1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаГерманија

Германските соседи лути поради затворањето на границите

АРД
16 септември 2024

Од денеска граничните контроли во Германија се прошируваат и на границите на запад и на север. Сојузната влада тоа го оправдува со ситуацијата со миграцијата, а мерката е реакција и на нападот во Солинген.

Германија: Контроли на сите граници
Германија: Контроли на сите границиФотографија: Christoph Hardt/Panama Pictures/IMAGO

Замислено е да функционира како за време на Европското фудбалско првенство летово - сојузната полиција ги контролира сите германски копнени граници, не само премините кон Швајцарија, Австрија, Чешка и Полска како што беше долго време, туку и границите кон Данска, Холандија, Белгија, Луксембург и Франција.  Секој што сака да влезе во Германија од овие земји мора да биде подготвен на барање на полицијата да си ги покаже документите. Службениците ги проверуваат и комбињата за испорака и камионите и контролираат што пренесуваат.

Фезер со писмо до Европската комисија

Сето ова се случува само по случаен избор, така што не се запира секое лице што влегува во земјата. Тоа воопшто и не би функционирало, бидејќи на сојузната полиција и недостига персонал за да ја спроведе мерката во таков обем. Овие построги гранични контроли треба да важат во следните шест месеци. Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) го оправдува овој потег со многуте бегалци кои во последно време дојдоа во Германија. Таа напиша писмо до ЕК во кое се вели дека  ситуацијата со миграцијата е загрижувачка  и дека има премалку сместувања за луѓето. И онака  напнатата ситуација,  според Фезер дополнително се влошила.

Унијата бара дополнителни мерки

Со ова, сојузната министерка извлекува консеквенции и од нападот во Солинген –  осомничени насилници од странство  по можност не треба ни да влезат во Германија. Фезер би сакала подобро да ја контролира  нелегалната миграција, наведува таа во образложението. Построгите контроли на границите имаат за цел да го олеснат лоцирањето и враќањето на лица без валидни документи кои не сакаат да поднесат барање за азил во Германија.

Во соседните земји на Германија, построгите гранични контроли не наидоа на одушевувањеФотографија: IMAGO/Steinsiek.ch

ЦДУ и ЦСУ вршеа притисок –  тие во принцип сакаат германските граници да бидат целосно затворени за лица без документи. Но, сојузната влада не сака да оди толку далеку. Фезер не гледа потреба да се прогласи вонредна состојба за да станат законски овозможени построгите одбивања. Сојузната влада последниот предлог на лидерот на опозициската ЦДУ, Фридрих Мерц, да се тестира строго одбивање во период од три месеци, не го смета за вистинскиот пристап.

Критика од соседните држави

Во соседните земји на Германија, построгите гранични контроли не наидоа на одушевување. Полскиот премиер Доналд Туск го оцени планот како неприфатлив. Критики стигнаа и од Австрија. Владата во Виена најави дека ако Германија сега сака да враќа повеќе луѓе на границата со Австрија, тогаш Австрија не е подготвена да ги прима назад. Реакцијата од Унгарија, пак, беше сосема поинаква. Премиерот Виктор Орбан, кој со години се обидува да спречи каква било миграција од надвор од ЕУ во Унгарија, на платформата Х на канцеларот Олаф Шолц му посака „добредојде во клубот!“ Тој не прецизираше на каков клуб точно мисли, но Орбан е единствениот национал-конзервативен шеф на влада во ЕУ кој јасно зазема  став против имиграцијата  и редовно ги прекршува европските закони од таа област.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми