1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германското здравство „плаче“ за физиотерапевти

ЕМФ / дпа
16 ноември 2024

Физиотерапевти, инсталатери на парно греење, негуватели - во многу професии во Германија често има многу непополнети работни места. Каде има најголем недостиг во моментов?

Германија физиотерапија
Фотографија: Andriy Popov/Panther Media/picture alliance

Здравствениот сектор е еден од секторите кои се најмногу погодени од недостигот на квалификувани работници во Германија. Во 2023/2024 година околу 47.400 позиции не можеле да се пополнат со соодветно квалификувани кандидати. Ова произлегува од студија на Центарот за обезбедување на квалификувани работници (Кофа) на Институтот за германска економија (ИВ), кој им е близок на работодавачите. Најмногу тесни грла во овој сектор - со речиси 11.600 непополнети работни места - е во делот на физиотерапевтите. Кај стоматолошките асистенти има 7.350 места, а кај негувателите - 7.100 места. Стареењето на населението може да го зголеми недостигот од вакви стручни работници.

„Населението кое старее предизвикува зголемена потреба за здравствени услуги. Ова го зголемува товарот на постоечките квалификувани работници“, пишуваат авторите на студијата. Здравствениот сектор беше на прво место на ранг-листата и во претходните години.

Дали сакате да работите како медицинска сестра во Германија?

01:31

This browser does not support the video element.

Tешкотии во градежништвото

Вториот најголем недостиг на квалификувани работници се бележи во делот на градежништвото. Тука не можат да се пополнат околу 42.000 работни места. Посебно голем недостиг има во електротехниката (10.350), како и во водоводот, греењето и поставувањето клима уреди (8.700). Според студијата, тесните грла придонесуваат и за бавното темпо на изградба на станови.

Со 41.250 непополнети места, трет најголем недостиг на квалификувани работници има во „јавната администрација, одбраната; социјалното осигурување“. Особено многу се погодени јавната администрација, социјалната работа и педагогија, како и згрижувањето на децата и образованието. На четврто и петто место во рангирањето се секторите малопродажба (29.800) и социјални услуги (28.000), не вклучувајќи ги тука домовите.

Даночни олеснувања за странските работници во ЕУ

00:52

This browser does not support the video element.

Ситуацијата принудува многу вработени да го намалат работното време

Експертот на Кофа, Филип Херцер, гледа проблем пред сѐ во тесните грла во делот на социјалните и здравствените услуги. Тие би можеле да имаат негативно влијание врз недостигот на квалификувани работници во други професии. Скудната понуда на јавни услуги на пример во градинките и старечките домови, често ги принудува родителите и старателите да го намалат своето работно време за да се грижат за децата и старите лица.

Во целина, недостигот од квалификувани работници во последната година малку се намали. Помеѓу јули 2023 и јуни 2024 година, имало просечен недостиг од околу 532.000 соодветно квалификувани работници. Тоа се речиси 13 отсто помалку во споредба со периодот една година порано. Сепак, според студијата, историски недостигот на квалификувани работници останува на „многу високо ниво“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми