1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските синдикати најавија остра борба

ЕМФ | дпа
1 мај 2023

Недостигот од работна сила ја зголемува самоувереноста на работниците во Германија, а растечките цени - нивната подготвеност за борба.

На собирите по повод 1 Мај, синдикатите им најавија на работодавачите и политичарите остра борба за плати и права
На собирите по повод 1 Мај, синдикатите им најавија на работодавачите и политичарите остра борба за плати и праваФотографија: Sachelle Babbar/ZUMAPRESS/picture alliance

Германските синдикати демонстрираат нова сила. На собирите по повод 1 Мај, тие на работодавачите и политичарите им најавија остра борба за плати и права.

„За социјален напредок мора да се избориме“, повика претседателката на Сојузот на германските синдикати (ДГБ), Јасмин Фахими, на централниот собир во Келн. „Шефовите сами од себе и од чиста обѕирност нема да се покренат да преземат чекори за општо добро, за подобри работни услови или чекори против промената на климата“, рече Фахими.

Според наводи на ДГБ, на Денот на трудот ширум земјата имало 398 собири, на кои учествуваа 288.000 луѓе - повеќе од минатата година (203.500), но многу помалку отколку пред периодот на Корона (2019: 381.500).

Синдикалните претставници годинава се осврнаа особено на загрозените работнички права. Тие алергично реагираа на барањата на делови од партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) за ограничување на правото на штрајк во особено важни сектори. „Вие сте толку системски важни што сакаат да ви го ускратат правото на штрајк. Но, не толку системски релевантни за да ви исплатат пристојни плати“, им рече Фахими на демонстрантите во Келн.

Синдикалните претставници годинава се осврнаа особено на загрозените работнички правaФотографија: Sachelle Babbar/ZUMAPRESS/picture alliance

Претседателот на синдикатот за хемија и енергија ИГБЦЕ, Михаил Василијадис, од работодавачите побара поголем ангажман и чувство на одговорност во процесот на преструктуирање на индустријата, која треба да стане попријателски настроена кон климата среде енергетска криза. Државата допрва треба многу да ги подобри рамковните услови - со инвестициски стимулации и меѓународно конкурентна цена на електричната енергија за индустријата, рече Василијадис, додавајќи: „За возврат, очекуваме компаниите да излезат со интелигентни концепти за трансформација и гаранции за опстојување на производствени капацитети и вработување“, рече тој во Бремерхафен. „Нема да прифатиме доколку индустријата сака да ја искористи моменталната ситуација за да го премести производството“, опомена Василијадис.

На Денот на трудот зборуваше и германскиот канцелар Олаф Шолц, кој се осврна посебно на проблемот со недостиг на работна сила. Канцеларот ги повика компаниите повеќе да обучуваат: „Некои компании имаат итна потреба од работници, но некои компании и не обучуваат работници“, рече Шолц на собирот во Кобленц. „Затоа од ова место упатувам апел: сите треба да се соземат и да сторат сѐ за да се зголеми бројот на места за образование низ работа“, побара канцеларот, кој беше пречекан со аплауз, но и извици на негодување и свирежи.

Канцеларот Олаф Шолц зборуваше на првомајскиот собир во КобленцФотографија: Andreas Rentz/Getty Images

Канцеларот нагласи дека невработеноста „можеби за нешто повеќе од деценија“ веќе нема да е проблем, туку, напротив, ќе постои загриженост за тоа компаниите да најдат доволно работници. „Ние ја ограничуваме нерегуларната миграција“, рече Шолц, додавајќи дека им се пружа заштита на оние кои имаат потреба од заштита. „Истовремено, се грижиме за тоа да добијат шанса да дојдат на регуларен начин за работа оние за кои имаме потреба овде во Германија“, рече канцеларот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми