1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
4 јануари 2024

Не ни е потребен кинески хороскоп за да сфатиме дека 2024 година ќе биде бурна поради предвидливите изборни циклуси и непредвиливите последици кои ќе следат, зависно од победниците и губитниците. Пишува Арсим Зеколи

Година на змејотФотографија: Reuters

Според кинескиот хороскоп, Годината на змејот настапува на 10 февруари и означува период на потенцијали, амбициозност и можности. Змејовите кои хибернираат по пештери, умеат и да летаат, понекогаш блујат оган од челуста и се генерално во лоши односи со оние кои носат име Ѓорѓија. Од неодамна, по векови фреско-опишани и иконокласирани како олицетворение на ѕверство, змејовите се офајдија од во културата на Холивуд и почнаа да се претставуваат во поблага верзија, дури и како миленичиња и заштитници на децата.

Гледано од самата почетна точка на годината, не ни е потребен кинески или кој било друг хороскоп за да си разбереме дека 2024 година ќе биде бурна поради предвидливите изборни циклуси и непредвиливите последици кои ќе следат, зависно од победниците и губитниците. Очекувањата од претстојните европски избори се главно на линија на стравување/надеж од подемот или победата на крајната десница ширум континентот. Всушност, првиот предизвик и првата непознаница поврзана со евро-изборите е самата излезност на гласачите, која на последните избори во 2019 достигна нешто над 50%, највисока од изборите 1994 година. Прашањето дали излезноста ќе ја надмине таа бројка воедно нуди и одговор за дилемата колку е ЕУ прифатена како факт независно од идеополитичките ориентации на гласачите.

Десницата јакне, левицата не умира

Изборите се случуваат во момент на историски премрежија, но тоа само по себе не значи и дека резултатот однапред може да се заклучи како историски пресврт. Навистина, доминантниот дискурс во рамките на ЕУ е отсликан од подемот на крајната десница, особено по последните избори во Холандија, Италија, Словачка и анкетите низ повеќето земји членки, кои се чини дека навестуваат ширење на трендот. Тмурноста на петгодишното справување со пандемијата и војната во Украина секако ги има истоштено гласачките тела кои од сопствените влади очекуваат сѐ помалку и затоа се наклонети кон тоа гласот да го спроведат во казна. Дури и доколку таа казна оди на контото на оние со кои и не сосема се согласуваат и им веруваат, како што е крајната десница.

Од друга страна, резултатите на последните избори во Полска, Чешка, Словенија, Шпанија укажуваат дека левицата сепак не е сосема во изумирање, барем не кога станува збор за здружување на силите во отпор кон крајната десница. Впрочем, популарноста на националните крајни десници не секогаш се пресликуваат на ниво на Унијата, согласно диспаритетот на интересите на национал-централно ниво кои не секогаш се поклопуваат со оние на сојузно ниво на Унијата. Оттаму, колку и да звучи атрактивно убеденоста во неминовната победа или барем подем на десницата, колку и да наликува дека левицата е во состојба на безидејност и безнадежност, искуствата на националните избори потврдуваат дека финалниот збор е во рацете на студено-крвните калкулантски мотивирани неопределени кои се во доволен голем број за да нудат и надеж и страв во двата спротиставени кампа.

Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Враќањето на Трамп е неизвесно, победа на Бајден исто така

Новата постизборна Европска комисија само што ќе биде избрана, а веќе на сцена ќе стапи Гранде Глобал Класико на американските претседателски избори во ноември, на кои ќе се соочат два остарени лика кои тешко дека ќе ги видат испишаните ‘клучни поенти’ на нивните ‘идиот камери’. Гледано од денешна призма и доколку се потпреме на анкетите, извесно е дека предимството е на страна на одмаздољубиво мотивираниот Доналд Трамп и на штета на од сите страни сардисаниот Џозеф Бајден. Сегашниот претседател се чини дека е една војна плус, еден поголем инцидент или еден скандал подалеку од тонење во безизлезна и губитничка позиција во добивањето номинација од Демократите или поразот од Трамп.

Од друга страна, упатно е да се потсетиме дека слично како Трамп во јануари 2024, така и Хилари Клинтон анкетно убедливо водеше во јануари 2016, кобно потпирајќи се врз „свршен чин“ нарацијата ширена низ мејнстрим медиумите. Судските процеси, одбивањата на определени држави да ја прифатат неговата номинација, но и споделениот замор на Демократите и Републиканците од реприза на 2016-та, се фактори кои укажуваат дека и враќањето на Трамп е подеднакво неизвесно како и победата на Бајден. Дотолку повеќе што самите факти на теренот не се совпаѓаат со бесните колоратури на Републиканците.

На Бајден секако не му одат во прилог војните во Украина, Израел, кои го одвлекуваат вниманието од неговиот несомнен и зачудувачки добар успех во зајакнувањето на економијата на САД и благосостојбата на просечното американско семејство. Доколку изборната волја во 2024 би се водела од фамозаниот слоган на Клинтон „до економијата е, глупчо” во 1992, тогаш победата на Бајден би била дури отсега извесна. Но токму во тој успех лежи парадоксот на тврдоглавата популарност на Трамп. Имено, економското зајакнување секогаш предизвикува поголемо комотно внимание кон неекономски теми, во конкретниот случај врз таканаречените ‘културни војни’ форсирани од крајната десница, новите независни кандидати и крајната левица. Генерално, судирот помеѓу перцепциите, чувствата, предрасудите од една (републиканска) страна и фактите, резултатите, успесите од друга (демократска) страна повторно ќе бидат оската на острата изборна битка и конечен исход на претседателските избори во ноември.

Секој со секого кон секого против сенешто

Избори ќе има и кај нас. Промени? Тешко. Како што најавив есента, до април нѐ очекуваат барем уште две или три тури на менување коалиции, дресови, екипи меѓу секој со секого кон секого против сенешто. Прерано е да се даваат какви било дури и приближни проекции, скраја сите психолошки операции на триумфализам на ВМРО-ДПМНЕ, сега парирани од подеднакво диктирани психолошки операции на победништво на СДСМ. Секако, тензиите се во предеруптивна состојба во партиите во пресрет на селектирањето кандидати, нивните гласачки клиентели и соц-мрежните ботовски армии. Што не може да се каже и за поширокото општество, кое иако заинтересирано, сепак е доволно искуствено созреано да нѐ очекува што било значајно на денот по изборите.

Причината за таа конструктивна блазираност на општеството лежи во согледувањето на реалноста дека нашите партии немаат капацитети за спроведување промени. Не е дека баш не сакаат, дека не се обидуваат да наметнат промени, туку дека немаат капацитети истите да ги спроведат. Деструкцијата на инструментите на парламентарната демократија која се одвиваше од 2012 до денес, на крај неминовно мораше да ги опфати и самите партии кои ја диктираа таа деструктивност. Навистина, на наше граѓанско барање, сите поголеми партии расчистија со добар дел од ‘старите кадри’ – во СДСМ преку чистка на Бранковизмот, Шеќераните, Заевистите, во ВМРО преку чистка на Груевистите, Љубчовистите, во ДУИ преку бркање на „Огнените“. Но наместо тоа да води кон некакво осовремување, новите сили во сите партии беа регрутирани по линија на фиктивна (медиумска, фејсбук) популарност, никаков асален професионален бекграунд, нула животно искуство и со спремност да бидат нови кадри по стар терк на претходните, но сега со уште поголема доза на пилиштарска нарцисоидност и сикофантија.

Критикувајте доколку грешам, но впечатокот на почетокот на изборната година е дека сржта на меѓупартиските судири во големата тројка наликува на борба на wanna-be Груевисти против пишман-Груевисти и ретро-Груевисти. Доколку СДСМ го продолжи системот на груевизмот „но сега на наша сметка”, сегашното ВМРО се чини дека преку борбата против СДСМ всушност се пресметува со самата себе како волчјак скаран со задната нога, додека пак ДУИ отворено инсистира на класико-груевизам со автентичниот креатор на истиот. Во основа, сите три партии се на овој или оној начин диктирани од духот на груевизмот, кој во основа се црпи од замислата, поривот и желбата за тотална доминација, исклучивост и бескомпромисност. Тоа е есенцијата на груевизмот. Како дамоклов меч кој сече јазли и на крај неминовно паѓа по сопствена шија, врат и глава.

Ќорава сдсмовштина и глува ахметовштина

Послушајте ги водечките лајт-мотивни на психолошките операции на сите три партии. ВМРО-ДПМНЕ ја омамува гласачката машинерија преку рециклирање на груевистичката желба за доминација преку обезбедување 61 македонски глас, но притоа премолчува дека самата првична победа на Никола Груевски беше обезбедена со 45 мандати и соработка со ДПА на штета на ДУИ. Повикот „дајте 61 за да владеам раат” дојде прилично подоцна. Но во обата примера, успехот на Груевски се должеше на привидот на доминација во јавноста и болни компромиси во заткулисните политики. Притоа, колку и сегашната пизма против СДСМ да наликува како „досега невидена“, таа е сепак далеку помала од сеопштиот гнев кој се одвиваше низ улиците во 2015/6.

Како што најавувавме, некогашната доминација на ДУИ врз СДСМ годинава заврши со урамниловка помеѓу ќорава сдсмовштина и глува ахметовштина, како зависност на осакатени во заемно куражење и периодични епизоди на водење на слеп кон автопат и пцуење зад грб. Навистина, Ковачевски (или кој веќе беше надлежен) успеа да ја исчисти СДСМ од класата на демагози на лажната граѓанштина (Заев, Шеќеринска, Димитров), но не успеа наместо нив да промовира свежи и харизматични ликови кои ќе ја пополнат празнината на кадровштината и духовноста. Блискоста на раб на зависност од Али Ахмети ниту ја заздравува СДСМ, ниту пак ја прави ДУИ поатрактивна отколку што во реалноста е. Како токсична дружба на крим-корупција во име на ЕУ и заглавена во сопствените лаги на национализам, екологија, интеграции, модернизам и пуцко-реформизам. Единственото што може да се очекува од ДУИ е да се види која нова патрдија за една употреба ќе смислат советниците им од Австрија и Израел. Субјективно, типувам на експлозија на архи-патриотизам. Објективно, чекам на новите имиња на американската црна листа.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми