1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Го заборавивме ли распадот на Југославија

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
20 јуни 2023

Ова не е сторија на еден задоцнет југоносталгичар, туку соочување со нашата реалност и со поуките од распадот на една држава која денес ќе беше меѓу највлијателните и најуспешни земји во Европа. Пишува Ерол Ризаов.

Ерол Ризаов, автор на колумнатаФотографија: privat

Луѓето што имаат помалку од 45 години, веќе навлезени во петтата деценија од животот, многу веројатно малку што паметат од драматичните години пред распадот на Југославија. Тоа што го слушнале од своите блиски, прочитале, или виделе во разни филмувани и документарни емисии колку и да е точно е многу поразлично од тие што тоа го доживеале и биле непосредни сведоци, или директни учесници на пропаста на една прекрасна држава.

Милитантниот национализам, шовинизмот и хегемонизмот ја збришаа Југославија со крвави војни и со илјадници човечки жртви и разорувања, најголеми по Втората светска војна на територијата на Европа. Ова не е сторија  на еден задоцнет југоносталгичар, туку соочување со нашата  реалност и со поуките и последиците од распадот на една држава која денес ќе беше според многу проценки меѓу највлијателните и најуспешни земји во Европа. 

За жал, брзо ги заборавивме причините, последиците и поуките од распадот на Југославија. И тогаш имаше умни луѓе кои предвидуваа трагичен крај, но никој од тие што одлучуваа и од огромното минозинство граѓани не веруваа дека тие ретроградни сили се толку моќни што можат да ја спречат демократизацијата и обновата на веќе потрошениот историски модел каква што беше Југославија во годините пред крвавото исчезнување. Таа голема уништувачка сила како што е национализмот која се крие зад лажниот патриотизам пламна со страотна жестина како трагична потврда дека разгорувањето на жарта под пепелта на „братство и единство“ и не е толку тешка работа ако во тоа се впрегнат политиката во спрега со интелектуалните и академски средини за да стане земја на „братство и убиство.“

 Академски резолуции и медиумско насилство

Настаните кои сега се одвиваат кај нас колку и да се различни ме потсетуваат на некои ситуации што тогаш се случуваа пред распадот на Југославија. Медиумите во најголем број брзо беа заразени од силниот наплив на национализмот поттикнат со меморандуми и резолуции на интелектуалните и академските авторитети во одбрана на хегемонијата.

Човек во Белград со знамето на поранешната Социјалистичка Федеративна Република ЈугославијаФотографија: Getty Images/AFP/A. Isakovic

Се појавија нови географски карти и историски документи кој до каде е. Заробениците на географијата и на  историјата  го воздигнаа лажниот патриотизмам на врвен пиедестал за спасување на националните интереси  кои беа само изговор за пребројување на патриоти,  предавници и непријатели за реализација на целта со војни. 

И еве сега доаѓаме до денешните наши сцени што ги гледаме и во Македонија. Медиумското насилство врз вистината е силно поттиканто со слични резолуции, меморандуми јавни настапи на академските средини и јавни личности, дури во одредени случаи пожестоки од партиските лидери и медиумите.

Се сеќавам на надежите дека ќе нема војна и распад на државата  кога од целиот свет во Белград доаѓаа државници, претседатели, премиери, влијателни луѓе  кои буквално ги молеа тогашните раскарани републички лидери да најдат мирно решение за да се одбегне крвава разврска. Најзначајните предлози на европските државници да не дојде до војна  беа дека Југославија ќе биде експресно примена во ЕУ и ќе и се даде голема финансиска неповратна помош да се сочува државата во било кој облик, без оглед дали тоа ќе биде некаква  асиметрична федерација, или конфедерација од сите поранешни републики.

Се редеа  светски познати личности од цареви и кралеви, лордови до претседатели и министри кои го убедуваа Слободан Милошевиќ српскиот лидер, со останатите републички политичари да најдат решенија по мирен пат. И покрај сите заложби на светската и европска политичка елита Југославија не успеја да опстане во ниту една форма. Победи национализмот. 

Во сите републики освен во Македонија дојде до војни и крвопролевање. Првиот претседател на државата Киро Глигоров со  договорот со ЈНА, потпишан од генералот Благоја Аџиќ, успеа Македонија да ја избегне војната и по мирен пат да прогласи своја независност.  

Од европска велесила во секој поглед, воена, културна , спортска, од држава во економски и демократски развој која беше идеал на граѓаните во  режимите зад железната завеса, кои сега ни поставуваат услови, наместо ние на нив, се претвори во воено жариште. Поминаа повеќе од  три децении за новата реалност на самостојни држави, а во западен Балкан се уште да не се прифаќа како најдобро решение да се биде дел од слободниот свет со членството во  ЕУ. Силни се отпорите не само од нашите проблематични соседи и во самата  ЕУ, но најсилни се во политиките и поулизмот  на самите кандидадти каде нема широк консензус  за евроатланските интеграции.  

Првиот претседател на независна Македонија, Киро ГлигоровФотографија: European Comission

Кој е најмногу исплашен од успехот на Македонија

И еве ги сега во Македонија и во центрите на западен Балкан пак секојдневно пристигнуваат  делегации и државници кои ги убедуваат новите генерации политичари заробеници на историјата и географијата  да ги завршат успешно преговорите со ЕУ и да станат дел од европското семејство. Повторно политичари  од Америка и од западно европските држави се во Белград, во Приштина, во Сараево, Подгорица и во Скопје  кои ги  охрабруваат неодговорните политичари  да ги  спасат своите  држави од опасаноста од војни,  распад, сиромаштија и заостанатост. Нудат членство во ЕУ со политичка и финансиска поддршка за  успешното и забрзано одвивање на преговорите со ЕУ.

Колку се посилни и појасни  аргументите  да продолжат преговорите со ЕУ, толку се погласни отпорите дека ова е завера на светот, во нашиот случај,  против Македонија, дека е во прашање злонамерен притисок и понижување со прифаќање и на бугарскиот по грчкиот  диктат. Повторно се труеме со јалови партиски и лидерски средби и преговори кои денес важат, а утре се отфрлаат. Ечат нови популистички  засилени академски и интелектуални  застрашувања дека е во прашање опасна замка за македонските национални интереси и македонскиот јазик и историја ако се прифати широка владина коалиција и се донесат уставните измени.

Пак е во оптек  крајно навредливата лага колку е лесно Македонците да се асимилират и да станат Бугари во сопствената држава. Дали можете да препознаете кој е најмногу исплашен од успехот на Македонија да стане европска држва со зачувување на сите национални и идентитетски посебности што е темелот на опстанокот на целата ЕУ. Подметнувањата на кукавичките јајца е со затскривање зад  паролите и ние сме за влез во ЕУ, и ние сме за уставни промени, Бугарите да влезат во Уставот, но не под дикатат на Бугарија и не во вакви околности. Ние сме најголеми поборници  за членство во НАТО, но не под овие услови. 

До само пред една година се ветуваа нови договори со Грција и со Бугарија, за сега да се сведе само на гаранции дека Бугарија нема повеќе да ни става вета и уставните измени да важат од денот на приемот на Македонија во ЕУ.  Нереално барање со одложена важност по десетина години како покритие на еволуцијата во ставот на ВМРО ДПМНЕ од поништиување на  договорите со соседите до тоа дека се ќе биде спроведено кога ќе дојдат на власт.

Тоа се „околностите“ на Христијан Мицкоски кои можат да предизвикаат испуштање и на  оваа шанса како и повеќе други во изминатите две ипол  децении со многу поповолни решенија кои одамна, ќе ја сместеа Македонија како редовна членка на ЕУ и на НАТО, во најлош случај заедно со Хрватска да имавме похрабри и помудри политичари.

Она, на што е тешко да се даде рационален и разумен  одговор е „тактиката“  која  веќе четири  години се потпира само на предвремени парламентарни избори. Поедноставено кажано прашањето е што ќе прават ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски по победата.

Дали воопшто се размислува за реалноста да се случи трета победа на ВМРО ДПМНЕ на парламентарни избори без да најде коалциони партнери што  ќе им овозможи да формираат влада. Таа грешка веќе ја призна Љупчо Георгиевски, оснивачот на ВМРО ДПМНЕ, што по првите парламентарни избори и покрај победата не сакаше да стане првиот премиер на  независна Македонија во коалиција со партијата на Албанците. Никола Груевски пак  спротивно  од Георгиевски понизно го чекаше во белата палата на ВМРО ДПМНЕ својот партнер   Али Ахмети до раните утрински часови по изборите од 2016 година  да продолжи коалиционата власт и по 11 години владеење со катастрофални стратегиски грешки во евроаталнските интеграции на Македонија.

Ќе се сликаме ли за спомен и долго сеќавање

Конечно и да обезбеди парламентарно мнозинство и Мицкоски да стане премиер дали ќе ги поништи Преспанскиот и договорот за добрососедство со Бугарија. Според веќе искажаните индиректни најави во неговите јавни изјави и тајни разговори со странските дипломати такво нешто не доаѓа во предвид. Договорите остануваат како што се ратификувани во Собранието. Можно е само да стасаат нови понеповолни услови. Тогаш која е логиката како што вели во други околности и при  друг парламентарен состав да ги донесе непопуларните одлуки чиј најголем критичар е тој и да го поништи најголемиот адут на кој сега јава да ја извојува победата на следните избори.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Секој и малку искусен опозициски политичар кој целата стратегија ја гради на тоа дека се издадени националните и државни  интереси со лоши договори со соседите, а притоа нема никакви шанси да направи подобри договори, таа тешка  одлука ќе ја препушти на политичкиот противник. Се разбира, со неопходната помош да се усвојат уставните промени  во интрес на државата. Тоа не е признавање за кавлитетот на договорите со соседите, туку неопходен политички прагматизам во интерес на државата.

Каков третман им даде ВМРО ДПМНЕ на осумтемина свои  пратеници кои ги изгласаа уставните промени за Преспанскиот договор и со тоа обезбедија членство на Македонија во НАТО. Ги прогласија за предавници за сега да тврдат дека ВМРО ДПМНЕ многу помогнал со лобирање  за члнството во НАТО. Ништо не помогнал ВМРО ДПМНЕ со лобирање, туку помогнаа пратениците на оваа политичка партија кои ги изгласаа уставните промени за да бидат жигосани од својата партија како предавници.

Мицкоски мора да смета и на веројатноста дека секоја следна понуда, ако воошто дојде до тоа, покрај изгубеното време може да биде понеповолна. На ЕУ воопшто нема да и биде тешко во околности на завршување на војната во Украина да се определи за повисоки интереси и за други приоритети при проширување и прием на нови членки. Тие процеси на брз прием на Украина и Молдавија веќе се почнати. Западен Блакан уште е во игра за влез во ЕУ во наредните десетина години,  но ако продолжат замрсените балкански односи и  ЕУ и Америка можат да кренат раце што не е ништо невообичеано во политиката на големите геостратегиски интереси.

Е, тогаш можеме да се сликаме за спомен и долго сеќавање и да ги потврдиме трагичните искусва дека ништо не е ново да се распаднат држави и во 21 век. На тоа и овие генерации граѓани на Македонија беа сведоци повеќепати. Но, очигледно брзо ги заборавивме причините за распадот на Југославија и не ги извлековме поуките кои доведоа до тоа. Ги заборавивме и поповолните шанси кои не ги искористивме да ги оствариме најзначајните државни интереси.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми