1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОбразованиеГерманија

Германски јазик - билет за излез од сиромаштијата

Зоран Арбутина
12 август 2023

И покрај глобалната доминација на англискиот како прв странски јазик, германскиот јазик покажува голема виталност. За многу луѓе, посебно на Западен Балкан, тој е влезница за германскиот пазар на труд.

Symbolbild - Lehrer vor Schulklasse
Фотографија: picture-alliance/G. Petersen

За милиони луѓе ширум светот англискиот стана јазик на кој комуницираат со луѓе надвор од говорното подрачје на својот мајчин јазик. Во глобализираниот и дигитализиран свет на бројни комуникациски канали и глобално тесно испреплетени економии, познавањето на англискиот јазик се подразбира, пред сѐ во деловниот свет и меѓу младите. На тој јазик може да се разбираат ширум светот, без оглед на тоа каде се и каде патуваат.

Оттука не зачудува што и во земјите на Западен Балкан англиски секаде е прв странски јазик кој се учи на училиште. Веднаш зад него во БиХ, Хрватска или Србија следува германски, вели за ДВ Бенјамин Хеџиќ, советник за образование на федералната министерка во БиХ и претседател на Меѓународното здружение на професори по германски јазик ИДВ.

Зборувајќи за ситуацијата во БиХ тој вели дека „имало обиди како втор јазик да се воведе руски, турски, арапски, па дури и кинески, но дека тоа останале мали проекти со стотина ученици. Во најголемиот дел случаи англиски е првиот странски јазик, а германски - вториот. А, тие кои учат и трет, во некои гимназии, учат француски”, вели тој.

Бенјамин Хеџиќ, претседател на Меѓународното здружение на професори по германски јазик ИДВФотографија: Edith Bachkönig/DW

Јазикот и иселувањето

Има повеќе причини за учење германски, вели Хеџиќ, но главна е економската. „Германскот јазик е доминантен кај младите и оние кои сакаат да студираат и да работат некаде на германско говорно подрачје. Тоа посебно важи за југоисточна Европа, но и некои други земји, како Индија или Субсахарска Африка. Таму многу се учи германски затоа што тоа е своевиден билет за излез од сиромаштија во некој подобар свет”, вели тој.

Статистичките податоци велат дека само од БиХ годишно заминуваат 50 до 60 илјади млади, многу од нив во Германија, Австрија или Швајцарија. Тоа е секоја година по еден помал град во БиХ. Проблемите се сериозни, предупредува Хеџиќ. „Одливот на млади од Хрватска, Србија или БиХ е многу голем. Нам ни е драго што се учи германски, но ние би сакале учењето на јазикот да не е само во еден правец, туку да има размена на култура, да може подобро да се живее и на Балканот, а не да доаѓаме во Германија за подобро да живееме. Би сакал младите луѓе кои доаѓаат овде и стекнуваат некакви компетенции да се враќаат во своите земји и да настане некаков проток и културна размена затоа што така може да се гради подобар свет”, вели Хеџиќ.

Има повеќе причини за учење германски, но главна е економската, вели ХеџиќФотографија: Fotolia/HandmadePictures

Културни врски

Но, не е секогаш само економската мотивација во основата на желбата да се учи германски. Во Хрватска, Србија или БиХ уште од времето на Австро-Унгарија постојат бројни семејни врски со Германија или Австрија, германската култура се доживувала како важна и интересна, а тоа дополнително е засилено за време на војните во 1990-тите. Тогаш само од БиХ избегаа околу 800 илјади луѓе, најголем дел во земји од германско говорно подрачје. Најголемиот дел одамна се вратени и тие германскиот го донесоа со себе, вели Хеџиќ. „Има многу семејни и пријателски врски,луѓето имаат потреба да комуницираат на германски - не се тоа само економско-деловни причини”, посочува тој.

Учењето јазик секогаш е поврзано и со запознавање на културата која настанува на тој јазик. И тука во светски размери германскиот се наоѓа под голем притисок на англискиот, кој доминира во современата попкултура - музика, филмови или видео игри. А, не треба да се занемари ни фактот дека постојат светски јазици со толку голем број луѓе кои ги зборуваат, како кинески или шпански, така што во споредба со нив бројот на луѓе кои го зборуваат германскиот јазик е мал. Секако дека на сите тие јазици се шири и културата.

Но, на подрачјето на Западен Балкан германски и натаму се доживува како голем и важен јазик. „Иако во денешно време е тешко да дефинирате културни кругови и да разграничите кое влијание од каде потекнува, сепак во земјите на Западен Балкан се забележува присуството на германската или австриската култура во земјата и во секојдневниот живот”, вели Хеџиќ и додава дека е „тешко да се каже јасно што е тоа германско што влегува во БиХ како дел од културата. Но, неспорно е дека земјата е свртена кон Европа, кон Западот и кон германското говорно подрачје. Тоа јасно се гледа од медиумите, од начинот на облекување, трговските ланци…тоа влијание е големо”.

Побрзо до работа со познавање германски јазик

02:31

This browser does not support the video element.

Да се приближи автентичноста на јазикот

Сѐ до 1980-тите, на подрачјето на Западен Балкан, но и на други места во светот, доминантна бил граматичко-преведувачкиот метод на учење на јазикот - напамет се учеле граматички правила и зборови, праксата генерално се учела преку преведување. Тоа овозможувало пишување и читање на стариот јазик, но неговото активно користење многу често било ограничувано. Тоа во меѓувреме се промени, објаснува Хеџиќ: „Денес наставниците користат различни аудио-визуелни медиуми и индуктивен пристап. Се разговара со учениците, се прават обиди да им се приближи автентичноста на јазикот. Тешко е да се владее со јазикот ако се нема контакти, ако не се зборува. Тука медиумите се многу важни. Ние имаме сѐ повеќе ученици кои германски научиле гледајќи серии или слушајќи музика. Наставата се фокусира на тоа со учениците да се зборува на германски.”

Во тоа на наставниците им помага и програмата на ДВ за учење јазици. Тоа е, како што нагласува Хеџиќ, посебно важно кога станува збор за мали јазици. „Многу е корисно што ДВ во делот кој се занимава со учење јазици, има содржини и на босански, што за толку мал јазик е многу битно”, вели тој. Покрај тоа, многу успешна програма е и бавното читање вести. „Тоа не се користи само за учење јазик, туку и за вежбање симултан превод. Тие содржини се многу добредојдени за оние кои сакаат да учат јазик”, нагласува Бенјамин Хеџиќ, претседателот на ИДВ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми