1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Канцеларот Шолц под притисок поради Таурус

Кристоф Хаселбах
14 март 2024

Некои политичари од коалицијата заедно со опозициската ЦДУ бараат испорака на крстосувачките ракети Таурус за Украина. Шолц и натаму одбива. Дали канцеларот има мнозинство?

Германскиот канцелар Олаф Шолц
Германскиот канцелар Олаф Шолц е против испорака на ракети Таурус на УкраинаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

„Јас сум канцелар и затоа ќе биде како што велам", категоричен беше Шолц. Тој одбива испорака на германските крстосувачки ракети со дострел од 500 километри за Украина. Тој смета дека оружјето може да се користи само со учество на германски војници и дека тоа може да ја вовлече Германија во војна. И на седницата за парламентарни прашања уште еднаш повтори дека „тоа е граница која јас како канцелар не сакам да ја пречекорам”. 
Сепак се чини дека категоричноста нема влијание, затоа што во однос на тоа прашање не се согласуваат со него ниту дел од политичарите од семафор коалицијата, кои влечат на иста страна со ЦДУ и ЦСУ.

Антон Хофрајтер од Зелените заедно со експертот на ЦДУ за надворешна политика Норберт Ретген напиша колумна за ФАЦ во која на Шолц му префрлаат „катастрофален дефетизам” и лажна изјава. Велат дека кога Шолц тврди оти испораката на Таурус ќе ја направи Германија страна во војната, тоа е „фактички и правно погрешно”.

Воен авион Торнадо со крстосувачки ракети ТаурусФотографија: Andrea Bienert/Bundeswehr/dpa/picture alliance

„Одметници” кај Зелените и Либералите
 

Но, на Хофрајтер може да му се приклучат и други одметници со оглед на тоа дека кога Унијата во февруари годинава поднесе експлицитно барање во Бундестагот за испорака на Таурус, иако неуспешно, и тогаш имаше еден глас од коалицијата, имено пратеничката на Либералите, Штрак-Цимерман. Унијата планира повторно да го поднесе истото барање и овој пат се надева на поголема поддршка од пратеници од владејачката коалиција. Штрак-Цимерман е решена повторно да гласа „за", додека Хофрајтер и покрај контрирањето на Шолц наводно уште нема одлучено. Министерката Бербок исто така меѓу редови стави до знаење дека е за испорака на Таурус.

Остра критика од ЦДУ


Украина воено сѐ повеќе е во тесно и тоа влијае и врз Германија, смета Родерих Кизеветер од ЦДУ. „Мора да биде јасно дека ако Путин не биде сопрен во Украина, за сите масивно се зголемува опасноста од војна!", вели тој за ДВ.
Кизеветер ги отфрла јавно  искажаните задршки на Шолц  како „наводни причини” и прашува „што навистина се крие зад тоа? Или дозволува да биде заплашен од руските дезинформации, или не сака Украина да ја добие војната, туку сака да преговара диктиран лажен мир со Путин". Шолц ова категорично би го отфрлил.
 

Идеја за размена во круг

И партнерите на Германија се обидуваат да влијаат на канцеларот и да му ги растераат грижите заради Таурус. Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг во контекстот изјави дека „Украина има право на самоодбрана според Повелбата на ООН”, а тоа според него подразбира и воена помош од земјите на НАТО. Тој ја поздрави испораката на крстосувачки ракети Сторм Шедоу и Скалп од страна на Велика Британија и Франција, кои сепак имаат само половина од дострелот на германските Таурус. Британскиот министер за надворешни работи Камерон понуди замена, односно Германија да испорача Таурус на Велика Британија, а таа на сметка на тоа уште повеќе ракети од типот Сторм за Украина. За неговата колешка Бербок, тоа би било можна „опција”. И ред други оолитичари од Зелените сакаат во заедничка изјава да ја поддржат ваквата идеја.

Стратешки важниот за Русија Кримски мостФотографија: AP/dpa/picture alliance

Екс-генерал со поддршка за Шолц
 

Шолц го одбива и тоа. Многумина сметаат дека веќе во визирот ги има претстојните избори и сака да се профилира како мировен канцелар. „Да се биде присебен не е нешто што треба да се гледа како слабост, како што некои мислат, туку граѓаните имаат право да очекуваат присебност”, рече Шолц за време на пратеничките прашања.
Тој доби поддршка од поранешен генерал на Бундесверот. Хелмут Ганзер во „Меѓународниот журнал за политика и општество” жали дека премалку се размислува за  последиците од употреба на Таурус.  Главна цел на ракетите, претпоставува Ганзер, би бил стратешки важниот мост Керч кој води од руско копно до Крим и преку кој се снабдува целокупниот јужен фронт во Украина. „Не само во Москва, туку и меѓународно уништувањето на мостот ќе се сфати како специфичен германски придонес”, предупредува поранешниот генерал.
Но, и да се случи, тоа не би се подобрила на клучен начин воената ситуација за Украина, вели Гензер и предупредува од „непресметливи ризици” за Германија.  Затоа екс генералот го поддршува канцеларот во одбивањето на испорака „бидејќи тоа би ја вовлекло Германија длабоко во сивата зона на учество во војната”.
 

Нарушен авторитетот на Шолц

Сепак, нејасно е дали Унијата овој пат ќе успее да собере мнозинство во Бундестагот за барањето за испорака. СПД стои децидно зад канцеларот. Левицата и АФД најрадо воопшто не би му помагале на Киев и го поддржуваат Шолц во оваа точка, иако таквата поддршка за Шолц е политички чувствителна. Мнозинството од граѓаните исто така го делат ставот на канцеларот -  во најнова анкета 61 проценти одбиваат испорака на Таурус за Украина.

Дали Зелените и Либералите би придонеле за уште една криза во и онака разнишаната коалиција? Во однос на гласањето во коалицискиот договор стои дека „пратеничките групи во Бундестагот и неговите тела гласаат на иста линија."
Шефовите на пратеничките групи од Либералите и Зелените се повикуваат на тоа и навестуваат дека ќе бараат дисциплина од нивните пратеници, што не исклучува поединци да гласаат поинаку. Но, никој во коалицијата во моментов нема интерес за нејзин распад, бидејќи сите три партии во анкетите не стојат добро. Авторитетот на Шолц кој кажа што имаше, а дебатата сепак продолжи, вака или онака е нарушен. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми