1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Печат: Никој не знае како да се постигне мир во Украина

20 февруари 2023

На Конференцијата за безбедност во Минхен многу се зборуваше, но остана впечатокот дека мирот во Украина е многу далеку, пишува германскиот дневен печат. Кинеската мировна иницијатива беше дочекана со скептицизам.

Аналена Бербок
Никој не знае како да се постигне мир во УкраинаФотографија: ODD ANDERSEN/AFP/Getty Images

Во Минхен заврши големата Конференција за безбедност на која повторно се собраа државници, дипломати и лобисти од целиот свет. Русите овојпат не беа поканети, па конференцијата беше посветена само на една тема - војната во Украина. 

Во понеделникот (20.02) германскиот дневен печат објави бројни коментари.

„Желбата за мир во Украина ги обедини шефовите на држави и влади, министрите за надворешни и внатрешни работи на конференцијата во Минхен, како и шарените демонстранти пред зградата“, пишува берлински Тагесцајтунг. „Но, тоа беше тоа. Затоа што мислењата жестоко се разијдуваат по прашањето како да се постигне мир и како треба да изгледа тој мир “.

„Германската шефица на дипломатијата, Аналена Бербок, имаше подготвен банален одговор: праведен мир подразбира дека оној што го нарушил територијалниот интегритет - имено Русија - ги повлекува своите војници од окупираната земја. Во право е. Но, за сите на конференцијата беше загатка како тоа да се постигне во догледна иднина“, додава весникот. 

Угледниот Зидојче цајтунг пишува: „Една година на секојдневни убиства и уништувања и година на глобални економски тешкотии се во целосна спротивност со западната самоувереност која што површински ја обои оваа конференција“.

„На лицата на украинските учесници се отслика што навистина се случило. Ништо што се слушнаа во Минхен не им влеа сигурност. Ниту заклетвите за солидарност. Ниту зборовите што дојдоа од таканаречениот глобален југ , а особено не од кинеската мировна иницијатива“, заклучува минхенскиот весник. 

Пекинг на виделина  

Мителдојче цајтунг коментира за кинеската најава за мировниот план : „Пекинг е свесен за копнежот на луѓето во Европа за мир и нивната подготвеност да се фатат за секоја сламка за спас“. Затоа ќе има дебата за иницијативата на суперсилата Кина, која треба да делува како противтежа на масовното вооружување на земјите од НАТО“. 

Во Минхен се одржаа и проукраински и проруски мировни демонстрацииФотографија: Kai Pfaffenbach/REUTERS

Весникот додава дека Западот мора да го извади Пекинг на виделина, со тоа што „пред очите на целиот свет, ќе се мери само со тоа дали навистина го користи своето влијание врз Путин за тој да се повлече од Украина - и со откажување од сите области на кои сега тврди дека има право“.

Рајн Некар Цајтунг има поинаков став, кој наведувајќи дека Западот нема причина автоматски да го отфрли предлогот од Кина. „Затоа што кинескиот претседател Си Џинпинг веќе му постави граници на Путин кога на денот на посетата на Олаф Шолц на Пекинг предупреди дека не смее да се користи атомско оружје“. 

„Второ, како посредник во прашањето доаѓа само држава која има некаков вид на еквидистанца кон Украина и Русија. Западните партнери не можат да бидат тоа. Турскиот претседател Ердоган, кој придонесе за успехот на договорот за извоз на жито, делуваше како посредник во НАТО - но и тој не е баш голем демократ“, пишува весникот.  

Чекањето е пари... и животи  

Економскиот весник Ханделсблат пишува за западните испораки на оружје за Украина. „Времето е пари - тоа ќе се покаже во наредните недели. Ако Западот продолжи да се двоуми, цената на крајот нема да бидат само човечки животи, туку потфатот ќе биде и поскап, бидејќи за повторното освојување на изгубените територии ќе се бара уште повеќе оружје“.

„Војната ќе завршеше побрзо доколку војниците на Путин беа запрени за време на новата офанзива. Тогаш преговорите за крајот на војната би станале поизвесни и би можеле побрзо да започнат. Ако руските војници напредуваат на фронтот, мирот е одложен, а загубите и гладта за оружје продолжуваат да растат“, смета коментаторот.

Весникот Меркише Одерцајтунг го разгледува барањето на Украина да им испорача касетни и фосфорни бомби, што беше одбиено од германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. 

„Касетните бомби предизвикуваат ужасни повреди и со добра причина се презрени ширум светот - вклучително и многу земји од ЕУ - додека фосфорните бомби во најмала рака се контроверзни“, потсетува текстот. Весникот оценува дека Киев си направил лоша услуга со ова барање.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми