1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Гир: Јасно е што треба да се прави со Судскиот совет

ДТЗ
5 јули 2024

Тројца судии од ЕУ усогласија 40 препораки кои треба да се спроведат за Судскиот совет да работи професионално и стручно. Тие треба да бидат еден од патоказите за реформите во ова тело, вели евроамбасадорот Дејвид Гир

Дејвид Гир
Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид ГирФотографија: Arbnora Memeti

По повикот на премиерот Христијан Мицкоски до амбасадорите и експертите доколку имаат подобар предлог за реформи во работата на Судскот совет и Советот на јавни обвинители да ги стават на маса за разгледување, евроамбасадорот Дејвид Гир го упатува решението да го бара во извештаите и материјалите испратени изминатиот период кои посочуваат во кој правец треба да се движат реформите, а меѓу нив се и 40 препораки коишто експертите на ЕУ ги доставија до земјата на крајот на 2023 година.

По најавите на новото раководство во државата дека еден од главните приоритети е распуштање на овие судско-обвинителски тела, Гир во интервју за „360 степени“, вели дека ќе мора да разговараат со владата за тоа што значи „овој јазик за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители“.

„Се разбира, постои искушението да се пристапи со она што јас го нарекувам ’правен нихилизам’, со други зборови да избришете сè и да почнете од почеток. И тоа е атрактивно и можеби привидно изгледа атрактивно. Но, искуствата покажуваат дека тоа не е најефективниот начин. За Судскиот совет, јасно е што треба да се прави. Ги имаме препораките. Затоа, нашиот совет е да се продолжи, да се има дискусии, да се разговара со сите засегнати страни заедно. Да се надогради она што веќе е постигнато“, порачува амбасадорот на ЕУ.

За Гир, нема дилеми дека мора да има суштински реформи во областа на владеење на правото и судството и затоа го поздравува фактот што „владата е амбициозна во овој мандат да го стави високо на листата приоритети“. Што се однесува до Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, се дообјаснува амбасадорот, „веќе има богатство на материјал кој покажува кои се начините за придвижување“.

„Го имаме Извештајот на Оценската мисија, кој, како што се сеќавате, е од минатата година. Содржи 40 препораки. И има уште многу други документи од скрининг-процесот, извештајот за напредокот, значи има богатство достапни материјали кои покажуваат како да се оди напред. Со нетрпение очекуваме да разговараме за ова во детали“, вели Гир.

Премиерот Христијан Мицкоски ги повика амбасадорите ако имаат да понудат подобро решение за судско-обвинителските институции, со цел да се врати довербата на граѓаните во нивФотографија: Petr Stojanovski/DW

ЕУ и 40 препораки

Тројца судии испратени од ЕУ, кои го чешлаа работењето на Судскиот совет во Северна Македонија, минатата година усогласија 40 препораки кои треба да се спроведат за ова тело да работи професионално и стручно. Од вкупниот број препорачани мерки, 17 може да исполни самиот Судски совет, додека за останатите се потребни законски и уставни измени. 

Тројцата судии од Белгија, Италија и Хрватска- членови на експертското тело на ЕУ, препорачуваат да се скрати мандатот на членовите на Судскиот совет, кои во моментов ја извршуваат функцијата цели 6 години. Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир на брифинг со новинарите во декември 2023 година сумираше дека препораките опфаќаат реформи во структурата и компетентноста на Судскиот совет, мандатот на членовите, процесот на селекција и именување на членовите, дисциплинските постапки, комуникацијата со јавноста, и финансирањето.  Со спроведување на овие реформи, целта е да се намали политичкото и бизнис влијание врз судската власт, и да се подобри нејзиното функционирање.

Работењето на Судскиот совет се најде во центарот на вниманието на јавноста по серијата скандали во последните години. 

Потребни се сериозни реформи

И претседателката Гордана Сиљановска Давкова смета дека се потребни сериозни реформи во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители. „Двете тела не ја исполнија функцијата поради која беа формирани. Требаше да бидат гарантори на независното судство, најголемите критичари на лошите судии, на лошите јавни обвинители. Потребни се сериозни законски измени“, порача таа во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5.

И претседателката Гордана Сиљановска Давкова смета дека се потребни сериозни реформи во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители.Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

„Тие две тела во моментов како да не постојат. Како очекувате независно судство со ваков Судски совет и Совет на јавни обвинители. Јас не очекувам, бидејќи тој што е чуварот, набљудувачот, треба да биде најдобриот. Таму се потребни сериозни промени. Има веќе предлог закон, за тоа е потребна дебата, да видиме што ќе правиме“, рече претседателката. На прашањето дали се согласува со тоа да се распуштат составите на двете тела, таа укажува дека за тоа треба да има правен основ.

Премиерот Христијан Мицкоски во четвртокот (04.07) при посетата на Гевгелија ги повика амбасадорите ако имаат да понудат подобро решение за судско-обвинителските институции, со цел да се врати довербата на граѓаните во нив, по критиките дека потегот за нивни распуштање би бил мешање во независноста на судската власт. Амбасадорите на ЕУ и САД во Северна Македонија, Дејвид Гир и Анџела Агелер во средата (3.07) му изразија поддршка на Судскиот совет и ги повикаа судиите да се ослободат од политичките притисоци. 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми