1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските хотелиери и гастрономи тешко наоѓаат персонал

Јонас Мартини
29 април 2023

На многу хотели и ресторани во Германија им недостасуваат работници. Помош може да дојде од странство - ако визите не се издаваа толку бавно.

хотелска соба
Кој ги мести креветите? Во летото 2022 година, многу хотели мораа да се затворат поради недостиг на персоналФотографија: Dasha Petrenko/Zoonar/picture alliance

Од Камерун во Ајлсбрун - тоа е патот што неодамна го поминаа тројца млади луѓе. Во баварската провинција, недалеку од Регенсбург, тие сега завршуваат обука за готвачи. Ги вработи Мук Рерл, сопственик на истоимениот ресторан Рерл, традиционален семеен бизнис од 1658 година! „Тешко е да се најдат германски ученици“, вели тој. „Никој веќе не сака да работи во гастрономија.“  Затоа, Рерл барал заинтересирани во странство и во Африка го нашол она што го бара.

Осум месеци за добивање виза

Тоа не одело баш лесно. Всушност, младите момчиња требало да почнат со работа во септември 2022 година. Иако барањето било поднесено во германската дипломатска мисија во јуни, визите стигнале дури во февруари оваа година. „Се разбира, кога работите одат вака, не можете да планирате“, вели Рерл.

Тоа не е проблем само за него како претприемач. Во меѓувреме, сопственикот на становите во кои требало да бидат сместени учениците се заканил дека ќе ги издаде на друг. И последно, но не и најмалку важно, месеците доцнење, како во овој случај, значат и организациски проблеми за стручното училиште.

Ова не е изолиран случај. Иако потребата од персонал во хотелиерството и гастрономијата може да се покрие со барателите на работа во многу земји, тешко е да се усогласат понудата и побарувачката. „Многу важна точка е прашањето на визите“, вели Сандра Варден, раководителка на Германскиот сојуз на хотели и ресторани (ДЕХОГА). Во некои балкански земји, на пример, побарувачката за визи го надминува бројот на термини што ги нудат дипломатските претставништва за 150 пати. „Таму има десетици илјади, можеби стотици илјади луѓе кои веќе нашле работодавач во Германија кој би сакал да ги преземе, но кои не можат да аплицираат за виза.“

Сопственикот на ресторанот Рерл нашол тројца ученици од Камерун - поминале осум месеци пред конечно да можат да работатФотографија: Armin Weigel/dpa/picture alliance

Оние кои немаат среќа се изоставени

На пример, амбасадата во Приштина, поради големиот број на апликации во меѓувреме работи со приватен давател на услуги. Освен тоа, поради тоа што, како што се вели од амбасадата, „многу големата побарувачка далеку ги надминува“ достапните термини, тие од декември 2021 година се доделуваат месечно на лотарија. Слична е постапката и во амбасадата во Сараево. Оние кои немаат среќа се изоставени.

„Се разбира, ова е особено еклатантен пример“, вели Ворден. „Но, има и други делови од светот каде што се појавува ваков проблем. На пример, во Индија, Кина и југоисточна Азија.“ Во основа, може да се забележи шема која се повторува: дипломатските претставништва не се гледаат себеси како тела одговорни за културата на добредојде и издавање визи без голема бирократија. „Често преовладува одбранбен став: 'О Боже, сите сакаат да дојдат во Германија?!'“

Слободни места најверојатно ќе останат непополнети и ова лето

Недостигот од кадар во хотелиерството и угостителството не е нова појава, но состојбата драстично се влоши во текот на пандемијата на корона, особено во угостителството. Минатата година таму дефицитот на персоналот изнесуваше 11,8 отсто, се вели во соопштението што неодамна го објави Сојузниот завод за статистика. Условите за работа се тешки, а многу работни места во браншата се „ментално и физички исцрпувачки“, вели Ворден.

Од друга страна, минатата година некаде имаше дури и двоцифрено зголемување на платите, нагласува Ворден. Сепак, таа очекува дека и летово ќе останат слободни бројни работни места во браншата. Празнините би можеле да се пополнат со помошен персонал и квалификувани работници од странство. Само да не беше сѐ толку комплицирано.

Минатата година во гастрономијата имало дефицит на персоналот од 11,8 отстоФотографија: Jonas Walzberg/dpa/picture alliance

Од Министерството за надворешни работи потврдуваат дека се свесни за тешкотиите. „Веќе се зафативме со проблемот со понекогаш долгото чекање и обработка на визи за квалификувани работници и работни визи“, се вели од Министерството. „Во последните неколку месеци, ние во рамките на сојузното Министерство за надворешни работи изработивме акционен план за забрзување на процесот на издавање визи, во кој евидентиравме какви мерки би биле неопходни за да се поправи ситуацијата.“

Од германското МНР се додава и дека она за што министерството е само одговорно, се решава директно, вклучувајќи ја и дигитализацијата на процесот на аплицирање. Освен тоа, од сојузното МНР се укажува и на промената на Законот за доселување квалификувани работници, која во моментов е во тек. СПД, ФДП и Зелените во коалицискиот договор веќе утврдија: „Сакаме да го забрзаме издавањето на визите и повеќе да го дигитализираме тој процес.“

Баварија е сојузната покраина која е најпопуларна кај туристите - колку добро се подготвени рестораните и хотелите за налетот на посетителите во лето?Фотографија: Martin Siepmann/imageBROKER/picture alliance

„Не се работи само за забрзување“

За гастрономот Мук Рерл од Ајлсбрун, сепак, не се работи само за брзина, туку и за транспарентност. Едноставно недостигаат сигурни прогнози за очекуваното времетраење на визниот процес. Амбасадите не се достапни, вели тој, а нема одговор на прашања поставени преку имејл: „Не се работи само за фактот дека работите мора да одат побрзо“, објаснува Рерл. „Тоа мора да може да се планира. Ако знам дека ќе потрае половина година, тогаш можам да се подготвам за тоа.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми