1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Тензиите меѓу Србија и Косово повторно растат“

27 декември 2022

Вестите за нови тензии на северот на Косово, како и тоа што Србија ја подигна борбената готовност на војската, се тема во германските медиуми. Тие пишуваат и за тоа дека Русите кои бегаат од Путин го менуваат Белград.

Тензии во северно Косово
Тензии во северно КосовоФотографија: Serbian Defense Ministry Press /AP/picture alliance

„Тензиите меѓу Србија и Косово повторно растат“, пренесува порталот на германскиот јавен сервис АРД. „По пукањето во близина на српските блокади на патиштата во Косово, Србија ја подигна борбената готовност на својата војска  на границата со соседот на ‘највисоко ниво'(...) Нејасно е што значи оваа наредба на терен, посебно што српските сили на границата веќе извесно време се во готовност.“

„Зиддојче цајтунг“ исто така пишува дека тензиите меѓу Косово и Србија во текот на последните недели се зголемени и дека српската влада ја подигна готовноста на својата војска. Минхенскиот весник потсетува дека српскиот претседател Александар Вучиќ уште во неделата му наредил на началникот на Генералштабот, Милан Мојсиловиќда се упати во пограничното подрачје, зашто ситуацијата на границата е „комплицирана и сложена“.

Неделникот „Шпигел“ потсетува дека „стотина Срби со недели го блокираат сообраќајот на северот на Косово“ и додава: „Непосредно пред началникот на Генералшатбот да тргне во пограничното подрачје, неколку српски медиуми на онлајн-мрежите објавија снимка на која се слуша пукање. Како што се наведува, станува збор за ‘борби' до кои дошло во неделата попладнето. Косовските оружени сили наводно се обиделе да ги отстранат барикадите кои претходно ги поставија Србите. Косовската полиција тоа веднаш го демантираше“, објави „Шпигел“.

Со доаѓањето на Русите, Белград се менува со невидена брзина

Со ситуацијата на Балканот, односно во Србија, се занимава и весникот „Франкфуртер алгемајне цајтуг“, кој објавува текст замасовното доаѓање на Руси во земјата. Авторот на текстот, Михаел Мартенс, оценува дека главниот град на Србија во последните месеци се менува со брзина каква што не е забележана во неговата долга историја.

„Причина за тоа е големиот број луѓе од Русија кои се населија во српскиот главен град по рускиот напад на Украина. Стигнаа во два брана. Првиот бран го зафати Белград по 24 февруари, кога почна руската инвазија врз Украина. Тоа главно беа одлучни и горди Руси кои поради својата совест не можеа или не сакаа да се помират да продолжат да живеат во агресорска земја. Другите дојдоа првенствено од економски причини, зашто не сакаа да го загубат пристапот до пазарите и глобално вмрежените банки. Често се во комбинација и прагматични интереси и морална аверзија кон рускиот режим. Сакале нивните фирми да продолжат со работа, а не сакале детето да им израснува во фашистичко општество кое Путин го создаде во Русија, како што објаснува една брачна двојка, успешна во ИТ- секторот.“ 

Мнозинството Руси во Белграднема финансиски проблеми, но нив сега ги имаат некои Срби, зашто поради доаѓањето на голем број Руси, цените на станарините се покачија четири пати, пишува „ФАЦ“.

Србија: Високи станарини поради доселените Руси

03:12

This browser does not support the video element.

Вториот бран доселеници, се наведува, почна кога Путин на 21 септември најави мобилизација. „Тој бран уште не е завршен, напротив. Секој ден расте бројот на руски државјани пријавени во Србија. Според податоците на српското МВР, само во периодот од февруари до октомври, престој во Србија пријавиле преку 140.000 руски државјани, од кои мнозинството во Белград.“

Во текстот се потсетува дека според податоците на српското МВР, во Белград има и околу 23.000 Украинци и околу 5.500 Белоруси. „Меѓутоа, тие речиси 170.000 луѓе – во меѓувреме веројатно се и повеќе, не се рамномерно распоредени низ целиот град од околу два милиони жители. Тие живеат главно во центарот и подобрите градски квартови(...) Рускиот стана втор јазик во Белград, а Русите се најголемо малцинство во градот."

Тој друг бран, како што оценува весникот „ФАЦ“, се смета за помалку политички. „Дел од тој бран се и некои Руси кои можеби се помалку против Путин, а повеќе против ефектите кои за нив самите ги има неговата политика. Во секој случај, тие немаат намера за Путин да ги изгубат своите животи на бојно поле.“

Меѓу иселениците од првиот и вториот бран во Белград понекогаш постои и анимозитет, и на политички активните Руси кои се дел од првиот бран, им пречи опортунизмот на некои нивни сонародници кои живеат во Белград, пишува „ФАЦ“.

„Но, не мора секогаш опортунизмот да биде причина за нивната воздржаност. Еден организатор на руската дијаспора вели дека некои Руси даваат великодушни донации за протести против Путин, но водат сметка да не настапуваат јавно, зашто и натаму имаат роднини во Русија или деловни интереси. Нивната претпазливост е оправдана, со оглед што на чело на српската тајна служба од неодамна е Александар Вулин, проруски политичар и верен следбеник на претседателот Александар Вучиќ. Тие не сакаат да се експонираат во земја чие население ги дочека со раширени раце, но чија политика е колеблива“, заклучува Мартенс во статијата за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми