1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските граѓани ја бранат својата демократија

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
22 јануари 2024

Пред опасноста од екстремната десница, пред заканата да се повампират духовите на нацизмот, германското општество се освести и буквално се крена на нозе. Пишува Кица Колбе

Протести против десниот екстремизам во Германија (Ерфурт, 20.01.2024)Фотографија: Jacob Schröter/dpa/picture alliance

Во коментарот на крајот на денот, во кој во цела Германија се одржаа 90 демонстрации против екстремната десница и против АфД, што најчесто во овие денови гласеше - протести против расизмот, а за човечност и толеранција, новинарот на „Цајт”, Матијас Нас, напиша: „Во фрустрацијата на политичкото секојдневие се забораваше дека никогаш досега немало подобра германска држава од сегашната”. Ова сознание е најскапоценото за многу луѓе во моментов во Германија. Матијас Нас со право го нарекува феноменот на сплотеноста на демонстрантите „демократско чудо”.

Пред опасноста од екстремната десница, пред заканата да се повампират духовите на нацизмот, германското општество се освести и буквално се крена на нозе. Спонтаната прва голема демонстрација против екстремната десница беше уште во вторникот (16.01) во Келн, на која се собраа 30 илјади демонстранти. Сите тие реагираа на шокот што кај демократската германска јавност го предизвикаа информациите кои ги презентираше истражувачката мрежа „Коректив“ за тајната средба во близината на Потсдам. На средбата учествувале политичари од ЦДУ и од АфД, претставници на деснорадикалната граѓанска група, блиска на ЦДУ, „Унија на вредности” (Werteunion), еден истакнат австриски претставник на идентитарците, како и советникот на главната политичарка на АфД, Алис Вајдел. Тоа што ја згрози јавноста беа плановите кои оваа група ги дискутирала на средбата. Според тие планови, доколку АфД и другите деснорадикални сили еден ден би дошле на власт, тие имале намера да депортираат милиони мигранти од Германија, но и германски државјани со мигранстко потекло.

Келн: Илјадници луѓе протестираа против десничарската АфД

00:54

This browser does not support the video element.

Откако јавноста дозна за тајната средба, веднаш стартуваа две петиции: за забрана на АфД и за одземање на граѓанското право да гласа и да биде избран на избори за шефот на АфД во Тирингија, Бјорн Хеке, кој, според германскиот суд, смее да се нарекува фашист. Петициите беа само почетокот, зашто вистинската лавина на демократската јавност почна да се одвива на германските улици, секој ден сѐ посилно. По Келн, во петокот следеа демонстрациите во Хамбург, на кои учествуваа 70 илјади граѓани. Во саботата следеше Франкфурт на Мајна со околу 35 илјади демонстранти, а истата бројка беше типична и за многу средно големи градови. Вчера во Бон, пред старото здание на Ратхаусот, на чиј балкон пред неколку децении стоеја величини како Де Гол и Кенеди, поздравувајќи ја новата, поинаква повоена (Западна) Германија, се беа собрале повеќе од 20 илјади граѓани. Во Минхен истото неделно попладне улиците ги преполнија, според организаторите, 350 илјади граѓани. Како во Хамбург во петокот, кога 70 илјади граѓани го исполнија сиот простор долж кејот на Алстер, притоката на Елба, заканувајќи се некои од демонстрантите да паднат во водата, така и демонстрацијата во Минхен беше прекината поради преполнетост на улиците кога, во исто време, од сите страни на градот луѓето уште се движеа кон центарот. Што значи, бројката на тие кои сакале да учествуваат на демонстрацијата би била уште повисока. Во Берлин се повтори истата слика.

Кица КолбеФотографија: Privat

Сите германски граѓани, кои се свесни дека демократијата која ја градеа татковците на денешниот уставен поредок, величините како Конрад Аденауер, Вили Брант или Хелмут Шмит, деновиве се обединети во желбата да го одбранат својот свет од ретроградните соништа на малкумина. Германските градови не се повеќе такви, како што беа веднаш по војната. На секојдневната слика во германските градови припаѓаат луѓе со различна боја на кожата, со различен изглед, со различно првобитно етничко потекло, луѓе кое не се родени во Германија, но која за нив, во меѓувреме, станала нивна вистинска татковина, а германскиот јазик нивен втор мајчин јазик. Особено Келн е горд на своето културно и етничко шаренило.

Зошто вреди да се одбрани германското секојдневно шаренило, истакна дури и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во вчерашната видео-порака. Тој им се заблагодари на стотиците илјади граѓани кои и овој викенд демонстрираа во своите градови, обединети против нечовечноста и екстремната десница, затоа што сакаат и во иднина да живеат во мир со сите граѓани. Тие нѐ охрабруваат сите, истакна Штајнмајер, затоа што тие ја бранат нашата Република и нашиот Устав од неговите непријатели. „Тие ја бранат нашата човечност”, потцрта тој. „Нам сега ни треба сојуз на сите демократи”, порача германскиот претседател, „ независно дали живееме во град или на село, независно од тоа дали сме стари или млади, со или без мигрантско потекло.” Штајнмајер го истакна сознанието кое секој германски граѓанин го поседуваше додека ги следеше демонстрациите овие денови. Имено, „дека иднината на демократијата во Германија не зависи од гласноста на нејзините непријатели, туку од силината на тие кои ја бранат демократијата”.

„Ние сме мнозинство“ - пишува на овој плакат на демонстрациите против десниот екстремизам во Берлин (21.02.2024)Фотографија: Jochen Eckel/picture alliance

Таква е 29-годишната Германка, која во коментар во весникот „Цајт” вели дека АфД ја ужаснува, затоа што е нечовечно да се депортираат луѓе кои се родени во Германија. Ним сега, значи, ќе им биде кажано дека тие не се доволно „Германци”, иако имаат германски пасош. За себе младата Германка вели дека на часовите по историја таа се заветувала дека ќе биде на вистинската страна, доколку некогаш се повтори такво стравотно нешто. „Не смееме да дозволиме да бидеме потчинети од фашистите”, истакнува таа.

Ваквите храбри, чесни и хумани германски граѓани се надежта дека Аушвиц во денешна Германија никогаш нема да се повтори, колку и да ја сонуваат неговата реприза „стаорците на историјата”. Доколку продолжи овој храбар бран (а се чини дека ќе продолжи!), тогаш артистите од фашистичкиот аматерски театар на АфД ќе побрзаат да се „преоблечат” во други костуми, за да глумат во некоја друга застарена драма или историска бурлеска.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми