1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски медиуми: Десницата се враќа на власт во Македонија

БГ/ ДПА
9 мај 2024

Водечките германски медиуми јавуваат за убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во Македонија и изборот на првата жена претседател, Гордана Сиљановска-Давкова. Натамошниот пат кон ЕУ под прашање.

ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски Македонија
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја прославува изборната победа на плоштадот во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

ВМРО-ДПМНЕ однесе убедлива победа на изборите во Северна Македонија со 59 освоени пратенички мандати, и е во удобна позиција да си ги бира коалициските партнери во идната влада, јавува германската новинска агенција ДПА. Агенцијата и повеќе други медиуми анализираат што ќе значи таа победа на внатрешен план, но и во однос на преговорите за пристапување кон ЕУ.

Весникот Тагесцајтунг (TAZ) пренесува дека идниот премиер Христијан Мицкоски најавил остар пристап кон идната опозиција, „а се заканил и со правни последици“.
„100 луѓе од ДУИ и од СДСМ веруваа дека ни ги контролираат животите. Сега се исплашени и знаат зошто. Тие ќе одговараат и ќе платат за тоа“, порача Мицкоски.

Во однос на надворешната политика, пишува натаму Тагесцајтунг, „промената на власта во Скопје веројатно нема да резултира со значителна промена на курсот - и покрај пораките што досега доаѓаа од ВМРО(ДПМНЕ)“.
„Иако Мицкоски и неговите соработници упорно не го спомнуваат новото државно име Северна Македонија: не се очекува промена на договорот од Преспа со Грција, со кој беше фиксирана промената на државното име од Македонија во Северна Македонија во 2019 година. 

Според набљудувачите, најверојатно ќе има решение кое ќе го спаси образот за двете страни во спорот со Бугарија. Бугарија инсистира на вметнување на бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија, а во спротивно се заканува со вето на планираниот пристап на нејзиниот сосед во ЕУ,“ пишува Тагесцајтунг

Фрустрирани граѓани  

Првиот канал на државниот јавен сервис, АРД пишува дека гласачите во Северна Македонија се фрустрирани од процесот на пристапување во ЕУ, кој има многу бавен напредок од 2005 година.

„Бавниот напредок на Северна Македонија кон ЕУ делумно се должи на судирите со соседните членки на ЕУ, Грција и Бугарија, но и на неуспехот да се унапредат економските и судските реформи." 

Гордана Сиљановска-Давкова стана првата жена претседател на независна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Многу луѓе, исто така, се жалат дека државните институции не ги исполнуваат своите должности и дека лошата администрација, непотизмот и корупцијата станаа раширени. Економската состојба е лоша, државната каса е празна, додека масовната емиграција води кон драматичен пад на населението и губење на квалификувани работници", наведува АРД.

АРД го пренесува и ставот на Марио Бикарски, аналитичар за источна и централна Европа во консултантска компанија „Вериск Мејплкрофт“, кој проценува дека „нема да има напредок на патот кон ЕУ со влада на ВМРО-ДПМНЕ“.

На таа линија, агенцијата ДПА анализира дека „уште за време на предизборната кампања ВМРО (ДПМНЕ) настапила со националистички тонови и најави курс на конфронтација со соседните Грција и Бугарија“.

„Тоа би можело значително да ги закочи преговорите со ЕУ кои беа отворени во 2022 година“, наведува ДПА, потсетувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ и како опозиција ги блокирала уставните измени.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми