1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Велика Британија: Големи антирасистички демонстрации

СН/агенции
8 август 2024

По денови безредија на екстремните десничари во Велика Британија илјадници луѓе излегоа на улиците во повеќе градови во земјата на своевидни контрапротести.

Жителите на населбата Волтхемстоу во Лондон организираа демонстрации против планираниот антиимигрантски протест на екстремната десница
Жителите на населбата Волтхемстоу во Лондон организираа демонстрации против планираниот антиимигрантски протест на екстремната десницаФотографија: Burak Bir/Anadolu/picture alliance

Илјадници демонстранти против расизмот ги исполнија улиците на Лондон и другите градови за да протестираат против повикот за повеќе антиимигрантски маршеви на екстремно десничарските групи во Велика Британија, кои протестираа во последните денови.

Илјадници полицајци беа распоредени во британската престолнина Лондон, соопшти Метрополитен полицијата.

Дополнително, околу 1.300 специјалци беа во зголемена готовност во случај на сериозни проблеми во Лондон.

До средата вечерта, демонстрантите против расизмот ги исполнија улиците со пораки во кои ги поздравија имигрантите, бегалците и барателите на азил.

Големи и мирни протести имаше и во градовите Бирмингем, Шефилд, Ливерпул и во Бристол.

Контрадемонстрантите излегоа во многу поголем број отколку демонстрантите против имиграцијатаФотографија: Aysu Bicer/Anadolu/picture alliance

Стотици апсења по безредијата

Премиерот Кир Стармер ги опиша претходните немири како „екстремно-десничарско насилништво“, отфрлајќи ги сугестиите дека протестите се поврзани со имиграциската политика на владата.

Тензиите беа особено зголемени во Лондон откако полицајците се судрија со демонстрантите за време на демонстрациите минатата недела. Поради безредијата уапсени беа повеќе од 100 лица во британската метропола.

Стотици луѓе беа уапсени и по безредијата во Ливерпул, Бристол и во главниот град на Северна Ирска, Белфаст.

Најголеми безредија во Велика Британија во последните години

Велика Британија во изминатите денови се соочи  најлошите социјални немири во последните неколку години, откако се проширија дезинформации за осомничениот за нападот со нож кој уби три девојчиња во градот Саутпорт во северозападна Англија.

Корисниците на социјалните мрежи лажно го идентификуваа осомничениот за смртоносниот напад како имигрант и муслиман. 

Екстремно-десничарските демонстранти потоа излегоа на улиците, извикуваа слогани против имиграцијата, напаѓаа џамии и упаднаа во хотели кои се користат како сместувалишта за  имигранти и з баратели на азил, сеејќи страв во муслиманските и имигрантските заедници.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми