1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаАвстрија

Австрија: забрана за носење шамии во училиштата?

АРД
11 декември 2025

Австрискиот парламент денеска гласа за забрана за носење шамии за девојчиња под 14 годишна возраст во училиштата. Се чини дека законот ќе помине. Првиот таков обид падна на суд во 2020 година.

Ученичка со шамија на главата во училиште
Забраната за носење шамија за девојчиња под 14 годишна возраст има за цел да ги зајакне правата на децата и правото на слободен развојФотографија: picture-alliance/dpa/W. Kastl

Забраната за носење шамии за девојчиња под 14 годишна возраст на училиштата во Австрија веќе го помина прелиминарното гласање. Во Комисијата за образование на австрискиот парламент, владејачките партии гласаа „за“, односно конзервативната Народна партија, Социјалдемократите и либералната НЕОС. И десно-националната Партија на слободата гласаше „за“, само Зелените беа против со задршки заради Уставот. Имајќи го ова предвид, се чини дека законот за забрана за носење шамии ќе помине и на денешното пленарно гласање.

Голем притисок врз млади девојчиња

Кристијан Клар, директор на училиштето „Франц Јонас“ во Виена, смета дека воведување забрана е правилно. „Има сè повеќе девојчиња кои носат шамии уште од првата школска година кај нас, значи од петто одделение. Некои почнуваат со тоа уште во основно училиште“, вели тој. Притисокот со кој се соочуваат млади муслимански девојчиња е особено страшен. Пред сѐ браќата и машки соученици им диктираат на девојчињата како треба да се однесуваат и да се облекуваат во училиште. Шамијата е симбол на рана сексуализација - „за рана поделба на: ти си момче и можеш слободно да се движиш, а ти си девојче и не можеш слободно да се движиш и никој не смее да те види“. Но, шамијата предизвикува и поделба во „уредните“ муслимански девојчиња кои носат шамија и „курвите, неверничките, кои не носат шамија“. Девојчињата во училиштата во Виена некогаш се соочуваат токму со вакви изјави.

Во 2020 година имаше прв обид за забрана

Во 2020 година имаше еден  неуспешен обид за забрана на шамиите  инициран од страна на тогашната владејачка коалиција од десниот центар составена од Австриската народна партија и Партијата на слободата на Австрија. Обидот пропадна поради пресуда на австрискиот Уставен суд бидејќи законот според судот ги кршел принципите на еднаков третман и  верска слобода. Судот пресуди дека забраната таргетира конкретна вероисповед, имено исламот. Тогашната влада  не успеала доволно добро да го образложи законот. Тоа сега е поинаку и земени се предвид уставните задршки, наведува актуелниот австриски министер за образование, Кристоф Видеркер од либералната НЕОС. „Секако дека станува збор за принципиелно вагање на основни права“, вели Видеркер. Од една страна има фундаментално право на слобода на вероисповед. „Затоа избравме законот да се однесува за девојчиња до 14-годишна возраст, бидејќи на 14 години девојчињата достигнуваат возраст на верска зрелост, по што самите може да одлучат кои верски симболи и знаци јавно ќе ги покажуваат“, нагласува Видеркер. Забраната за носење шамија за девојчиња под 14 годишна возраст има за цел да ги зајакне правата на децата и правото на слободен развој, без наметнување од страна или принуди.

Растргнати меѓу очекувањата и политиката

Фатма Акај-Тиркер е претседателка на Здружението на жени муслиманки во  Австрија.  Таа лично престанала да носи шамија и е против принудување на девојки и жени да ја носат. Сепак, таа смета дека  забраната тешко ќе ги погоди девојчињата.  „Тие и онака не може сами да одлучуваат. Тие тоа го преземаат од своите семејства, од заедницата. Ако сега воведеме забрана, само девојчињата ќе бидат погодени“, вели таа и додава дека тие и онака се веќе растргнати меѓу политиката и заедницата.  Училиштата имаат намера забраната за носење шамија  строго да ја имплементираат во однос на родителите. Во случај на прекршување, прво ќе има разговор, а доколку родителите продолжат да ги праќаат своите ќерки на училиште со шамии, може да се соочат со казни од 150 до 800 евра или алтернативно затвор до две недели.

Автор: Оливер Соос, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми