1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Како се промени Полска по осум години влада на ПиС

Моника Ширацка
2 октомври 2023

Околу еден милион Полјаци демонстрираа во неделата во Варшава против десно популистичката влада на повик на опозицијата, две недели пред изборите. По осум години владеење на партијата ПиС, земјата е поларизирана.

По осум години владеење на партијата ПиС, Полска е поларизирана
По осум години владеење на партијата ПиС, Полска е поларизирана Фотографија: Beata Zawrzel/NurPhoto/picture alliance

Спорна реформа на правосудството, кавги со ЕУ, речиси тотална забрана за абортус, провладини медиуми и богати социјални пакети – осум години Партијата на правдата и праведноста, ПиС, е на чело на Полска и со нејзината политика  ги промени општеството, државата и медиумите.  Дури и да изгубат на изборите во октомври, многу последици од осумгодишното владеење ќе останат.

Социјалните програми како магнет на избори

Јасни победници од политиката на ПиС се околу трите милиони семејства со деца кои од 2016 година го добиваат за прв пат воведениот детски додаток. Во 2015 година планот за околу 110 евра додаток по дете, придонесе на изборната победа на ПиС. и овој пат партијата ги користи стратегиите што се покажаа успешни и ветува зголемување на детскиот додаток на околу 170 евра од дете.

Со социјалните програми, ПиС добива симпатии кај гласачите, другите потези се крајно контроверзниФотографија: Beata Zawrzel/NurPhoto/picture alliance

Партијата ги адресира и пензионерите, чии пензии во периодот меѓу 2016 и 2023 повеќе пати беа зголемувани, а беше исплатувана и т.н. 13-та пензија. Социјалните пакети на партијата се исклучително популарни. Ако наместо ПиС дојде друга партија на власт, ќе мора внимателно да размисли дали ќе ги скрати ваквите социјални услуги, и покрај тоа што тежат на буџетот.

Партиски подмладок на ПиС на клучни позиции

Државните фирми исто така ги „обдаруваат“ гласачите, па така на пример нафтениот концерн „Орлен“ под водство на Даниел Обајтек месецов толку ги намали цените на бензинот, што од соседна Чешка луѓе доаѓаа да наточат гориво во Полска и медиумите почнаа да зборуваат за „бензински туризам“. Цената по изборите веројатно повторно ќе се нормализира. Но, луѓето како Обајтек ќе останат врзани со ПиС, бидејќи и` се должни на партијата.  За само две години тој од градоначалник во мало место стана шеф на нафтениот гигант и човек од доверба на  претседателот на партијата, Јарослав Качински.  За критичарите ваквата блиц кариера на Обајтек е пример за запоседнување на државни позиции со партиски подмладок како што тоа се случи на многу места за време на владеењето на ПиС. Тие лица може да влечат конци во интерес на ПиС, дури и ако партијата изгуби на изборите.

Правосудството под контрола на власта

Еден од најпознатите случаи датира од 2015 година кога поранешниот дипломат и дипломиран правник Јулија Пржилебска беше назначена за претседател на Уставниот суд. Изборот е спорен бидејќи многу етапи од вообичаената процедура беа прескокнати. Скокот во кариерата на Пржилебска ја симболизира стратешката промена во правосудството која ПиС ја спроведува уште од првиот мандат за да го зголеми своето влијание и да спроведува закони во своја корист.

Игор Тулеји, судија за чие суспендирање Европскиот суд за човекови права пресуди дека е нелегално Фотографија: Bernd Riegert/DW

Реформата на правосудството е најтешката оставнина по осум години на власт. ЕУ ја критикува затоа што ја загрозува независноста на судството со тоа што судите и обвинителите се потчинети на владата. Кој од позиција на судија или обвинител ги критикува таквите постапки, е шиканиран и не може да напредува во кариерата, за што најпознат пример е судијата Игор Тулеји од Варшава, кој на едно јавно рочиште откри дека пратеници на ПиС го прекршиле Деловникот на Парламентот. Поради тоа беше две години суспендиран од работа. Иако Тулеји, за чие суспендирање Европскиот суд за човекови права пресуди дека е нелегално, е веќе вратен на работа, судиите и обвинителите се генерално и натаму ограничени во нивното дејствување. ЕУ отпочна повеќе постапки против Полска поради начелото за владеење на правото, ја казни земјата со парични казни и ја скрати помошта од фондовите за обнова по короната. ПиС се обидува пред домашната јавност да го минимизира значењето на изгубените милијарди евра, но долгорочно за државата тие може да претставуваат сериозен економски проблем.

Медиумите - инструмент за пропаганда

ПиС од првиот ден на власт, со сите средства е ориентирана кон тоа да остане на власт. За да може тоа да функционира, ги реструктурираше и медиумите. Јавниот радиодифузен сервис кој веднаш по победата во 2015 беше ставен под контрола на власта, од тогаш пренесува прилично позитивна слика за ПиС и  ги обработува темите кои се важни за владата.  Независните новинари кои не сакаа да се потчинат на таквиот курс беа отпуштани од работа, или принудени самите да си дадат отказ.

Протест во Краков за независност на медиумите во Полска Фотографија: Beata Zawrzel/NurPhoto/picture alliance

Но, ни тоа не беше доволно за ПиС, па бараше „ре-полнизација“ на медиумите. Во декември 2020 година од државниот нафтен концерн „Орлен“ соопштија дека ја откупуваат медиумската фирма „Полска прес“ до тогаш во сопственост на германскиот издавачки концерн „Пасау“. Со тоа ја презедоа уредничката контрола над 20 локални весници, 120 неделни изданија и 500 портали. Малку по малку и тука уредништвото се менуваше со новинари блиски до ПиС. Новинарите од независните медиуми пак, беа предмет на тужби и на тој начин замолчувани. Освен тоа, владата не се огласува во критичките медиуми со што приходите од маркетинг, за многу од нив важен извор на финансии, секнаа. Критичкото новинарство по 8 години е многу заслабено.

Против ЛГБТ и мигрантите

ПиС се обидува јавното мислење во Полска да го врти во своја полза и притоа напаѓа пред се` две групи – ЛГБТ кои претседателот Дуда во 2020 година рече дека „не се луѓе, туку идеологија“ и мигрантите.  

И во оваа предизборна кампања ПиС се обидува да шири страв кај приврзаниците со говор на омраза против мигранти од муслимански земји. Мигрантите според ПиС не се само закана за либералните вредности на Западот, туку и за католичките и за традицијата на Полска. Но, токму за време на кампањата на виделина излезе дека високи функционери преку трети лица  продале стотици илјади Шенген визи на мигранти  од муслимански држави. За многумина тоа е доказ за дволичноста на ПиС. Но, ширењето расположение контра странци во изминатите години пред се` ја зајакна десноекстремната партија „Конфедерација“, која сега би можела да стане трета најсилна во земјата.

Јарослав Качински, шефот на ПиС, ја минимизира аферата со продажба на визиФотографија: KACPER PEMPEL/REUTERS

Рестриктивни правила за абортирање

Како дел од своето наследство владата на ПиС остава и  заострен Закон за абортус,  кој и онака важеше за еден од најстрогите во цела Европа. Во октомври 2020 година Уставниот суд под водство на Пржилебска и покрај масовните протести, одобри закон со кој абортус е дозволив само во случај на силување или опасност по здравјето на мајката. Со новиот закон родителите се обврзани на свет да донесат и деца со тешки деформации, или пак деца кои не се способни да преживеат. Откако е донесен законот, повеќе бремени жени починаа затоа што и покрај опасност по живот, во болницата им било одбиено барањето за абортус. Многу лекари се плашат од кривичен прогон затоа што криминализирана е и поддршката на абортус. Во март 2023 година за прв пат падна и пресуда за учество во абортус против една активистка која на една трудница и` го пратила своето апче за прекин на бременоста. Таквите апчиња не се достапни во аптеките во Полска.

Протест во Варшава против рестриктивната регулатива за абортирање во ПолскаФотографија: WOJTEK RADWANSKI/AFP/Getty Images

Тензии со соседна Украина

Полската влада долго време се гордееше со помошта за Украина. Релациите меѓу двете земји никогаш не биле едноставни, но со оглед на руската закана, одеднаш имаше солидарност и единство. По рускиот напад, милиони Украинци избегаа преку границата, од кои 1,2 милиони и натаму живеат во Полска. Земјата беше и меѓу првите кои пружија воена помош и апелираа западните партнери од НАТО да испорачуваат оружје за Украина.

Но, сега се појавуваат  сериозни пукнатини во пријателството.  Полските власти самоволно го продолжија ембаргото на ЕУ за украински житарки, веројатно за ПиС да ги придобие важните гласови на полските земјоделци кои страшно се противеа на увозот од Украина. ПиС ризикува сериозно нарушување на односите со соседот заради краткорочна придобивка на гласови.

Па така, меѓу првите предизвици за либералната опозиција, доколку успее да дојде на власт, ќе биде нормализација на односите со Украина. Во многу други сфери веројатно ќе бидат потребни години за да се ревидираат реформите спроведени од ПиС и да се воспостави либерална демократија со слободно правосудство и медиуми. Доколку ПиС повторно победи на изборите на 15 октомври, во третиот мандат партијата би можела уште повеќе да ги промени состојбите во државата, медиумите и општеството и земјата уште повеќе да се движи во правец на автократија, стравуваат многу либерални Полјаци.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми