1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Транскрипти на ужасот: „Никогаш не сум видел ваков пекол“

БГ /АП
23 февруари 2023

Злосторства врз цивили, грабежи и пијанства... Пресретнати разговори на руски војници со нивните мајки и сопруги прикажуваат шокантна слика за случувањата во војната во Украина. Ова се приказните на тројца од нив.

Бахмут Украина
Украински војници пукаат од артилериско оружје кон руски позиции во БахмутФотографија: Libkos/AP/dpa/picture alliance

Како луѓе воспитани со чувство за правилно и погрешно вршат ужасни акти на насилство врз други?

Тоа е човечката мистерија во срцето на преку 2.000 пресретнати телефонски разговори на руски војници во Украина. Разговорите кои ги објавува агенцијата Асосиејтед прес нудат интимна перспектива на едногодишната војна започната од рускиот претседател Владимир Путин, видена низ очите на самите војници. 

АП идентификуваше повици направени во март 2022 од војници во воена единица за која украинските обвинители тврдат дека извршила воени злосторства во Буча, град на периферијата на Киев кој стана симбол за раните руски злосторства. 

Разговорите покажуваат колку неподготвени биле младите војници, како и нивната земја, за војната која ја започнаа. Многумина се приклучиле во армијата затоа што им требале пари и биле информирани за нивното распоредување во последна минута. Им било кажано дека ќе бидат пречекани како херои за ослободувањето на Украина од нацистичкиот окупатор и неговиот западен поддржувач, и дека Киев ќе падне без крвопролевање за една недела. 

Разговорите покажуваат дека откако војниците сфаќаат колку биле доведени во заблуда, стануваат сѐ поисплашени. Насилството на кое воопшто не помислувале, одеднаш станува нормално. Ретките моменти на опуштеност доаѓаат само по грабежи и пијанства. Некои велат дека само следеле наредби при убиствата на цивили или воени заробеници. 

Се слуша како нивните мајки се обидуваат да најдат баланс меѓу сопствената гордост и хорор, и како нивните сопруги и татковци ги молат да престанат со пиење и да се јавуваат дома. 

Ова се приказните на тројца војници: Иван, Леонид и Максим. АП не ги користи нивните целосни имиња за да ги заштити нивните семејства во Русија. АП утврди дека тие се наоѓале во зони каде биле извршени воени злосторства, но нема докази за нивни лични злосторства освен оние што самите ги признаваат во разговорите. 

Руски регрути се качуваат на воз во регионот на ВолгоградФотографија: dpa/AP/picture alliance

Разговорите се верификувани, и редактирани заради јасност и должина. АП разговараше со мајките на двајца од војниците, но не успеа да стапи во контакт со мајката на Максим. 

ЛЕОНИД

Леонид станал војник затоа што му требале пари. Бил должен и не сакал да зависи од родителите.
„Не бев емоционално подготвена за одењето на моето дете во војна на возраст од 19 години“, изјави неговата мајка за АП. „Никој од нас нема доживеано нешто вакво, ниту дека моето дете ќе живее во време кога мора да војува“. Мајката на Леонид вели дека Русија мора да се заштити од своите непријатели. Но, како и многумина, таа очекувала дека Русија брзо ќе ја освои источна Украина. Но, Леонид заглавил во околината на Буча.

„Никој не очекуваше дека ќе биде толку страшно. Мојот син ми рече само една работа: 'Мојата совест е чиста. Тие први пукаа. Толку'“, вели неговата мајка.

Во повиците е очигледна моралната дисонанца меѓу начинот на кој мајката на Леонид го воспитала и она што тој го гледа и прави во Украина. Сепак, таа го брани својот син, инсистирајќи дека тој никогаш не ни имал контакт со цивили во Украина. Се било мирно и цивилизирано и ништо лошо не се случило. Таа одби да ги слушне пресретнатите разговори: „Ова е апсурдно“, рече таа. „Само не се обидувајте да изгледа дека моето дете убило невини луѓе“. 

1. Убиј ако не сакаш да бидеш убиен 

Леонид влегол во војната на 24 февруари, откако неговата единица влегла во Украина од Белорусија и уништила група Украинци на границата. По првата битка, Леонид делува полн со сочуство за младите украински војници кои ги убиле. 

Мајката: „Кога се исплаши?“

Леонид: „Кога нашиот командант не предупреди дека 100% ќе пукаат врз нас. Не предупреди дека и покрај тоа што ќе не бомбардираат и пукаат врз нас, мораме да се пробиеме“.

Мајката: „Пукаа ли?“

Леонид: Секако. Ги победивме. 

Војник на руската групација Вагнер стои пред уништена зграда во градот СоледарФотографија: ITAR-TASS/IMAGO

Мајката: Пукавте од тенковите?

Леонид: Да. Пукавме од тенковите, од автоматското оружје и пушките. Немавме загуби. Уништивме четири нивни тенкови. Насекаде имаше мртви и запалени тела. Победивме“.

Мајката: Ох каков кошмар! Лионка, сакаше да преживееш, нели душо? 

Леонид: Повеќе од било кога!

Мајката: Повеќе од било кога, душо?

Леонид: Секако.

Мајката: Тоа е ужасно.

Леонид: Лежеа таму, 18 или 19 годишни. Различен ли сум од нив? Не, не сум.

2. Правилата на нормалниот живот не важат 

Леонид и раскажува на мајка си дека планираат да го освојат Киев за една недела, без да испукаат куршум. Но, неговата единица е нападната од правец на Чернобил. Тие немаат карти, а Украинците ги тргнале сите знаци на патот.

„Беше толку збунувачки“, вели тој. „Тие беа подготвени“.

Не очекувајќи подолга битка, руските војници остануваат без основни намирници. Еден од начините да ги добијат, е да крадат.

Многу војници, вклучително и Леонид, зборуваат за пари со прецизност на луѓе кои немаат доволно. Некои добиваат нарачки од пријатели и семејствата за одредени модели на чевли или делови за автомобили, и задоволно ги прифаќаат горди што можат да се вратат дома со подароци. 

Кога Леонид и кажува на мајка си за грабежите, таа најпрво не верува дека тој краде. Но за него тоа станува нормално. Додека зборува, тој гледа град кој гори на хоризонтот. 

„Каква убавина“, вели тој.

Леонид: Види мамо, гледам голем број куќи... не знам, десетици, стотици... и сите се празни. Сите избегале.

Мајката: Сите избегале? Вие не грабате од нив, нели? Не влегуваш во туѓи куќи?

Леонид: Секако дека го правиме тоа, мамо. Да не си луда?

Мајката: Ах, значи го правите. Што земате од таму?

Леонид: Земаме храна, постелнина, перници, ќебиња, вилушки, лажици, лонци...

Мајката: (се смее) Се шегуваш.

Леонид: Секој кој нема чорапи, чиста долна облека, маички, блузи... 

3. Непријателот е насекаде 

Леонид и раскажува на мајка си за ужасот при патролирањето и исчекувањето дали и кого ќе пресретнат. Опишува дека користат смртоносна сила при најмала провокација против било кого. Најпрво, таа се чини не верува дека руските војници би убивале цивили. Леонид и објаснува дека на цивилите им било речено да избегаат или да се сокријат во засолништа, па секој што останал надвор не може да биде вистински цивил. 

Мајката: Ах Лионка, толку нешта си видел таму!

Леонид: Па... цивили лежеа наоколу на улиците со распрснати мозоци.

Мајката: Боже. Мислиш на локалните жители:

Леонид: Да. Да. 

Руски војник во УкраинаФотографија: Konstantin Mihalchevskiy/SNA/IMAGO

Мајката: Вие ги убивте нив или оние...

Леонид: Тие се убиени од нашата армија.

Мајката: Лиониа, можеби се мирољубиви луѓе.

Леонид: Мамо, имаше битка. И одеднаш ќе се појави некој, знаеш? Можеби ќе извади ракетен фрлач... Или имавме еден случај, младо момче беше сопрено, му го земаа мобилниот. Ги имаше сите информации за нас во Телеграм апликацијата... каде да се гранатира, колкумина сме, колку тенови имаме. И тоа е.

Мајката: Значи знаеле сѐ?

Леонид: Беше убиен на место.

Мајката: Аха.

Леонид: Имаше 17 години. И тоа е, на самото место. 

Мајката: Аха.

Леонид: Имаше еден затвореник. Беше 18-годишно момче. Најпрво, му беше пукано во ногата. Потоа му ги отсекоа ушите. Потоа, призна сѐ, и го убија.

Мајката: Призна ли?

Леонид: Не ги затвораме. Мислам, сите ги убиваме.

Мајката: Аха. 

Леонид се врати во Русија во мај, тешко ранет, но жив. И кажал на мајка му дека Русија ќе победи во војната. 

ИВАН 

Иван сонувал да биде падобранец уште како дете, растејќи во село во Сибир. Се облекувал во воена униформа и играл пејнтбол со другарите во шумата. Сонот на Иван се остварил. Станал дел од елитната единица на руски падобранци, кои влегоа во Украина на првиот ден од инвазијата, 24 февруари. 

„Овде е мојот дом“ - жителите се враќаат во уништената Буча

01:55

This browser does not support the video element.

1. Патот на Иван во војната 

Иван бил на обука во Белорусија кога добил порака на Телеграм: „Утре заминувате за Украина. Се врши геноцид врз руското население. Мораме да го сопреме“.

Кога неговата мајка открила дека е во Украина, вели дека престанала да зборува со денови и земала седативи. Косата и побелела. Сепак, била многу горда на него. 

Иван завршил во Буча.

Иван: Здраво мамо.

Мајката: Здраво сине. Како...

Иван: Како си?

Мајката: Вања, знам дека можеби слушаат и страв ми е...

Иван: Не е важно.

Мајката: да прашам каде си, што се случува. Каде си?

Иван: Во Буча.

Мајката: Во Буча?

Мајката: Сине биди внимателен колку што можеш, важи? Немој да се залетуваш. Биди со бистра глава.

Иван: Добро, ајде, не се залетувам.

Мајката: Да, секако. А вчера ми зборуваше како ќе убиеш сите наоколу. (се смее)

Иван: Ќе убиваме ако мораме.

Мајката: А?

Иван: Ако мораме, мораме.

Мајката: Те разбирам. Толку сум горда на тебе синко! Не знам ни како да ти опишам. Многу те сакам. И те благословувам за сѐ. Ти посакувам успех. И ќе те чекам без оглед на сѐ.

2. Крајот

Како што се влошува ситуацијата за Иван во Украина, патриотизмот на неговата мајка се засилува, а нејзиниот бес расте. Семејството има роднини во Киев, но веруваат дека се на исправниот пат во војна против нацистичката окупација во Украина, како и темната рака на САД која, според нив, стои зад големиот отпор на Украина. Мајката вели дека и самата би отишла во Украина да се бори. 

Мајката: Имаш ли проценки за крајот...?

Иван: Засега сме тука. Веројатно ќе останеме додека не ја исчистиме цела Украина. Можеби ќе не извлечат. Можеби нема. Одиме во Киев.

Мајката: Што ли ќе прават?

Иван: Не одиме никаде додека не ги исчистиме сите овие штетници.

Мајката: Ги чистите ли тие копилиња?

Иван: Да. Но, не чекале и се подготвувале, разбираш? Добро се подготвувале. Американските г...а им помагале.

Мајката: Е....и е....и Е.....и убијте ги сите. Имаш мој благослов. 

Убиени цивили на улиците во БучаФотографија: Ronaldo Schemidt/AFP

Иван загина на 22 години.

Во јули, локалниот весник објави посмртница со негова фотографија, во воена униформа и со пушка в рака. Иван херојски загина во руската „специјална воена операција“, се наведуваше. Никогаш нема да те заборавиме. Цела Русија ја споделува вашата тага.

Во јануари годинава, неговата мајка најпрво тврдеше дека никогаш не разговарала со својот син додека бил на фронтот. Но се согласи да преслуша дел од пресретнатите разговори и потврди дека разговарала со Иван. 

„Не беше вмешан во убиства, ниту во грабежи“, изјави таа за АП пред да го спушти телефонот. Иван беше нејзиниот син единец.

МАКСИМ 

Максим е пијан во дел од разговорите, ги развлекува зборовите, затоа што не може да го издржи животот на фронтот во трезна состојба.

Нејасно е во која воена единица е Максим, но телефонира од истиот телефон како Иван, во истите денови.

Тој вели дека се сами и изложени. Комуникацијата е толку лоша што повеќе се на удар од огнот на нивните трупи одошто од Украинците. Има забоболка и нозете му се замрзнати. Ловот по локалци- мажи, жени и деца- кои информираат за нивното движење е константен. Расположението на Максим се движи меѓу здодевност и ужас- не само од тоа што го видел, туку и поради она што го правел. 

1. Злато!

Максим е во можност да разговара со своето семејство во Русија само затоа што им ги крадат телефоните на локалните жители. Вели дека им ги земаат дури и на децата. 
„Сѐ земаме од нив“, и објаснува на сопругата. „Затоа што можат да бидат и е....и набљудувачи“.

Заглавени пред Киев, здодевни и несигурно зошто се воопшто во Украина, Максим и неколкумина други пукаат во трговски центар и го изнесуваат сето злато кое можат да го носат.

Во татковината, Максим има проблем со пари, но тука неговите раце се преполни со злато. Тој задоволно пресметува колку би можело да вреди златото.

Максим: Знаеш ли колку чини грам злато тука?

Сопругата: Не.

Максим: Одблизу? Околу две или три илјади рубљи, нели?

Сопругата: Па, да.

Максим: Е па, имам 1,5 килограми. Дури и со декларации.

Соругата: Господе, ние крадци ли сме?

Максим: Со декларации, да. Го е.....е ова. Пукавме во трговски центар од тенкот. Потоа влеговме, и таму имаше златарница. Собравме сѐ. Но имаше и сеф внатре. Го отворивме, и внатре. Е.. ме! Ние седуммина се наполнивме. 

Масовна гробница во БучаФотографија: Sergei SUPINSKY/AFP

Сопругата: Сфаќам.

Максим: Имаше онакви ѓердани, знаеш. Во наши пари, тие се околу 30-40.000 парче, 60.000 парче.

Сопругата: Побогу!

Максим: Земав околу 1,5 кило и половината од ѓерданите, брошевите, белегзиите, обетките... обетки со прстени.

Сопруга: Доволно е, не ми кажувај.

Максим: Како и да е, пребројав и, доколку грам е 3.000 рубљи, имам околу 3,5 милиони. Ако ги продадам.

Сопругата: Сфаќам. Каква е ситуацијата таму? 

Максим: Па, е....о ОК.

Сопругата: Разбирам.

Максим: Немаме е.... ништо да правиме, па шетаме и грабаме низ е..... трговски центар.

Сопругата: Само биди внимателен, побогу.

2. Пропаганда

Максим и неговата мајка дискутираат за различните погледи кон војната кои се емитуваат на украинската и руската телевизија. Тие ги обвинуваат САД и ги повторуваат конспиративните теории кои се вртат на руските државни медиуми. Но Максим и неговата мајка веруваат дека Украинците се тие кои измамени од лажните вести и пропагандата, а не тие самите. Најдобриот начин да и се стави крај на војната, вели неговата мајка, е да се убијат претседателите на Украина и на САД.

Подоцна, Максим и кажува на мајка си дека илјадници руски трупи загинале во првите недели од војната, толку многу што нема време за ништо друго, освен да се ослободат од телата. Не велат така на руската ТВ, вели неговата мајка. 

Максим: Тука, се е американско. Сите оружја.

Мајката: Американците го водат ова, секако! Погледни ги нивните лаборатории. Тие развиваат биолошки оружја. Коронавирусот буквално почна таму.

Максим: Да, и јас некаде видов дека користеле лилјаци.

Мајката: Сето тоа. Лилјаци, птици преселници, па дури и коронавирусот може да е нивно биолошко оружје.

Мајката: Дури ги најдоа и сите тие документи со потписи од САД низ цела Украина. Синот на Бајден стои зад сето ова.

Мајката: Кога ќе заврши? Кога ќе престанат да ги снабдуваат со оружје.

Максим: Хм.

Мајката: Додека не го фатат Зеленски и не го егзекутираат, ништо нема да запре. Тој е будала, будала! Тој е марионета на САД, а ним не им ни треба, будалата. Гледаш телевизија и жал ти е за луѓето, цивилите, некои патуваат со мали деца.

Мајката: Да ми дадат пушка, ќе одам и ќе го застрелам Бајден. (се смее)

Максим: (се смее)

3. Војна и мир

Украинската влада ги пресретнува руските разговори кога сигналот од нивните телефони ќе се одбие од украинските мобилни централи, овозможувајќи и на армијата значајни разузнавачки податоци. Сега, разговорите се потенцијални докази и за воени злосторства. 

Но телефоните се опасни за војниците и во друга, лична смисла. Телефонот е мост меѓу две неспојливи реалности- војната во Украина и домашната.

Една ноќ во март 2022, Максим веќе не може да се воздржи за време на разговор со сопругата. Многу пиел, како што прави секоја ноќ. 

Регрутирање на студенти за руската армија во СибирФотографија: Yevgeny Sofiychuk/TASS/dpa/picture alliance

И кажува дека убивал цивили- толку многу што мисли дека полудува. Вели дека можеби нема да се врати дома жив. Едноставно седи пијан во темнина, чекајќи да почнат нападите на украинската артилерија.

Сопругата: Зошто? Зошто пиеш?

Максим: Сите се вакви тука. Невозможно е без тоа.

Сопругата: Како е.....е ќе се заштитиш ако си пијан?

Максим: Сосема нормално. И обратно, полесно е да се пука... цивили. Ајде да не зборуваме за ова. Ќе се вратам и ќе ти кажам како е тука и зошто пиеме. 

Сопругата: Те молам, внимавај!

Максим: Се ќе биде во ред. Искрено, исплашен сум до смрт. Никогаш не сум видел ваков пекол. Е.... сум шокиран.

Сопругата: Зошто отиде таму?

Неколку минути подоцна, тој разговара со своето дете. 

„Ќе се вратиш?“, прашува детето.

„Секако“, одговара Максим. 

4. Крајот?

Во последниот снимен разговор, сопругата на Максим како да претчувстува нешто.

Сопругата: Се ли е во ред?

Максим: Да. Зошто?

Сопругата: Биди искрен, се ли е во ред?

Максим: А? Зошто прашуваш?

Сопругата: Онака, само не можам да спијам ноќе.

Максим е без здив. Тој и неговата единица се подготвуваат да заминат. Сопругата го прашува каде одат.

„Напред“, и кажува. „Нема да можам да те барам некое време“. 

Буча: Сè повеќе докази за злосторства врз цивилите

01:44

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми