1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пожарот на Галичица опустоши над 6.500 хектари површина

ДТЗ
16 август 2024

Поради пожарите во опасност се ендемското тревесто растение коешто го има само на Галичица и гнездата на колониите на жолтоклуните галки

пожари
Големиот пожар на Галичица опустоши над 6.500 хектари површинаФотографија: Tomislav Georgiev/Xinhua/picture alliance

Големиот пожар на Галичицаизминативе десетина дена зафати над 6.500 хектари површина во Северна Македонија и Албанија. Огнената стихија и понатаму е активна. Гори на исток во правец на селата Лескоец и Стење, општина Ресен, додека на Охридска територија на запад кон месноста Војтино и на север кон планинарска куќа) (нискостеблеста вегетација и букова шума). Покрај екипите за справување со кризи, на терен се и бројни доброволци во земјата кои речиси две недели се борат со пламените јазици, коишто предизвикаа огромна материјална и еколошка штета. 

Во текот на првите денови откако овој пожар се појави, гореа површини кои беа највисоко и пред се површини на кои имаше трева, жбунови и останати нискостеблени растенија кои виреат на повисоките места и врвовите на планината Галичица. Со излегувањето од контрола и неконтролираното ширење на овој пожар, огнените јазици зафатија и површини на кои има шума.

„Во моментов, околу 60 отсто од површината зафатена од огнените јазици се тревни површини, а околу 40 отсто се површини со шума со најразлични дрвни видови. Дополнително отежнителна околност во изминативе денови околу справувањето со пожарот на Галичица беше тоа што на површините кои беа зафатени од пламените јазици има неексплодирано старо оружје и експлозивни материи кои оневозможуваат слободно гаснење на пожарот од копнените сили без кои не може да се зададе финален удар како на кој било, така и на овој пожар“, информира заменик-директорот на ЈП Национални шуми, Кире Михаилов

Во опасност ендемско растение и ретки птици

Поради пожарите во опасност се ендемското тревесто растение коешто го има само на Галичица и гнездата на колониите на жолтоклуните галки во строго заштитената зона на Националниот парк „Галичица“

„Штетите како од сите останати, така и од овој пожар ќе бидат далекусежно огромни и затоа во перидот кој претстои треба колективно како народ да бидеме достојни и послушни домаќини на оваа држава, а за сите докажани пиромани казните треба да бидат драконски“, посочува Михаилов.

Од почетокот на август изгаснати се 370 пожари. Последен ден без ниту еден активен пожар на територијата на државата е 8 јули.

Во текот на вчерашниот ден имаше вкупно 53 пожари на отворен простор, од кои во моментов 12 се активни, 6 се под контрола и 35 се изгаснати. Со одлука на претседателката Гордана Сиљановска Давкова во справувањето со пожарите повторно е вклучена и Армијата, а активиран е ЕУ-механизмот за помош, со што во земјата беа испратени пожарникари и опрема од повеќе земји.

Поради пожарите во опасност се ендемското тревесто растение кое што го има само на Галичица и гнездата на колониите на жолтоклуните галкиФотографија: Petr Stojanovski

Притисок за поригорозни казни

Од 15 јули годинава на сила е целосна забрана за движење во шумите од 06 до 20 часот. Забраната ќе трае се до проценката дека ризикот од шумски пожари е намален. За непочитување на забраната, на физички лица кои ќе бидат затекнати  ќе им се изрече казна од 1.500 до 2.000 евра. 

Во меѓувреме расте притисокот во јавноста за поригорозни казни за потпалувачите, како и за воведување забрани за сечење дрва во опожарените места, со што ќе се спречи злоупотребата. 

Премиерот Христијан Мицкоски во четвртокот (16.08) порача дека нема да се случи сценариото со пожарите од 2021 година, кога дрвја од Малешевијата и Пијанец завршија во стоваришта и најави законски измени. „Овој пат тоа нема да се случи, еве го имате мојот збор“, рече Мицкоски. Според него, има закон што е функционален и со дивата сеча, но и со регуларната и тоа се планови што ги прави ЈП „Национални шуми“.

Но, СДСМ ја обвини Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за катастрофалното справување со пожарите кои горат речиси цел месец, уништувајќи околу 5% од територијата на Македонија. Според партијата, досега се опустошени над 1.200 километри шума, а пожарите зафатија и делови од националните паркови. Партијата бара оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој е на чело на Кризниот штаб.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми