1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голораки против пожарите, шеици за службени лимузини

14 август 2024

Владата извади над 842.000 евра од државните резерви за 2024 за плаќање на трошоците за гаснење на пожарите. Толку нѐ чини ноншалантноста и мегаломанијата за лимузини наместо противпожарни возила. Пишува Соња Крамарска.

Македонската држава покажа дека не може да се справи сама со пожарите и го потценува овој проблемФотографија: Petr Stojanovski

Нѝ изгоре единственото возило што го имавме – се пожали пред неколку дена еден од доброволните пожарникари во Пехчево кога огнената стихија го загрози животот на петмина доброволци и го пеплоса старото возило што го добија како донација. Еден локален жител, пак, во обидот да помогне остана без своите две моторни пили па беше упатен апел за собирање на средства да му се надомести штетата.

Тажната сцена од костурот на возилото е слика за немоќта на државата да се справи со пожарите кои веќе втор месец беснеат и ако не нѝ се смилува природата и да заврнат обилни дождови, ќе продолжат да ги голтаат шумите. Во јули имаше дури 765 пожари на отворен простор, додека во август има по 40-тина пожари дневно.

Македонија покажа дека не може да се справи сама со овој феномен. Ниту има строга регулатива против подметнувачите на пожарите или невнимателните граѓани кои ги предизвикуваат, ниту има капацитети да ги гасне. Вистина е дека е тешка борбата со природната стихија но вистина е и дека секоја држава антиципира што ѝ носи иднината и гради капацитети за што помалку да зависи од странска помош.

Нашата држава како да го потценува овој проблем. Или пак, си има други приоритети. Како на пример, купување на службени лимузини, наместо опремување на противпожарните единици и унапредување на противпожарната заштита. Моменталната бројка на службени автомобили е околу 3.000. Само во периодот 2020-2022 се купени 142 патнички возила во вкупна вредност од 3,6 милиони евра. 

Во јули во земјата имаше дури 765 пожари на отворен простор, додека во август има по 40-тина пожари дневно.Фотографија: Petr Stojanovski

На веб страницата на Државната комисија за спречување на корупција, има попис на службени возила кој сведочи за една чудесна мегаломанија кога е во прашање трошењето на државни пари. Таму вкупната бројка на службени возила изнесува 5580. Царина, на пример, пријавила 144 возила, УЈП – 129, Агенција за храна и ветеринарство – 108, скопски Водовод и Канализација – 157, МЕПСО-106, Државен инспекторат за земјоделство – 67, Финансиска полиција – 42, Јавно претпријатие за државни патишта – 38, Јавно претпријатие за просторно и урбанистичко планирање од Прилеп – 27, државната Агенција за вработување – 41, ТИРЗ – 15, Министерството за земјоделство – 76, Секретаријат за европски прашања – 19, паркот Галичица – 16, Агенција за поттикнување на земјоделство – 24...

....И така натаму. Само „кутрото“ Јавното обвинителство на Република Северна Македонија кубури со вкупно 5 возила стари меѓу 15-20 години. Што, пак, е многу добра препорака за сериозноста на државата кога е во прашање борбата против корупцијата и криминалот, со која нашите лидери се будат и заспиваат ветувајќи му на народот големи успеси на тој план. Обвинителството не успеало да има возила ни колку Агенцијата за аудиовизуелни услуги која пријавила дека има 6 возила.

Буџетот само за ексклузивни потрошувачи

Од друга страна, ситуацијата со противпожарни возила е катастрофална. Деновиве читаме апели од градоначалници кои ги молат граѓаните да излезат и да помогнат во борбата со пожарите. Така е, кога нема доволно специјализирани возила, обучени пожарникари, механизација, канадери и хеликоптери, ќе биде повикуван голорак народ да гасне пожари. И самите пожарникари, иако им е тоа професија, не се опремени доволно за да совладуваат пожари од поголем размер. Центарот за граѓански комуникации има податок дека во државата има 284 противпожарни возила во 34 територијални (државни) противпожарни единици, но тие се со просечна старост од 27 години, што во голема мера ја намалува нивната употребна вредност.

Трагична е состојбата и кај доброволните пожарникари. Од вкупно 15 доброволни противпожарни единици на територијата на државата, само во една (Дојран) пожарникарите имаат животно осигурување добиено преку единицата, или изразено во бројки 171 пожарникар се неосигурени а 7 се осигурени. Притоа само 6 доброволни противпожарни друштва располагаат со вкупно 19 возила. Друштвата располагаат само со 4 транспортни возила од кои 3 се комбиња и еден автобус, како и со две теренски-командни возила и 2 четирицикли.

Иако според законот, општините и државата треба да обезбедуваат финансиски и просторни средства за тековни активности од противпожарната заштита, вклучително и за доброволните единици, финансирање на ангажманот и потребите на сезонските и доброволните пожарникари, тоа не е случај. И Противпожарниот сојуз на државата е должен да издвои најмалку 60 проценти од финансиските средства за финансирање на општинските противпожарни единици како и опремување на доброволните пожарникарски друштва, но и тој извор со години затајува.

Доброволните противпожарни единици располагаат со премалку противпожарни возилаФотографија: Petr Stojanovski

Буџетот како да е само за ексклузивни потрошувачи. Државата очигледно има други приоритети за финансирање, за кои не велиме дека не се важни, но од исклучителна важност е и грижата за имотот и безбедноста на граѓаните, и за природата, со која човештвото е во нераскинлива симбиоза.

Ненаучени лекции од 2021

Мачно е да се гледа дека и по повеќе од три децении самостојност државата не успеа да ги консолидира барем основните функции меѓу кои се и потенцијалите да одговара на кризи со пожари. Жалосно е што не се извлечени поуки ни од 2021 кога се случија големите пожари и кога доаѓаа доброволни единици од Словенија и Австрија да помагаат во нивно гаснење. Имаше време од три години да се воспостави соработка со двете држави на планот на обуки, опрема, пренесување на искуство итн. Но со гаснењето на пожарите изгаснала и свеста дека тие можат да се повторат и ќе се повторуваат во иднина сѐ почесто, со оглед на проекциите за климатските промени и растот на температурата.

Владата обезбеди 52 милиони денари или над 842 илјади евра од државните резерви за 2024 година за зголемување на буџетот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) за подмирување на трошоците за гаснење на пожарите. Толку ја чини државата немањето на капацитет за рано предупредување од пожари и ноншалантна казнена политика за невнимателните граѓани или оние кои намерно ги предизвикуваат пожарите. Од овие 52 милиони денари, 41 милион денари или над 664 илјади евра се за ДЗС, а 10,5 милиони денари или 170 илјади евра се за покривање на трошоците за сместување, храна и транспорт за персоналот при престојот во државава на странската помош за справување со пожарите. За предизвиканите штети врз природата и врз здравјето на луѓето кои долго ќе вдишуваат воздух зачинет со чад, не се прави ни муабет. Затоа што тоа нема цена. И така секое лето...

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Фотографија: privat
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми