1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски компромис околу азилот – што е договорено?

30 јануари 2026

Владината коалиција од ЦДУ/ЦСУ и СПД се согласи да се имплементира заедничкиот европски систем за азил ГЕАС. Целта е да се ограничи нелегалната миграција и да се забрзаат процедурите за азил.

Бегалци чекаат во редица во Берлин
Германија сака да ја отежни имиграцијата: Бегалци во редица во Берлин Фотографија: Jochen Eckel/picture alliance

За што се согласија ЦДУ/ЦСУ и СПД?

Т.н. „Даблински случаи“, односно лица кои се регистрирани во други европски земји или веќе аплицирале таму за азил, ќе може да бидат држени во специјални центри за азил до период од три месеци. Со овие построги прописи, сојузната влада има намера да ги олесни депортациите и да спречи криење на  барателите на азил  пред депортација. Одлуката дали ќе се направат такви центри, ја носат покраинските власти. Новите прописи мора да бидат координирани и со нив, а Сојузниот совет, Бундесрат, во кој членки се претставниците на 16-те сојузни покраини, ќе мора да ги одобри.

Дали регулативите се однесуваат на сите бегалци?

Случаи во кои регулативата би значела отежнувачки околности, треба што е можно повеќе да бидат избегнувани. Експертот за внатрешни работи на  СПД, Себастијан Фидлер, вели дека „за нас беше особено важно за деца и семејства да не создаваме никакви тешкотии кои би можеле да бидат избегнати, и да обезбедиме заштита на ранливите категории“. Според Фидлер тоа значи да нема притвор на деца, да има соодветна здравствена заштита и ограничување на задолжителниот период на престој во центрите за азил кога се во прашање семејства. Малолетници и нивните семејства начелно треба да можат да ги напуштат објектите по шест месеци.

Кога им е дозволено на бегалците да работат?

Лицата во процес на азил и оние со статус на толериран престој, во иднина ќе треба значително побрзо да имаат пристап до пазарот на трудот. Ако претходно морале да чекаат шест месеци, во иднина тоа треба да биде можно и по само три месеци. „Секој што живее во Германија треба да може да се издржува“, вели Фидлер. Коалицијата сака да ја подобри здравствената заштита за деца бегалци и да обезбеди прегледи во текот на првите 36 месеци, кои ќе опфаќаат многу повеќе од ублажување на болки или превентивни прегледи.

Како ги оценуваат критичарите новите законски прописи?

Организациите за човекови права се јавија со остра осуда на  новиот систем за азил.  Вибке Јудит, портпаролка за правна политика на ПроАзил, апелира до пратениците да ги тргнат од законот „чувствителните прашања во однос на човекови права, како ограничувањата на слободата и притворот“. „Владејачките  партии со нивниот договор за спроведување на Заедничкиот европски  систем за азил во Германија, се одлучија за ново ниво на строгост спрема барателите на азил. Во иднина, бегалците ќе бидат од самиот почеток подложени на ограничувања во однос на напуштањето на прифатните центри - првично ноќно време, а подоцна и во текот на денот. Тие се соочуваат и со закана од нов притвор во  постапката за азил. Дури и деца и другите ранливи лица не се изземени од ова. Германскиот закон во тој поглед оди значително подалеку од она што е нужно пропишано со европското право“, вели Јудит.

Која е целта на Заедничкиот европски систем за азил ГЕАС?

Реформата, усвоена од ЕУ пролетта 2024 година, има за цел да го направи европскиот систем за азил поструктуриран и поефикасен, посилно да ја ограничи нелегалната миграција и да ги забрза процедурите за азил, кои во иднина треба да се одвиваат првенствено на надворешните граници на ЕУ. Основниот проблем досега беше што и покрај регулативите на ЕУ, државите на надворешните граници како Италија, Бугарија, Хрватска и  Грција, не прифаќаа назад мигранти  кои од нивните продолжиле во други земји од ЕУ. За германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт (ЦСУ), Заедничкиот европски систем за азил сепак е „основа за спроведување на пресвртот во миграциската политика во Европа“. Регулативата, по истекот на двегодишниот период за имплементација во јуни 2026 година, треба да стане правно обврзувачка во сите земји од ЕУ. Во  Германија се очекува да стапи на сила и порано, доколку  Бундестагот,  како што е планирано, го усвои изменетиот нацрт-закон во февруари годинава.

Каква е улогата на десничарската АфД за компромисот за азил?

Таа игра голема улога. Владата сака да ја неутрализира темата број еден во кампањата на  Алтернатива за Германија (АфД),  имено миграцијата, токму во пресрет на покраинските избори во Баден-Виртемберг на 8 март и во Рајнланд-Пфалц на 22 март годинава.  ЦДУ/ ЦСУ  и СПД пред сѐ во однос на претстојните покраински избори во источна Германија се надеваат дека законот ќе биде сигнал за гласачите. Во Саксонија-Анхалт ќе се гласа на 6 септември и во Мекленбург-Западна Померанија на 20 септември; во двете покраини АфД води на анкетите и дури има изгледи новиот покраински премиер во Саксонија-Анхалт да биде токму од нејзините редови.

Дали Германија во иднина ќе депортира баратели на азил во трети земји?

Сојузниот министер за внатрешни работи Александар Добринт барем ги смета „центрите за враќање“, односно центрите за депортација надвор од ЕУ, за „иновативни модели“. Пет земји-членки на  ЕУ  сега ги форсираат таквите објекти, имено покрај Австрија, Данска, Холандија и Грција и Германија. Критичарите имаат задршки дали таквите центри се во склад со европското право, но работната група сака одбиените баратели на азил да ги смести надвор од ЕУ, доколку не може  да бидат вратени во нивните земји на потекло.  Во фиоките веќе има и планови постапките за азил да се водат во трети земји.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми