1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски парадокс: И откази и потрага по стручни кадри

СН | АРД
4 март 2024

Цела низа германски компании кратат илјадници работни места, а во исто време не престанува лелекањето за „недостиг од стручна работна сила“. Затоа што во исто време се случуваат големи промени во индустријата.

Вработена во ЗФ Фридрихсхафен монтира електричен мотор
Вработена во ЗФ Фридрихсхафен монтира електричен моторФотографија: Karl-Josef Hildenbrand/picture alliance/dpa

Софтверската компанија САП има намера да укине 8.000 работни места ширум светот, Континентал - 7.150, Бош - 1.200. И ЗФ Фридрихсафен и Фолксваген објавија дека веќе нема да им бидат потребни толку многу вработени.

Тука е и градежната индустрија, каде веќе почнаа отпуштањата. И во банките се затвораат филијали и се отпуштаат вработени. Новиот шеф на Бајер, Бил Андерсон ја најави новата структура на фармацевтскиот гигант, но и јасно стави до знаење дека во неа во никој случај нема да има толку многу вработени. Списокот на големи, но и средни и семејни претпријатија кои планираат да го намалат бројот на работни места е многу, многу долг.

Образложението е секогаш слично: „општата економска рамка е променета“. Фирмите и цели индустриски гранки мора да се променат ако сакаат да останат конкурентни. Од една страна тука се трошоците за енергија, кои во Германија се сè поголеми, а тука е и политиката која повикува на климатско неутрално производство.

Потоа, тука е дигитализацијата, која го менува целиот производствен процес, според кој мора да се промени и организациската структура. Сето тоа значи дека некои производни процеси ја изгубиле својата економска смисла, па концерните одделуваат цели сегменти, ги продаваат или самостојно ги испраќаат на берзата. Во исто време, има сѐ повеќе соработка во оваа огромна транзиција, бидејќи обидите да се направи нешто самостојно се прескапи дури и за најголемите претпријатија.

Енергетски интензивното производство во Германија повеќе нема никаква економска смислаФотографија: 3dmentat/imago images

Промените станаа „нормални“

Сето ова бара и поинаква стручност, способности и технолошка подготовка на вработените. „Нашиот работен свет станува сѐ побрз и покомплексен“, вели Јута Рамп од Институтот за вработување и светот на работа во Лудвигсхафен. „Промената е нормална состојба, а треба да најдеме одговор на тоа.“ Меѓутоа, проблемот е што не постои единствен одговор за совладување на целата низа предизвици.

Енцо Вебер од Институтот за пазар на труд и истражувања на професиите при германската Канцеларија за вработување во Нирнберг го релативизира овој тренд. „Во изминатите години имаше нешто повеќе отпуштања, но долгорочно стапката е сè уште ниска, како што не била долго време.“ Она за што сега се известува, во прв ред, се промените во големите, глобални концерни“.  Зашто, промените кај „малите“ почнаа одамна, а за нив не се пишува многу.

Она што ја карактеризира сегашната ситуација е тоа што во исто време се испреплетуваат цела низа промени, од стремежот кон климатска неутралност, преку сè поскапата енергија во Германија, но истовремено и очигледната деглобализација и промените во глобалното движење на стоки и услуги. А, бидејќи на целокупни технолошки решенија, како на пример, на моторите со внатрешно согорување, веќе не им се предвидува никаква иднина, така и стручните работници во овие области стануваат вишок. Во исто време, речиси панично се бараат стручни кадри кои ќе го најдат одговорот за идните технолошки решенија, од вештачката интелигенција до водородната технологија.

Работниот свет се менува со вртоглава брзинаФотографија: Martin Schutt/dpa/picture alliance

Нема стручњаци за „фрлање“

Во Германија огромен проблем е и тоа што генерацијата родена во раните 1960-ти ќе замине во пензија во догледно време. „Поради демографскиот развој, до 2035 година ќе останеме без седум милиони вработени, доколку не најдеме решение“, вели Вебер. А дали Германија и без нив ќе остане индустриска велесила - тоа е секако големо прашање за иднината.

Дополнителен проблем е што со оваа брзина на промени во работниот свет, школскиот и образовен систем не успева да се промени. Некои професии и експерти кои беа барани пред само десет години, денес се сѐ помалку потребни, и овие млади стручњаци сега треба да бараат работа.

Германските концерни стануваат сѐ посвесни дека треба да се потрудат да пронајдат стручњаци кои им се потребни. Цела низа големи компании - Ковестро, Хенкел, Бош, РВЕ, па дури и Дојче банк - основаа т.н. „сојуз на шанси“, каде на соработниците во некој сектор кои повеќе не им се потребни им се нуди дополнително образование за работа во друга област. Тоа е нешто од што можат да имаат корист и помалите компании.

„Се наоѓаме во време на исклучително големи можности“, смета Вебер. Сè помалку ќе има смисла да се опстојува на 'старата' индустрија и технологии, особено затоа што има сѐ повеќе деловни можности во 'новите' и 'зелените' области. „Тука се бараат луѓе кои можат да направат нешто технички“, вели Вебер. Затоа тој не зборува за „пропаст“, туку за „преродба“ на германската економија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми