1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Горчливите плодови на идеолошките балкански истории

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
23 август 2022

Сето ова што се случува во врска со извештајот на резулататите од работата на Комисијата за историја најмалку наликува на академска расправа. Повеќе е повик за линч на македонските историчари. Пишува Ерол Ризаов

Фотографија: privat

Деновиве кога ги береме горчливите плодови на идеологизираните балкански истории често на ум ми доаѓа мојот професор академик Владимир Мошин. Кај професорот и голем научник, византолог и славист од светски глас, основач на југословенската палиографија, ние кои ја имавме таа среќа да ни предава помошни историски науки „лесно“ се добиваше шестка.

Со една благост во гласот на црковен великодостојник предаваше како да држи молитва. Го имитиравме повторувајќи ги неговите растегнати молитвени зборови што беше доволно да се положи испитот. Тоа го сметавме за лесен предмет, се разбира, сосема погрешно бидејќи содржините ни оддалеку не беа лесни колку што лесно паѓаше преодна оценка со знаење на основните работи. 

Но, ситуацијата се менуваше кога некој од студентите одговараше за повисока оценка. Тогаш испитот траеше долго, некогаш и по два часа. Проф. Мошин во тие прилики се однесуваше како да открил скриено богатсво и не престануваше да прашува и да дели совети што уште треба да се прочита и изучува. Не издржав и го прашав, добро професоре лесно давате шестка, а за повисока оценка испрашувате со часови. Се насмеа и ја објасни разликата меѓу историчар и професор по историја во гимназиите и основните училишта. Ќе парафразирам, рече. Тие што ќе се бават со историската наука треба добро да ги познаваат помошните историски науки оти со нивна помош се докажува вистината. И императорите и царевите и кралевите правеле фалсификати, а и некои големи историчари кои ги величале своите владетели многу претерувале, па некои порази ги прикажувале како победи, а и во славопојките додавале настани кои не се случиле, па така станале митовите и преданијата кои внесуваат многу забуни и погрешни толкувања. Затоа се неопходни помошните историски науки кои опфаќаат широк спектар на проучувања и докази за нешто да се потврди како историска вистина. Тоа задолжително им е потребно на научниците. 

Вие кои ќе се бавите со учење историја на децата, приближувајќи им го тоа што го пишуваат историчарите учебникари  немате голема потреба од помошни историски науки. Ете затоа според мојата проценка лесно делам шестки во најголем број случаи, додека кај студентите кои имаат предиспозиции да бидат научници барам многу поголемо знаење за палеографија, за археологија, за ракописи, за печати, за хартија, за нумизматика, за делата и откритијата на познати светски византолози и историчари, големи научни авторитети, и уште многу други работи кои времето ги однело во заборав оти, како што и предвидуваше професорот, животот ме однесе во други води.  

Интелектуални грешки и злосторства

Во еден веќе излитен новинарски бележник, кога се пишуваше со пенкало на рака сум запишал неки цитати најверојатно на познат историчар, но го нема името на авторот, па го „присвоив“ и во оваа прилика иако веќе сум го објавил во новинарски текст повеќе пати, бидејќи многу се препознатливи со нашите денешни јанѕи и тешки и мачни расправи за историското минато со кои се соочува Македонија. 

Авторот тргнува од познатата максима „нека одлучат историчарите“ што е карактеристика против обидите политичарите да ја напишат историјата, кои пак сметаат дека минатото е многу сериозна работа да им се препушти само на историчарите. 

Авторот укажува на фактот дека е огромна разликата меѓу историјата пишувана за едностраните националистички убедувања од она што треба да биде историја. Вели: историјата е со намера да ја најде вистината за минатото. Меѓутоа, вистинските историчари признаваат дека вистината е илузорна. Тие знаат дека имаат предрасуди кои влијаат на нивната оценка. Тие го знаат и тоа дека никогаш ги немаат сите факти. Сепак тие секогаш се обидуваат да ја најдат вистината, каква и да е таа вистина. 

Националистите кои ја користат историјата имаат различна група на цели. Тие ги користат настаните од минатото како оружје во борбите на нивните нации. Тие имаат за цел триумф на нивната кауза и ќе искористат сѐ за да успеат во нивната цел. Додека вистинскиот историчар се обидува да ги собере сите релевантни факти и ги става во кохерентна слика, националистот ги селектира оние делови од историјата кои одговараат на неговата цел, игнорирајќи ги другите.

Како и другите луѓе, историчарите имаат политички цели и идеологии, но вистинскиот историчар ги признава грешките кога фактите не го поддржуваат неговото верување. Националистичкиот бранител никогаш не го прави тоа. Ако фактите не одговараат на неговите теории, националистот ги игнорира тие факти и бара други начини да го докаже неговиот случај. Вистинските историчари можат да прават интелектуални грешки. Националните бранители вршат интелектуални злосторства. 

Кога се пишува добра историја 

Добра историја може да се пишува само кога се разгледуваат непристрасно сите страни на историските аргументи. Лошата страна на „добрата“ историја е што таа може и да не биде толку славна колку што очекуваме. Ако нема славно минато, тоа секогаш може да се измисли. Во природата на работите е што обично нема целосно такво минато како што сакаме, па затоа идеолозите го озаконуваат како историска вистина само тоа што на нив им се допаѓа.

Ова теоретски добро звучи како универзален научен принцип додека не се соочиме со конкретни ситуации, каква што сега се случува меѓу македонските и бугарските историчари, во обидите да се најдат прифатливи препораки како да се толкува историјата во учебниците без да се менуваат докажаните историски факти, со цел во учебниците да не се шири омраза меѓу денешните генерации Македонци и Бугари што е предуслов за добрососедски односи кои ја отвараат вратата на Македонија во членство на ЕУ. 

Гo слушна ли некој лелекот на Ѓоргиев и Тодоров

Несреќата е во тоа што се помалку историчари и научници на двете страни се подготвени на тоа, па и најмалите обиди да се дојде до прифатливи решенија наидуваат на жестоки реакции, дури и кога станува збор само за препораки и извештаи за нивната работа кои лажно се толкуваат пред јавноста како предавство на националните интереси и искривување  на историјата.

Паѓаат тешки јавни обвинувања и навреди, се пишуваат петиции за политизирани нестручни  историчари, платеници и предавници се ставаат на столбот на срамот, најчесто без да се прочитаат нивните наоди и препораки.  

Во сите обвинувања на членовите на македонскиот дел од Комисијата за историски и образовни прашања преовладуваат застрашувачките зборови за опасноста од асимилација и бугаризација на македонскиот народ, прво искажани од лидер на политичка партија што јасно ја одредува страната која врши политички притисок за интервенција во науката. 

Сето ова што се случува во врска со извештајот на резултатите од работата на Комисијата од пред две години најмалку наликува на академска расправа. Повеќе е повик за линч и сатанизација на македонските историчари кои презентираат исклучиво фактографија на тоа што сработиле и предлози кои не мора да бидат прифатени ако за тоа постојат спротивни научни аргументи, а не како најсилен аргумент да се спротивставува „суверениот интерес на државата“, што не е ништо друго туку камуфлиран политички притисок. Со други зборови, се крева голема тревога во јавноста за лажна опасност од бугаризација и асимилација на македонскиот народ, несвојствено за научна расправа, без ниту еден факт дека такво нешто содржи во препораките на Комисијата за историски и образовни прашања.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

                                                            

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми