1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиГерманија

ГМФ на ДВ: Медиумите се борат за веродостојност

Кристоф Хаселбах
18 јуни 2024

Медиумски професионалци од целиот свет се собрани на Глобалниот медиумски форум на ДВ. Новинарството е во транзиција и предизвиците се огромни.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок го отвори годинешниот Глобален медиумски форум на ДВ
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок го отвори годинешниот Глобален медиумски форум на ДВФотографија: Björn Kietzmann/DW

„Дури и во мрачни времиња, оптимизмот е подобар начин бидејќи песимистите обично не придонесуваат за решенија.“ Ова го изјави генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург, на отворањето на годинешниот Глобален медиумски форум на Дојче веле (ГМФ), на кој во Бон присуствуваат повеќе од илјада новинари од целиот свет.

Времињата се навистина мрачни: војни беснеат во Украина, на Блискиот Исток и во Судан, на пример, се чини дека авторитарните режими се во пораст ширум светот, додека демократијата е во повлекување. А со демократијата, слободата на печатот и слободата на изразување се потиснати.

ВИ генерирани лажни фотографии

„Sharing solutions" - „Споделување решенија“ е мотото на годинешниот ГМФ. На форумот се говори за прашања како овие: Како можат новинарите да ја исполнат својата мисија и покрај опасностите и сѐ поголемиот притисок? Како да допрете до што е можно повеќе луѓе во вашите општества? Како техничкиот развој влијае на медиумите и на медиумската потрошувачка? „Не е само дигиталниот свет оној кој го менува новинарството, вештачката интелигенција (ВИ) уште повеќе ќе го растресе“, рече генералниот директорот на ДВ, Петер Лимбург.

И покрај мрачните времиња, генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург, гледа причина за оптимизамФотографија: Philipp Böll/DW

Потенцијалот за злоупотреба на вештачката интелигенција е голем - на пример лажни слики и имитирани гласови кои изгледаат измамувачки реално. Во својот воведен говор, германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, говореше за фалсификувани фотографии кои ја прикажуваат како проститутка: „ВИ ги прави дезинформациите поевтини, полесни и поефикасни“.

Слични искуства имала и Марија Реса, новинарка родена на Филипините и добитничка на Нобеловата награда за мир. Со нејзиниот информативен портал  „Реплер“ таа постојано ги критикува оние кои се на власт во нејзината земја - и ги чувствува последиците од тоа. И таа зборуваше дека на интернет има лажни вулгарни слики од неа. Таа, како што изјави, морала да побара од владата дозвола за да патува во Бон.

Да им се даде глас на луѓето

Во фокусот на првиот ден на ГМФ беше и покривањето на изборите во оваа глобална суперизборна 2024 година и врската помеѓу демократијата и медиумите.

Слушајќи ги учесниците во различните дебати на ГМФ, се појавува претежно негативна слика: од една страна, социјалните медиуми овозможуваат да се заобиколат медиумите во кои доминираат или се под контрола на владите, особено државните радиодифузери. На овој начин, многу луѓе можат да добијат независни информации и, исто така, да го кажат своето мислење. Од друга страна, недовербата кон медиумите и исцрпеноста од информации се шират насекаде.

Одзивот на гласачите, исто така, е во опаѓање во многу земји. Медиумските професионалци мора да воспостават директен контакт со луѓето, со нивните секојдневни проблеми, ова беше централната порака во дебатите.

Елен Хајнрихс, директорка на Институтот во Бон, кој промовира конструктивно новинарство, говореше за фактот дека  многу луѓе се презаситени од лоши вести: „Луѓето се преоптоварени“. Пречесто, новинарството е само она што го велат политичарите. „Ни требаат различни перспективи.“ Конструктивното новинарство во никој случај не ги игнорира проблемите, но нуди и решенија.

Вештачката интелигенција фундаментално ќе го промени новинарствотоФотографија: Jaap Arriens/NurPhoto/picture alliance

Проверувачи на факти - нагласи Анант Гоенка, директор на издаваштвото на весници „Индиан експрес“ - денес се вработени во речиси сите уреднички тимови. Но, тие не се ништо ново. Проверката на факти отсекогаш била работа на секој сериозен медиум и основа за медиумската веродостојност, најважната валута на новинарството.

Адријано Нувунга е раководител на Centro Para Democracia e Direitos Humanos во Мозамбик . Тој гледа демократизација во многу африкански земји, но: „Владите не ги слушаат луѓето, тие не ги застапуваат интересите на луѓето“. Така тие стекнуваат впечаток дека демократијата нема што да им понуди. Работата на новинарството е да им даде глас на овие луѓе.

„Продолжете да работите!"

Назад кон темата за вештачката интелигенција . Директорот на ДВ, Питер Лимбург, советува да се користи вештачката интелигенција како алатка, а не како замена за новинарството сработено од луѓето. „ВИ може да обезбеди поддршка, но важните новинарски одлуки секогаш мора да ги носат луѓето“.

Добитничката на Нобеловата награда за мир Марија Реса страсно повикува на меѓународна контрола на вештачката интелигенција и големите корпорации зад неа. Не останува уште многу време: „Прозорецот за акција се затвора, но сѐ уште е отворен“.

Со ова беше согласна и германската министерката за надворешни работи, Аналена Бербок: „Ние сме за меѓународна регулација на вештачката интелигенција, мораме да ја дизајнираме вештачката интелигенција на таков начин што луѓето ќе ја задржат контролата“. Ова се случува и на европско ниво. Но, за да се донесат закони, потребно е најнапред многизнство, им одговара таа на оние кои мислат дека целата работа се движи премногу бавно.

За посилна контрола на вештачката интелигенција: министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок (лево) и новинарката Марија Реса (десно) од ФилипинитеФотографија: Philipp Böll/DW

Но, всушност станува збор за уште поголемо прашање од вештачката интелигенција и медиумите, вели Бербок: „Како да ги направиме нашите општества поотпорни? Независното новинарство е камен-темелник на секој демократски систем. Станува збор за повикување на одговорност од оние кои се на власт - а тоа важи и за самите новинари.

Со оглед на големите глобални проблеми, во одреден момент на ГМФ се наметна прашањето -  што всушност можат да направат медиумските професионалци за да се спротивстават на недемократските тенденции. Проследена со громогласен аплауз, Марија Реса, загрозената новинарка од Филипините порача: „Сосема едноставно, продолжете да работите!“

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми