДУ која има шанси по изборите на 23 февруари да биде на чело на новата влада, дури се залага за  враќање на бегалците на самата граница.

Општините префорсирани со мигрантите?

Многу општини пак, информираат дека се на границите на своите капацитети кога станува збор за прифаќање и згрижување на бегалци. Тоа го забележува и претставникот на малцинствата од северот на земјата, Штефан Зајдлер од „Здружението на гласачи во Јужен Шлезвиг“, кој за ДВ вели дека „она што можам да го кажам од моја перспектива е дека општините во моментов се исправени пред огромен предизвик со кој тешко се справуваат. Потребна ни е поддршка од сојузните власти“, вели тој.

Многу општини велат дека се на границите на своите капацитети кога станува збор за прифаќање и згрижување на бегалциФотографија: Michael Reichel/dpa/picture alliance

Марко Вандервиц, кој нема повторно да се кандидира за пратеничко место во Бундестагот, има поинаков став. Тој смета дека имиграцијата може да се контролира, но свесен е и колку ова прашање може да поларизира емотивно. „Од една страна, бројките се намалуваат. А од друга страна, сметав дека проблемот се преувеличува. Всушност познавам само локални политичари кои велат дека нештата се значително помалку лоши отколку во 2014 или 2015 година“, вели тој во разговор со ДВ и додава дека „и покрај тоа сите веат бело знаме“.

Омид Нурипур посочува дека бројките во следните години можеле повторно да се зголемат. „Знаеме дека ситуацијата во Украина може да доведе до  повеќе бегалци  и гледаме дека еден или два конфликти на Блискиот Исток би можеле уште повеќе да ескалираат“, смета тој.

Заштита на Сојузниот уставен суд

Во новиот Бундестаг  АфД, која во делови е оквалификувана како десно екстремна,  сигурно ќе биде посилно застапена отколку во претходниот состав, истакнува Штефан Зајдлер. „Моментално доживуваме огромен притисок од екстремната десница. Моментално доживуваме дека има сили во Германија кои мислат дека мнозинството секогаш одлучува и има право да толкува. А како малцински политичар, можам само јасно и гласно да кажам дека добра демократија ги зема предвид и своите малцинства“, заклучува Зајдлер.

Заради ова, Зајдлер го поддржал предлогот од  ЦДУ, ЦСУ, СПД, Зелените и ФДП  во Бундестагот  во декември минатата година за зајакнување на правата на Сојузниот уставен суд против напади од екстремната десница. Реформата предвидува дека за идни промени на структурата на судот ќе биде потребна промена на Уставот, за што пак е потребно двотретинско мнозинство.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми