Разбирам дека во едно политички длабоко поларизирано општество темата „премиерот на инаугурација на Трамп“ може да предизвика дебата. Но, никако не разбрав во што е „гревот“ на премиерот.
Бидејќи, само до вчера „пискотници се слушаа од Галичник до Река“, зошто претседателката Гордана Сиљановска Давкова не заминала на церемонијата на отворањето на реновираната катедрала Нотр Дам во Париз, како ни на отворањето на Олимписките игри, претходно. Аргументите на критичарите беа дека тоа е важно зашто таму ќе присуствуваат значајни личности од целиот свет. A сега, кого погледите на светот беа свртени кон САД, „логиката“ на речиси истите критичари отиде во друг апсурден екстрем - што бара Мицкоски во Вашингтон?
Стара матрица - нова критика
Споредбата со двата примера, покажува дека за разлика од зрелите демократии, кај нас се уште владее надживеаната менталитетска матрица - по дефиниција да се критикува се и сешто. Заминал премиерот во на инаугурација на Трамп во Вашингтон? Критикувај! Критикувај најсилно што можеш. А зошто да не оди? Ни самиот критичар не знае да објасни.
Едно е сосема извесно - Мицкоски ќе беше критикуван и ако не отидеше во Вашингтон, тогаш со „аргументи“ - ете, никој не ја есапи Македонија, каде е таа на мапата на светските збиднувања итн.
Токму затоа „аргументите“ и стожерна точка околу која се вртеа срамните прашања беа - дали навистина имал покана или ја купил, каде седел, дали бил во вистинската сала и во какво светско друштво би бил на инаугурацијата, најчесто со алузија за „несоодветно". Можеби се ќе беше поинаку ако списокот на гости им беше даден на домашните критичари тие да одобрат - кој смее, a кој не смее да биде поканет во Вашингтон. Менталитетот „со туѓа погача да правиме свадба“, очигледно ушто долго време нема да биде искоренет кај нас. Потоа стана „спорна" салата од каде што премиерот ја следел инаугурацијата, бидејќи таму седел во ложа „само“ до претседателот на Републиканската партија.
„Дајте вино“
Оваа дебата не враќа на едно клучно прашање - каков премиер сметаме дека и треба на Македонија? Премиер што ќе седи дома, што „нема да се меша во своите надлежности“, што нема да воспоставува контакти, кој нема да се труди да го сврти вниманието политичките центри на моќ кон својата земја и кој нема да води разговори за економија, инвестииции и развој со личности со големо корпоративното и политичко искуство? Ако ни треба таков премиер, тогаш навистина е „релевантно“ прашањето зошто Мицкоски би одел во Вашингтон.
Во таков случај би било доволно „како досега“ - да го гледаме премиерот развеселен на некој вински саем, каде ќе ечи „дајте вино сакам лом“, евентуално рутински да претрча во некоја посета во регионот, да ги споредува повремено цените на шпагетите во маркетите и толку. Тоа би било „полна капа“ за очекувањата од еден „стандарден“ македонски премиер.
Станува многу очигледно дека во време кога светот е пред големи промени, ние како општество не сме подготвени ни за милиметар да се поместиме. Не мора политички/идеолошки да се согласувате со премиерот, но навистина е фрапантно кога нема да се покаже минимум почит барем кон неговите обиди да отвори некаков капиџик за земјата - развоен, инвестициски, трговски... Можеби ќе успее, можеби не, но ќе знаеме дека се обидел, наместо да седи со скрстени раце.
Сомнежи, потсмев, потценување
Но, овде како да владее обратна логика. Можноста да се оствари во некаков ефект од тие напори, однапред се ставаат под сомнеж, однапред им се пресудува, се третираат со потценување и потсмев, како да се навива за неуспех, а не за успех, нешто што јавно не би го изговориле ни најголемите недобромерници на земјава.
Второ, многу грда слика е да се омаловажуваме самите како држава (персонифицирано низ неговата посета), во смисла дека сме небитни во тоа опкружување, кога ни „политичари од поголеми земји“ не дошле во Вашингтон. Една земја е голема или мала, не само според територијални, економски, природни, воени и други показатели и ресурси. Во очите на другите се цени, пред се, според почитта што кон земјата ја искажуваат нејзините граѓани.
Трето, не е лошо да се прашаме како критиките за престојот на Мицкоски во Вашингтон и овдешните рецензии околу листата и „подобноста“ на некои од гостите, ќе бидат протолкувани во земјата која е наш стратешки партнер. Таа има суверено право да одлучува кого ќе покани и во колку и какви објекти ќе се следи инаугурацискиот процес, кој предвидува повеќе свечености, покрај главната во која новоизбраниот претседател положува заклета.
На крајот неколку факти остануваат неспорни. Мицкоски ниту „купил“ можност за присуство, ниту се „шверцувал" на инаугуративните церомонии. Тој не отиде на прошетка во пустински дел од Невада, каде не ќе може да слушне ништо друго освен своето ехо или его, ниту да види нешто повеќе од својата сенка. Беше во политички фреквентниот Вашинтон каде оствари серија средби кои смета дека се значајни за интересите на земјата. Негова обврска како премиер е да го прави токму тоа. И го направи. Ако е тоа неговиот основен „грев“, останува да се надеваме дека и во иднина ќе продолжи да биде „грешен“.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.