1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Формирање влада на Хрватска – невозможна мисија“

Обработка: Ненад Крајцер
19 април 2024

Составувањето на влада ќе биде макотрпно, а не се исклучува ни можноста за повторување на парламентарните избори во Хрватска, пишуваат германските и медиумите на германски јазик.

Андреј Пленковиќ  избори  Хрватска
Андреј Пленковиќ пред тешка задача по победата на изборите во Хрватска Фотографија: Mehmed Smajić/DW

Дневниот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ го опишува исходот од изборите во Хрватска и победата на ХДЗ како „Победа во центарот“ за која е заслужен премиерот на Хрватска и  претседателот на ХДЗ, Андреј Пленковиќ  и неговиот „политички талент и истрајност“. Но, и авторот на написот Михаел Мартенс посочува дека ХДЗ и покрај победата ќе има големи проблеми со формирање влада.

Тешка задача за Пленковиќ

Се наведува дека Андреј Пленковиќ откако е на чело на партијата, ја „одведе некогашната националистичка ХДЗ на граѓанско-конзервативниот пат“ и дека сака „да се огради од десницата“. „Флертувањето со десницата според него е вода во корист на воденицата на левицата и слабеење на политичкиот центар“, се наведува во текстот.

Во споредба со демохристијанската опција во Германија, авторот го гледа Пленковиќ повеќе како Хендрик Вист, премиер на Северна Рајна-Вестфалија, кој е умерен и трезвен лидер во рамките на ЦДУ/ЦСУ, а не како Маркус Зедер, премиер на Баварија и претседателот на ЦСУ, кој е познат по своите контроверзни и популистички тонови.

„Нему (Пленковиќ) не му е туѓ популизмот, но тој никогаш не кажува денес нешто што е сосема спротивно од она што го кажал вчера“, пишува весникот и во исто време укажува на репутацијата што ја ужива Пленковиќ во Европската унија како доверлив партнер. За претседателот на ХДЗ, како што се наведува понатаму, коалицијата со „хрватските зелени“, партијата Можеме, не би била невозможна - но Можеме ја исклучува таквата можност за соработка со ХДЗ. .

Во посебна статија, во која се фокусира на анализата на изборите, авторот ја пофалува високата излезност, оценувајќи ја како успех на хрватската демократија. Голема заслуга за тоа има и претседателот Зоран Милановиќ, кој со своите вербални напади „привлече големо внимание и влијаеше на мобилизацијата на гласачите во време на зголемена ТикТокизација“.

Сепак, се оценува дека големата излезност не донесе и јасни односи по изборите. „Големото прашање за следниот период е дали воопшто е можно да се направи коалиција која ќе има мнозинство или барем да се создаде некаков функционален модел за малцинска влада."

Помеѓу чума и колера

Дописникот на лево-либералниот дневен весник „Тагесцајтунг" од Хрватска, Ерих Ратфелдер, својата анализа за изборите во Хрватска ја наслови „Чума или колера“,укажувајќи на тој начин на двете опции кои се борат за власт во Хрватска. Истовремено, авторот не ги опишува  ниту Пленковиќ, ниту Милановиќ како демократски фигури. Според новинарот, Милановиќ со своите симпатии кон Орбан и Путин, како и со политиката кон Босна и Херцеговина, зачекори „јасно во насока на десницата“. Од друга страна, Пленковиќ, и покрај неговата прозападна политика, е обвинет за сѐ посилни елементи на автократски начин на владеење.

Претседателот Зоран Милановиќ со своите предизборни настапи придонесе за висока излезност на изборите во Хрватска Фотографија: Antonio Bronic/REUTERS

Минхенскиот весник „Зидојче цајтунг“ исто така ги сведува изборите во Хрватска на  натпреварувачкиот однос меѓу двајцата политичари  и го насловува својот напис: „Битката на алфа мажите продолжува“. Во текстот се укажува на  Милановиќ како на „хрватскиот Трамп“  и на Пленковиќ, кој за време на неговиот мандат мораше да отпушти 30 министри - главно поради корупција. И овој германски весник заклучува дека формирањето на владата може да потрае „недели, па дури и месеци“, а, додава, не се исклучени ниту нови избори.

„Вкочанета насмевка“ на Пленковиќ

Весникот „Велт“ ја анализира изборната ноќ и „непријатноста“ што премиерот и претседателот на ХДЗ ја ширеше во првиот говор, иако неговата партија „и покрај бројните корупциски скандали“ излезе како победник. „Неговата вкочанета насмевка ја открива фингираната самодоверба со која Пленковиќ се претставува како изборен победник“, пишува „Велт" и наведува дека веќе вечерта на изборите се наѕирала опцијата за коалиција со Татковинското движење.

Но, во текстот се отвора и сомнеж дека во случај на коалиција со Татковинското движење, Пленковиќ воопшто би можел да остане на премиерската позиција. „Цената што Татковинското движење би можело да ја побара за влез во владата е промена на премиерот. Веќе има можен наследник - или барем така гледа дел од печатот: министерот за одбрана на ХДЗ Иван Анушиќ од Славонија. Како член на десното крило на партијата, тој би бил прифатлив и за Татковинското движење, а Пленковиќ наместо тоа би можел да биде 'унапреден' на висока позиција во ЕУ во Брисел“, заклучува германскиот весник.

Швајцарскиот дневен весник „Ное Цирхер Цајтунг" во насловот на текстот за изборите во Хрватска веќе заклучува дека нападот на конзервативниот табор е неуспешен: „Доминантната позиција на конзервативните сили во Хрватска засега останува недопирлива“.Весникот исто така укажува на многу тешката појдовна позиција на оние кои сакаат да формираат влада во Хрватска и исто така не ја исклучува можноста за повторување на изборите.

И виенски „Стандард" ги опишува изборите во Хрватска како „борба меѓу два титани“ и укажува на големи проблеми за формирање мнозинство во парламентот. Во написот, коалицијата на ХДЗ со Татковинското движење (кое е опишано како „расистички антисрпско“) се оценува како неповолна за Пленковиќ поради зајакнувањето на десното крило во партијата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми