Германскиот пасош попривлечен од кога било досега
23 мај 2026
Во Германија се наѕира нов рекорд во бројот на доделени државјанства: според истражувањето на весникот „Велт ам зонтаг“, во текот на минатата година повеќе од 309.000 луѓе добиле германски пасош. Тоа значи дека е надминат досегашниот рекорд од речиси 292.000 натурализации во 2024 година.
Податоците, според весникот, потекнуваат од 14 сојузни покраини; недостигаат само Мекленбург-Предна Померанија и Саксонија-Анхалт. Од покраините Долна Саксонија, Сар и Шлезвиг-Холштајн нема вкупни бројки, но речиси сите градови и окрузи од овие покраини ги ставиле на располагање своите податоци за натурализација на барање на весникот. Делумно станува збор за сè уште прелиминарни бројки.
Ќе аплицираат ли од 2027 година повеќе Украинци за германски пасош?
Повеќе општини, според извештајот, во моментов бележат намалување на бројот на барања, но веќе се подготвуваат за следниот бум на натурализации. Имено, во наредната година, според проценките на повеќе институции, сè повеќе Украинци би можеле да се стремат кон германски пасош.
„Бидејќи првиот голем бран бегалци започна со почетокот на конфликтот во Украина на 24.02.2022, првите бегалци ќе го достигнат потребниот минимум од пет години претходен престој во пролетта 2027 година“, изјави портпарол на округот Аурих за весникот.
Реформата на законот за државјанство стапи на сила во средината на 2024 година. Оттогаш, оној што станува Германец, по правило, смее да го задржи своето претходно државјанство. Дополнително, како општ услов се потребни пет наместо досегашните осум години престој во Германија. Новата сојузна влада останува на овие измени.
Бројката од речиси 292.000 натурализации во 2024 година беше рекорд од почетокот на статистиката во 2000 година и претставуваше пораст од 46 проценти во споредба со претходната година. Од натурализираните, 28 проценти потекнувале од Сирија, по што следуваат луѓе од Турција.
Бројот на македонски граѓани кои добиле германско државјанство во 2024 година е 2805. Од нив, 1375 се мажи, а 1430 се жени. Според возраста, 560 лица се малолетници. Просечната возраст на македонските граѓани кои добиле германско државјанство е 30,8 години. За споредба, во текот на 2023 година германско државјанство добиле четирипати помалку македонски граѓани - 665.
Од земјите на Западен Балкан, најмногу натурализации во 2024 година имаше кај граѓаните на Косово - 7480, а потоа следува Србија со 4675. Од Босна и Херцеговина со германско државјанство се стекнале 3905 луѓе, додека бројот на Албанци е 3115. Најмала група граѓани кои добиле германско државјанство во 2024 година има Црна Гора - 355.