1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски медиуми: Скепсата кон ЕУ победи во Македонија

БГ
10 мај 2024

Закочениот европски пат, неспособноста и корупцијата му ставија крај на владеењето на СДСМ, пишуваат германските медиуми. Дали со ВМРО-ДПМНЕ земјата ќе тргне по друг пат?

Гордана Сиљановска-Давкова Христијан Мицкоски Македонија
Гордана Сиљановска-Давкова и Христијан Мицкоски по изборната победаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Во иднина ќе владеат националистите", „Скепсата кон ЕУ победи во Македонија"... со вакви и слични наслови германските медиуми јавуваат за промената на власта во земјата по убедливата, двојна, победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите на 8 мај.

Зидојче цајтунг (ЗЦ) се занимава со причините за тешкиот пораз на власта, и пишува дека про-европските, но корумпирани социјалдемократи убедливо загубиле, а Северна Македонија е пред промена на курсот, со последици за влезот во ЕУ.
„Седум години откако про-европските социјалдемократи му ставија крај на авторитарно-корумпираниот режим на Никола Груевски, за нив гласаа само 15 проценти од граѓаните. Тешкиот пораз е последица на големите корупциски скандали, застојот на патот кон ЕУ, како и на економијата“, пишува ЗЦ.

Весникот наведува дека СДСМ тргнал добро по освојувањето на власта, со постигнувањето на Преспанскиот договор, членството во НАТО и мерките за борба против корупција и поголема транспарентност. Но, веќе во следните години дојде до назадување, а како пресвртна точка ЗЦ го означува бугарското вето за почетокот на преговорите со ЕУ во 2020 година.

„Но Социјалдемократите сами си ископаа политички гроб: Договорот од милијарда долари за изградба на автопат со турско-американската групација Бехтел беше склучен со посебен закон, без отворен тендер и не беше објавен пред јавноста со слаби изговори. Во 2023 владата донесе измени во Кривичниот закон со кои, фактички ги амнестираше поранешните функционери и бизнисмени осомничени за корупција“.

Како примери за неспособноста и корупцијата на владата Зидојче цајтунг ги наведува и слабиот раст на економијата, скандалот на Клиниката за Онкологија, како и проблемот со издавањето на пасошите со новото уставно име. 

Виновна е и ЕУ 

Тагесцајтунг (ТАЦ) префрла дел од вината за тешкиот пораз на про-европските сили на ЕУ.

„Про-европските социјалдемократи беа оставени на цедило од ЕУ-членките. Сега земјата сврте кон десно“, заклучува ТАЦ во воведот на анализата.

„Галопирачки цени на енергенсите, пад на реалните плати, распространета корупција: Да, ова неспорно доведе до пад на владата во Скопје и ја еродира нејзината гласачка база. Но, СДСМ, која како ниедна друга партија во Северна Македонија сакаше конечно да ја внесе земјата во ЕУ, беше оставена на цедило. Од елитите на ЕУ во Брисел, како и од поединечни земји-членки на ЕУ, вклучително и од тешкашите“, пишува ТАЦ

ЕУ ги остави на цедило социјалдемократите, пишува ТАЦ: фото: Стево Пендаровски и Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski

Според берлинскиот весник, мнозинското чувство во земјата е дека „ЕУ не не сака вакви какви што сме, и ќе не прими дури откако ќе ни го смени идентитетот“.

„Затоа што се чувствуваа понижени, граѓаните ја понижија својата влада. Тоа беше нивната јасна порака. Но дали некој надвор ќе ги слушне?“, пишува ТАЦ.

Крај на патот кон ЕУ

Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) уште во насловот оценува дека „Скепсата кон ЕУ победила во Северна Македонија“. 

„Конзервативно-националистичката ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи на парламентарните и претседателските избори во Северна Македонија. Со тоа, курсот на приближување на земјата кон ЕУ, кој со години е заглавен и од 2019 година фактички постои само на хартија, во догледна иднина заврши“, заклучува ФАЦ.

Констатирајќи дека земјата ја добила и првата жена претседател, ФАЦ наведува дека „Гордана Сиљановска-Давкова важи за националист“.

„Со тоа, сега во Скопје дува нов ветар. Мицкоски не е подготвен, за една ’нејасна европска иднина’, да прави нови отстапки кон соседите. Тој го отфрли и преименувањето на државата во 2018 година. Мицкоски тогаш предупреди дека на крајот земјата нема ништо да добие, и ќе биде блокирана на патот кон ЕУ. Тоа што неговото тогашно предвидување се оствари, потоа дополнително ја зајакна неговата позиција. Истовремено тоа ги ослабе социјалдемократите кои фрлија сѐ на европската карта“, заклучува ФАЦ.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми