1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЦИА: Глигоров одбил промена на името за пари

БГ
5 март 2026

Неодамна објавен документ на американската тајна служба ЦИА открива дека поранешниот македонски претседател Киро Глигоров одбил понуда од 100 милиони долари за промена на името во 1992 година

Поранешниот македонски претседател Киро Глигоров. јануари 2012
Поранешниот македонски претседател Глигоров одбил понуда од 100 милиони долари за промена на иметоФотографија: Petr Stojanovski

Грција во 1992 година му нудела на тогашниот македонски претседател Киро Глигоров финансиска помош од 100 милиони долари за земјата во замена за промена на името на државата, но тој го одбил предлогот, се наведува во неодамна декласификуван документ на американската тајна служба ЦИА.

„(...) и покрај големата економска потреба на Македонија, Глигоров одбил приватна понуда од грчки функционери од 100 милиони долари финансиска помош под услов името да се промени", се наведува во документот кој датира од 6 ноември 1992 година, а објавен е на страниците на дигиталната библиотека на декласифицирани документи на ЦИА- ФОИА во јануари годинава.

Во своите мемоари „Македонија е се што имаме“, Глигоров не го споменува овој податок, но споделува друг, имено, дека нему лично му било нудено мито од еден милион долари од грчки посредници за да се согласи на промена на името, но тој тоа го одбил.

Документот на ЦИА го опишува Глигоров како „почитуван државник-ветеран и реформатор", кој „доследно работи на балансирање на спротивставените сили во неговата република и низ целиот Балкан."
„Го опишуваат како „мудра стара лисица“ која ги импресионирала со своето чувство за стратегија и со познавање на деталите". 

Документот на ЦИА го опишува Глигоров како „мудра стара лисица“.Фотографија: CIA/FOIA

Зацврстување на демократијата 

Во документот се наведува дека Глигоров ги сметал српскиот и хрватскиот претседател Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман за виновни за кризата во Југославија. Глигоров, се наведува, ги одбил понудите на Милошевиќ за формирање „сојуз со српски доминираниот остаток од југословенската држава“, но му бил привлечен планот на премиерот Милан Паниќ за балканска економска унија (која според Глигоров требала да ги опфати и Грција и Турција).

„Претседателот вели дека сака да остане во политиката сè додека демократијата цврсто не се зацврсти – цел која е загрозена од континуираните тензии меѓу големото албанско малцинство и ултранационалистичката Внатрешна македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално единство (ВМРО–ДПМНЕ)“, се наведува во документот на ЦИА. 

Киро Глигоров беше првиот претседател на независна Македонија. Беше избран од страна на Собранието на 27 јануари 1991 година, и раководеше со земјата се до 1999 година. Почина на 1 јануари 2012 година. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми