1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ги чита ли РСМ знаците покрај патот?

23 август 2024

Посетите на Руге и Брнс во ист период во регионот воопшто не се случајни, но во РСМ како да се преспани.

Директорот на ЦИА, Вилијам Брнс
Директорот на ЦИА, Вилијам Брнс во посета на БалканотФотографија: Mark Schiefelbein/AP Photo/picture alliance

Проблеми со нехигиената и јавниот превоз во Скопје, нови директори, раст на цените, проблеми во судството, бегства од затвори, мотиви за улични престрелки, учебници за претстојната учебна година... Локалната агенда околу која се врти македонското секојдневие, ја остави надвор од фокусот важната посета на директорот на ЦИА, Вилијам Брнс на Сараево, Белград и Приштина. Иако под превоз на тајноста, земјите од регионот со интерес ја следат рутата на Брнс и пораките што и меѓу редови произлегуваат од изјавите на неговите соговорници, со оглед дека разговорите се одвиваат во дискреција.

Во РСМ, една од земјите во Западен Балкан каде проблемите се пренесуваат како низ систем на сврзани садови, освен штури медиумски извештаи, посетата на Брнс не беше проследена со анализи.

Брнс на 20-ти август во Босна и Херцеговина се сретнал со колеги од разузнавачкиот сектор, со членови на Претседателството и со министерот за надворешни работи Елмедин Конаковиќ. Токму од неговата изјава стигна навестување за што се разговарало - поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ и осуда на сецесионистичките пораки и пoтези. Се огласи и промоторот на тие политики.

„Борбатa против тероризaм е обврска нa целокупно слободниот свет и во тој контекст е значајна посетата на директорот на ЦИА", напиша на платфората Х претседателот на ентитетот на БиХ, Република Српска, Милорад Додик.

Директорот на ЦИА од Сараево според медиумски наводи заминал во Белград, но таа посета никој не ја потврди ни демантираФотографија: Mark Schiefelbein/AP/picture alliance

„Република Српска е посветена на таа борба и ја поздравува секоја соработка во таа област. Република Српска никогаш не го спорела суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ според Дејтонскиот договор и сецесија никогаш не била наша политика“, напиша Додик.

Иако наликува дека тој ја сменил „плочата“ по посетата на Брнс, во неговата објава има едно „но“.

„Но Република Српска има право на политичка борба за својот статус, според словото на Дејтонскоот договор. БиХ е заедница два равноправна ентитета и три конститутивни народи, и поради тоа го охрабрува ставот на господинот Брнс дека одговорноста за функционирање на земјата лежи на сите етнички заедници“, потенцира Додик.

Неслучајни посети

Директорот на ЦИА од Сараево според медиумски наводи заминал во Белград, но таа посета никој не ја потврди ни демантира. Истиот ден претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Белград се сретна и со Борис Руге, помошник генерален секретар на НАТО за политички прашања, но и со рускиот амбасадор во Белград, Александар Боцан Харченко, на кого му пренел длабока загриженост поради можните последици од насилното отворање на мостот на Ибар во Косовска Митровица. Истиот ден имаше и средба со Додик, по која Вучиќ на Инстаграм обелодени дека „доминирале економски теми и заедничка анализа на глобалните и регионалните прашања".

Според регионални аналитичари, посетите на Руге и Брнс во ист период воопшто не се случајни. Руге во разговор со претставници во Приштина, по повод најавата за повторно отворање на мостот на реката Ибар во Митровица, го повторил ставот на НАТО дека одлуките мора да се носат преку дијалог и на координиран начин. Tој ја истакнал целосната поддршка на НАТО за дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ, како рамка за решавање на отворените политички прашања. Според медиумски наводи, се бара утврдување на целосна одговорност за насилството во Косово во мај и септември минатата година (Звечани и Бањска), како и за нападите врз војници на КФОР. Во однос на состојбите во БиХ, Руге потенцирал дека НАТО останува силно посветен на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата и нема да дозволи да се појави некаков безбедносен вакуум.

Не се знае како пораки испратил Брнс во Приштина, чија посета вчера беше медиумски „уловена", со наводи дека се сретнал со претседателката на Косово, Вјоса Османи  и со шефот на косовското разузнавање Петрит Ајети.

Се гаснат пожари

Домашни политички аналитичари велат дека мора да се читаат пораките од овие посети, пред сѐ од безбедносни експерти. Особено што Косово и Србија се два први соседа. Според тоа, компетентната јавност (онаа од безбедносната сфера) во земја членка на НАТО како нашата, не би требало да се однесува како да сме „провинција“ кога треба да се анализираат пораки за стабилност во регионот. Меѓу ретките, што јавно се осврна на темата е амбасадорот Денко Малески.

„Првата шатл-дипломатија на Балканот по подолго време се случува во овие врели летни денови. Тоа не е добар знак за сите нас што имаме меморија од минати времиња. Ни кажува дека уште се гаснат пожарите од последните балкански војни по распадот на југословенската федерација“, напиша во колумна Малески.

Малески: Уште се гаснат пожарите од последните балкански војни по распадот на југословенската федерацијаФотографија: Denko Maleski

Според него, во ваков политички контекст политичарите - македонски и албански - мора да бидат многу внимателни.

„Точно е, ние сме членка на НАТО но таа осигурителна полиса важи само ако самите се грижите да не се запали вашата заедничка куќа. Изјавите на ВМРО-ДПМНЕ за дестабилизација на државата од страна на ДУИ наесен можат да содржат еден грам вистина. Имено, ДУИ е на прагот да отвори дебата за поинакво уставно уредување на Македонија по угледот, како вели, на Белгија. Белгија, исто така, е држава во која безмалку секои десет години има мирни уставни реформи. Има само еден проблем за кој ДУИ мора да води сметка: ниту Албанците ниту Македонците се Белгијанци. Можеби уште еден, дека наши комшии не се Холандија и Франција“, посочи Малески.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми