1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шефот на германската дипломатија Вадефул сѐ поизолиран?

6 ноември 2025

Депортација или не? Канцеларот Фридрих Мерц отворено му контрира на својот партиски колега Јохан Вадефул по прашањето за враќање на сириските бегалци.

Сирија Хараста 2025 | Германскиот министер за надворешни работи Вадефул во посета на хуманитарен проект во разурнатиот град
Министерот за надворешни работи Јохан Вадефул кон крајот на октомври во уништеното предградие на Дамаск, ХарастаФотографија: Marcus Brandt/dpa/picture alliance

Разликите меѓу министерот за надворешни работи Јохан Вадефул и канцеларот Фридрих Мерц во меѓувреме се евидентни. Сириските бегалци што живеат во Германија на краток рок не може да се вратат во нивната татковина. „Тука човек едвај да може да живее достоинствено“, оцени Вадефул за време на неодамнешната посета на предградие на Дамаск, тешко погодено од сириската братоубиствена војна.

Наспроти него, канцеларот смета дека „граѓанската војна во Сирија е завршена. Сега нема апсолутно никаква основа за азил во Германија и затоа може да почнеме со враќање на бегалците“, порача Мерц токму во Хусум, родниот град на Вадефул на Северното Море.

Тоа звучеше како прекор кон неговиот сопартиец од ЦДУ, иако Мерц се обиде да го релативизира конфликтот со министерот посочувајќи дека Вадефул посетил особено разурнат дел од Дамаск. Тоа пак меѓу редови звучеше како министерот просто да бил преплавен од емоции.

Владиниот портпарол Штефан Корнелиус потоа се обиде дополнително да ги намали димензиите на конфликтот и рече дека „се разбира оти канцеларот стои зад министерот за надворешни работи“.

Страв од АфД

Но, веќе се беше создал спротивниот впечаток. Со денови критичари од партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ, се јавуваа со забелешки, вклучително и министерот за внатрешни работи Александер Добринт (ЦСУ). Добринт генерално не гледа причина против депортации во Сирија.

Јирген Крингс, заменик шеф на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, за магазинот „Штерн“ оцени дека „со ставањето крај на граѓанската војна во Сирија, отпаѓа основата за заштита на сите бегалци од неа. Затоа и досегашните хуманитарни дозволи за престој мора да бидат поништени во блиска иднина“.

Канцеларот Мерц (десно, овде во Бундестагот) отворено му се спротивстави на министерот за надворешни работи ВадефулФотографија: Andreas Gora/IMAGO

Претседателите на покраинските ограноци на ЦДУ во Саксонија-Анхалт и Баден-Виртемберг го застапуваат истиот став како Добринт и бараат брзо враќање на луѓето од Сирија. Но, постои причина зошто токму овие двајца толку децидно се позиционираат против против министерот за надворешни работи. Имено, во двете покраини следната година се одржуваат покраински избори. ЦДУ е под притисок од АфД, која со бескомпромисната политика во однос на бегалци поентира на анкетите со јасно водство во Саксонија-Анхалт. Грижата на совест на Вадефул очигледно воопшто не им оди во прилог на тамошните политичари од ЦДУ.

Речиси како потврда на ова, лидерката на АфД, Алис Вајдел, ја обвини ЦДУ дека „одбива да депортира луѓе“. „Со оглед на актуелните анкети, во ЦДУ/ЦСУ постои голема вознемиреност“, пишува Хенинг Хоф од Германското друштво за надворешна политика. „Влијателни делови од партијата сметаат дека таквата динамика може да биде свртена со 'поцврст став' во миграциската политика и затоа не сакаат да покажат 'никкава слабост'“, оценува Хоф за ДВ.

Но, Хоф истакнува и дека не само што е „нехумано“, туку е и „нереално“ да се верува дека „некој едноставно може да ги испрати дома околу еден милион сириски бегалци, од кои повеќето се добро интегрирани. За такво нешто нема услови во Сирија“.Од чисто правна гледна точка, само многу мал дел од Сиријците што живеат во Германија во моментов би можеле да бидат депортирани. Но, тоа во дебатата во рамките на ЦДУ/ЦСУ во моментов не игра речиси никаква улога.

„Присилна солидарност“ со Израел, „преоптоварен“ Бундесвер

Сирија не е единствената тема за која Вадефул е предмет на критика од сопствената партија. Во август министерот изјави дека распоредување во Украина би го „преоптоварило“ Бундесверот, со што беше заслабната преговарачката позиција на Мерц, кој беше на пат кон Вашингтон за преговори за Украина со американскиот претседател Доналд Трамп. Потоа Вадефул се противеше на наводна германска „присилна солидарност“ со Израел, додека канцеларот го бранеше Израел од обвинувања за геноцид.

Јозеф Шустер, претседател на Централниот совет на Евреите во Германија, во весникот „Ди Велт“ го оцени изразот „присилна солидарност“ како „многу проблематичен и несреќен“. Политичари како Омид Нурипур од Зелените сметаат дека изразот го релативизира самопрогласениот германски „државен резон“ спрема Израел, односно безусловната посветеност на безбедноста на Израел.

Хоф смета дека „министерот за надворешни работи очигледно почесто се изразува премногу спонтано и без размислување - дури и за теми што не се во неговиот делокруг, на пример придонесот на Германија во 'Коалицијата на волните', со тоа што изрази загриженост дека Бундесверот ќе биде префорсиран. Во овој случај помалку зборување ќе беше поарно.“

Министерот Вадефул (л.) со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху: Нема „присилна солидарност“ со ИзраелФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Вадефул се погрижи и за проблем со Кина, еден од најважните трговски партнери на Германија. Посетата во Пекинг, Вадефул ја откажа краткорочно откако стана јасно дека не му се понудени понатамошни состаноци, освен планираната средба со неговиот кинески колега Ванг Ји. Кинеската влада протестираше.

Потсетување на Бербок и Шолц

Опозицијата со радост го прима интерниот конфликт во ЦДУ/ЦСУ. „Дури и во надворешната политика, канцеларот и ЦДУ, сега мора да се запрашаат зошто ЦДУ воопшто постави министер за надворешни работи“, се потсмеа Катарина Дреге, шефица на пратеничката група на Зелените во Бундестагот. „Секогаш кога министерот за надворешни работи нешто ќе каже, тоа веднаш е доведено во прашање од страна на неговите сопартијци“, додава Дреге.

Притоа, коалициската влада на ЦДУ/ЦСУ-СПД сакаше нештата да ги менаџира многу подобро од претходната влада под канцеларот Олаф Шолц од СПД. Пред сè треба да престанат јавните кавги, рече Мерц експлицитно осврнувајќи се на надворешнополитичкиот курс на неговата влада ЦДУ/ЦСУ-СПД. Тензии имаше меѓу Шолц и министерката за надворешни работи од Зелените, Аналена Бербок, која се чинеше дека некогаш води надворешна политика заобиколувајќи го канцеларот.

Сега се чини дека повторно се појавува истиот проблем, овојпат меѓу партиските колеге од ЦДУ. „Работите со ветената 'обединета надворешна политика' не функционираат“, оценува Хенинг Хоф. „Од една страна, тоа делумно се должи на реториката на Вадефул, кој со тоа навистина стана непопуларен во неговата партија, но, од друга страна, тоа се должи и на Канцлерамтот, кој сè уште е недоволно координиран и - во овој случај - реагира предоцна“, заклучува Хоф.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Кристоф Хаселбах Новинар, дописник од странство и коментатор на меѓународната политика
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми