1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историски триумф на кошаркарите од земјата на фудбалот

БГ/ ДВ
11 септември 2023

Германските медиуми се заинтересираа за кошарка откако нивната репрезентација го освои златото на Светското првенство со победата над Србија. Но, коментаторите и натаму не можат да побегнат од споредбите со фудбалот...

Германија е светски шампион во кошарка
Германија е светски шампион во кошаркаФотографија: Jayne Russell/Imago Images

„Ова хипер возбудливо финале на Светското првенство во секоја секунда беше она за што копнеам по поразот на нашата фудбалска репрезентација“, пишува главната уредничка на Билд во својот коментар. „Храброст, класа, уживање во играта, и од глава до петица- желба за победа“. 

Спортскиот портал Sportbuzzer пишува дека германските кошаркари биле мотивирани во секоја секунда. „Не само што рекоа дека сакаат титула, туку ја покажуваа таа волја и на паркетот. Се расправаа меѓусебно додека снимаа камерите, но тоа имаше ефект на освежување. Колку е силна разликата не само во однос на германските фудбалери...“ 

Денис Шрудер ја предводеше германската репрезентација до светското златоФотографија: Michael Conroy/AP/picture alliance

Хамбуршкиот весник Абендблат се осврнува токму на тие референци: „Германските светски прваци ќе играат битна улога и на Олимписките игри- и не заслужуваат да ги споредуваат со фудбалерите“. 
Оберхесише цајтунг го прогласува ова за успех на волјата и оценува: „Овој успех секако се впишува во листата на најголемите германски спортски успеси на сите времиња“. 

Од аутсајдер до светски првак 

Келнскиот Штат Ајнцајгер излегува со наслов: „Германија се професионализираше од аутсајдер до светски шампион“.
„Долго светската титула беше чиста утопија. Но, германската кошарка одлучи да стане подобра. И еве ги резултатите“. 
Во сличен тон пишува и Франкфуртер алгемајне цајтунг кој наведува дека титула навистина е „сензација, но не е случајност“.  „Германскиот тим го одликува фасцинантна комбинација на леснотија и продорност на сите позиции. За да се стигне до тоа ниво, беше потребен долг залет“.  

Големиот успех на кошаркарите повторно остана во сенка на неуспесите на фудбалеритеФотографија: Michael Conroy/AP/picture alliance

Тагесшпигел споменува и друг фактот на успехот: „Светислав Пешиќ е секогаш тука некаде кога Германија ги слави своите најголеми кошаркарски успеси. Во текот на освојувањето на европската титула во 1983 година го водеше тимот, а овојпат поразот на неговите Срби овозможи сензација. Но, има уште паралели со 1993 година“. 
„Повторно настапот на германскиот тим мина под радарот на јавноста. Дури и сега оваа нација повеќе дискутира за Ханзи Флик (селекторот на германската фудбалска репрезентација, н.з.) одошто за германските кошаркари. И тогаш и сега, кошарката е спореден спорт во Германија“. 
Весникот Рајнфалц наведува дека Дирк Новицки и натаму е најголемиот германски кошаркар на сите времиња, но дека најголемиот германски тим е овој од Манила. „Финалниот натпревар против силните Срби беше израмнета, и доколку победеше противникот ќе беше заслужено, но тоа не го намалува успехот на Германците“. 

Светислав Пешиќ е кошаркарска легенда во ГерманијаФотографија: Michael Conroy/AP Photo/picture alliance

Игнорирано првенство  


Овој весник го критикува интересот на телевизиите. Имено, првенството го пренесуваше стриминг-сервисот Магента, кој на комерцијалните телевизии и јавниот сервис им ги нудеше права за елиминациските мечеви на Германците. Но, јавниот сервис се согласи дури за финалето. 
„Тоа е горко за кошаркарите, и покажува загрижувачки развој. Двата канали на јавниот сервис неодамна ги пренесуваа сите мечеви од Светското фудбалско првенство за жени, и кога не играа Германките, а кошаркарското првенство беше игнорирано“.
На крајот, весникот Везер курир излегува со наслов „Ве молиме, повеќе кошарка!“ Во текстот се наведува дека кошаркарите биле толку добри, колку што фудбалерите се лоши. „Оние кои го поддржуваат врвниот спорт од буџетот ќе мораат да го имаат тоа предвид“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми