1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големата дилема на СДСМ: Да оди на исти листи со ДУИ или не?

13 јануари 2024

Европскиот фронт изгледа убаво на зборови, но каква форма би можел да добие за оние кои би биле во него да не излезат како губитници на изборите наместо победници. Пишува Љупчо Поповски

Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ, Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Додека да се свртиш времето кога ќе треба да се донесат клучните одлуки за стратегијата за претседателските и парламентарните избори ќе дојде без да го забележиш. За двете главни политички партии ова време протекува како песокот во песочниот часовник. Изгледа многу, но по едно две обѕрнувањата гледате дека во горниот дел речиси не останал песок.

Секогаш и секаде било јасно дека партијата што е на власт е во стратешка предност пред секои избори. Може под светлата на рефлекторите да промовира нови проекти, нови идеи, нови концепции, може да покажува генерозност кон различни структури на населението, кон општински управи, кон специфични слоеви, да се среќава со важни меѓународни партнери. Во македонскиот случај СДСМ тоа го прави како што е вообичаено да се прави.

Само на прв поглед изгледа дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ е хендикепирана во тој сегмент. Но, не е така. Претставувајќи власт во половина од општините таа две години развива мрежа која треба да ѝ помогне во собирањето финансиски ресурси, во анимирање на гласачите, во стегање на редовите и проширувањето на поддржувачите. Тоа не е исто како да си државна власт, но сепак емитира некаква моќ. Заедно со удобната предност во анкетите тоа ѝ овозможува да не биде премногу напрегната во креирањето на изборната програма и конципирањето на листите во шесте единици. И постојано да зборува за корупцијата, непотизмот, отстуството на правната држава. Но, не еднаш се покажало дека предноста во анкетите може да се трансформира во залажување.

Проблемите на СДСМ и на неговиот лидер Димитар Ковачевски во овој момент изгледаат поголеми, па дури и нерешливи. Барем половина година наназад виси во воздухот, а меѓу партиските структури се шепоти основната дилема – дали на изборите да се се оди самостојно (со традиционалните коалициски партнери) или таканаречениот европски фронт да излезе со заеднички листи. Пред неколку месеци тоа изгледаше како варијанта која може и да се оствари, но сега ризиците се чинат поголеми отколку што можат да бидат придобивките.

Нема никаква дилема дека социјалдемократите прават истражувања што би можеле да им донесат заедничките листи со ДУИ и евентуално Алијансата за Албанците. Барем јавно, не се познати резултатите од овие истражувања. Тие можеби и се менуваат од месец во месец поради тоа што во јавноста, особено во нејзиниот македонски дел, преовладува впечатокот дека ДУИ поткопува многу работи и во раководењето на владата и во владеењето на правото. И дека предничи во корупцијата и во непочитувањето на правото. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го држи овој бајрак и мавта со него секој ден изминатава година.Тоа може да биде и наметната перцепција, но кај многу граѓани перцепцијата може да одлучи кому би му го дале гласот на изборите. Па макар и да не било така.

Кога ќе замине од премиерската функција на 29 јануари Димитар Ковачевски ќе може повеќе да им се посвети на партиските работи, да го собира речиси секојдневно раководното тело во седиштето на партијата и заедно со стратегиските советници да го избере најкорисното за неговата партија за да може и по изборите да ја води владата, па макар и неговата партија не победила на гласањето. А во исто време партијата да го избере  претседателскиот кандидат,  чија победа во првиот круг (или силен резултат) би можела да биде охрабрувачка увертира за парламентарните избори.

Четири варијанти

Какви варијанти им стојат на маса на Ковачевски и СДСМ? Првата од нив е партијата да излезе сама со коалицијата на изборите, втората е да има заеднички листи со ДУИ, третата е да има такви листи само во три или четири изборни единици, а четврата е да направи некаков заеднички настап со Алијансата за Албанците.

Тешко би можело да се каже дека првата варијанта – самостоен настап – би им донела најмногу успех на социјалдемократите. Иако би била најрелаксирачка доколку таканаречениот европски фронт има повеќе пратеници од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица (плус партијата на Максим Димитриевски). Тоа за поддржувачите на СДСМ и неговите членови би бил чесен пристап затоа што, барем во кампањата, би се дистанцирале од она за што се обвинува ДУИ (и што е, и што не е), затоа што во македонскиот етнички кампус се развива една албанофобија, без оглед дали тоа некој сака да го признае или не. И дека апетитот и  власта на ДУИ се драстично поголеми од бројката на пратениците. И дека интегративците, всушност, не можат да ги видат границите во кои би требало да функционираат и „грабаат ли грабаат“ со еден раздралив вид на ароганција. Факт е дека институционалното искуство на ДУИ (20 години непрекинато во власта) сега, всушност, се преточува во институционална моќ. Кога СДСМ дојде на власт во 2017 изгледаше дека не е подготвен за целиот спектар на промени што требаше да ги направи по 11-те режимски години, а ДУИ ја доживеа најдобрата „трансформација“ – власта да се промени, а таа да остане иста.

Но за да се владее потребни се бројки во парламентот, а не фактички победници. Тоа лани најдобро се покажа по драматичните избори во Шпанија и Полска, кога победниците не успеаја да формираат влада, туку оние што го собраа мнозинството. Дали заедничкиот настап со ДУИ може да ги донесе овие бројки за СДСМ? Малку кој би можел да се клади во тоа. Можеби тоа ќе бидат 44-46 пратеници (можеби и помалку), а тоа сепак би било под пратеничките места кои на ВМРО-ДПМНЕ ѝ ги даваат сегашните анкети. Во штабот на СДСМ тогаш би можело да се постави прашањето – дали овој ризик се исплатеше, зошто алиениравме еден значаен број македонски гласачи.

Сомнежите за ваквиот настап не само што се легитимни, туку се и реални. Дали е подобро да се доживее еден борбен пораз или пораз со комплицирани последици? Особено што никој не може да гарантира дека ВМРО-ДПМНЕ не би чукнал на вратата на Али Ахмети за да се договараат за идната владина коалиција.

И покрај тоа што има повремени напрегнатости, факт е дека СДСМ и ДУИ функционираат релативно мазно во владината коалиција. Особено во економските ресори. Тоа е добра основа за заеднички настап. И за поголем успех од оној што анкетите сега го предвидуваат, во кои ВМРО-ДПМНЕ изгледа го достигна својот максимум и не може да оди погоре. Дури и на неговиот лидер му стана јасно тоа, па веќе ги нема оние повици за бирачите да им дадат 61 пратеник, затоа што сегашнава ситуација е замрзната на околу 51-52.

Тешкиот избор на Алијансата за Албанците

Третата варијанта можеби би имала шанси за поголем успех како што СДСМ го направи тоа на одреден начин со Беса на изборите во 2020 и тоа беше рецептот за победата на изборите. Без оглед на тоа што подоцна таа коалиција се распадна откако апетитите на Беса станаа драматично поголеми од освоените пратенички места во Шестата изборна единица. СДСМ и ДУИ би можеле да го направат тоа во Единицата, Двојката, Петката и Шестката. Тоа особено би можело да биде многу корисно во Првата и Втората изборна единица, каде битката ќе биде најразорувачка и најнеизвесна, со многу актери. И од македонскиот и од албанскиот спектар.

Последната варијанта изгледа најмалку веројатна, но понекогаш она што изгледа неостварливо се претвора во агенда на денот.  Алијансата за Албанците (АА), по малку неочекувано, барем според она што го кажуваат анкетите, се најде на дното на изборот на албанските гласачи. Ако им се верува на тие анкети, АА би освоила 3-4-5 пратеници, а тоа е најмалку двојно помалку од она што го има сега. АА се наоѓа во своевидно менгеме, и внатрепартиско и меѓу другите партии. Одамна се шират информации, кои не се убедливо демантирани, дека врвот на партијата и членството е поделено помеѓу поранешниот и сегашниот претседател, Зијадин Села и Арбен Таравари.

ДУИ, наводно, го притиска раководството на АА да се приклучи на таканаречениот европски фронт, а можеби и да прави заеднички листи со интегративците. Засилените од самодоверба тројцата партнери од коалицијата „Европски сојуз за промени“ сакаат да го привлечат во својата орбита Таравари и на тој начин заедно да освојат повеќе пратеници од ДУИ. Голем влог во оваа игра е што  косовскиот премиер Албин Курти отворено застана зад тројката Меџити, Касами и Гаши. А порано Курти беше најрадо видениот гостин на собирите и во канцелариите на Алијансата.

Таравари на Фејсбук неодамна напиша: „Има деликатни моменти во историјата на една држава каде одлуката која ќе ја донесете за краток временски период, ги спасува следните децении“. Наводно, и едната и другата страна ѝ нуделе на АА сигурен број пратеници и градоначалници.

Дали може  Алијансата за Албанците да го избегне стисокот од ова менгеме со тоа што ќе формира заеднички листи со СДСМ на парламентарните избори? Тоа би можело за нив да изгледа како излезна стратегија за да не бидат поклопени од двата камења во албанскиот кампус. Сепак, прашање е дали тоа во овој момент изгледа остварливо. Забележливо е дека премиерот Ковачевски во последно време е гостин на редица настани од здравството, главно поврзани со нови вложувања, со што ја зголемува специфичната министерска тежина на Фатмир Меџити (наводно, многу близок со Таравари). Тоа би требало да сугерира на многу добра соработка со Алијансата.

Веројатно маглата ќе почне да се крева за еден месец кога некои од картите ќе им бидат поделени на повеќе овдешни политички актери. Дотогаш вкупните работи изгледаат прилично комплицирани и нејасни. Но две работи веќе сега се прилично јасни: на претседателските избори ќе има голема „турканица“, како во 2009, а на парламентарните дури и уште поголема. Ќе биде многу интересно и неизвесно. Некои веќе гледаат во кристални топки, но таму уште ништо не се исцртува.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми