1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалСоединети Американски Држави

Гилејн Максвел одбива да сведочи во Конгресот

СН/агенции
10 февруари 2026

Соучесничката на починатиот сексуален престапник Џефри Епстин, Гилејн Максвел, одби да учествува на сослушувањето во Претставничкиот дом на САД. Но, таа понуди да го растовари претседателот Трамп доколку ја помилува.

Заедничка фотографија од минатото на Гилејн Максвел и Џефри Епстин, починатиот американски сексуален претстапник
Гилејн Максвел беше осудена во 2021 година за намамување малолетни девојчиња во орбитата на Џефри Епстин. Ова е нивна заедничка фотографија од минатото. Фотографија: imago images/ZUMA Press

Според претседателот на надлежниот комитет на Претставничкиот дом, Џејмс Комер, блиската соработничка на Епстин, Гилејн Максвел, одбила да сведочи пред Конгресот. Таа, „како што се очекуваше“, го искористи своето право од Петтиот амандман и не одговори на ниту едно прашање, изјави републиканскиот конгресмен по сослушувањето. Петтиот амандман на Уставот на САД предвидува, меѓу другото, дека никој не смее да биде принуден да сведочи против себе во кривична постапка.

Рочиштето се одржа зад затворени врати. Според пратениците, Максвел кратко се вклучила преку видео врска од затворот во кој издржува казна од 20 години. Во 2022 година, таа беше осудена за трговија со малолетници за сексуална експлоатација.

Сведочење само во замена за помилување

Комер рече дека Максвел „одбива да одговори на какви било прашања“. Тоа е, како што изјави, „многу разочарувачки“. Членовите на одборот имаа „многу прашања за злосторствата што таа и Џефри Епстин ги извршиле, како и за можните соучесници“.

Максвел, меѓутоа, наводно понудила да ја растовари од обвинение брачната двојка Хилари и Бил Клинтон, како и американскиот претседател Доналд Трамп, доколку таа би сведочела во аферата за систематско злоставување малолетници од страна на Епстин.

Според наводите на пратениците, и демократите и републиканците, таа рекла дека е подготвена да потврди дека ниту поранешниот претседател Бил Клинтон, ниту поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, ни претседателот Трамп не постапиле несовесно во нивниот однос со Епстин. Трамп во октомври изјави дека размислува да ја помилува.

Адвокатите на Максвел го повикаа Конгресот да ѝ одобри правен имунитет да сведочи, но Конгресот одби. „Под тие околности, постапката не би послужила за ништо друго освен за чист политички театар“, критикуваа нејзините адвокати.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми