1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиЕвропа

Горештини, пожари и економските последици

5 август 2023

На југот на Европа е сѐ потопло и без дожд. Разорните пожари нанесуваат огромна економска штета. Што тоа значи за Медитеранот?

Противпожарен авион над Јадранското море во Хрватска
Противпожарен авион над Јадранското море во ХрватскаФотографија: picture alliance/dpa/AP

Црвено-жолтиот противпожарен авион прелетува на синото ведро небо. На хрватското приморје шумските пожари се составен дел од летото исто како и морските ежови. Оваа година се држеа во граници, но затоа Шпанија, Италија и Грција се потешко погодени. 

Слики на туристи од Родос кои бегаат од пожарите или од Сицилија каде исто тала пожарот е вон контрола, стасаа до насловните страни на европските медиуми. Сега се поставува прашањето дали Медитеранот и натаму ќе биде место за одмор.

Медитеранот посебно погоден

Научниците се уверени дека екстремните временски прилики како топлотните бранови сѐ почесто ќе се случуваат во Европа во иднина. Според податоците на Светската метеоролошка организација, регионот околу Средоземно море посебно брзо се загрева.

Тлото жедно за вода во комбинација со усвитеното сонце се најдобри услови за разгорување на пожари.

Родос гори, илјадници луѓе се евакуираат

00:41

This browser does not support the video element.

Пожарите во 2022 уништија површина колку Црна Гора

Екстремни температури се измерени во Шпанија во април 2023, а за Грција јулскиот топлотен бран веројатно е најдолгиот откако се вршат мерења. Во многу европски земји пожарите избија порано оваа година.

Само во Грција во јули изгореа повеќе од 50 илјади хектари земја што е речиси половина од површината на Берлин. Шпанија веќе го достигна рекордот на почетокот на април.

Минатата година во ЕУ се уништени 800 илјади хектари земја, речиси колку површината на Црна Гора. Предизвиканата штета е најмалку две милијарди евра, според еврокомесарот за хуманитарна помош Јанез Ленарчиќ. За спречување на уште поголеми пожари, ЕУ годинава ги удвои своите противпожарни капацитети за гаснење од воздух.

Каде што гори паѓа БДП

Пожарите кои тешко се контролираат и кои дивеат со денови, не само што имаат разорни последици за флората и фауната, туку веќе ги уништуваат и основите за живот и доведуваат до економска штета. „Каде и да се случат пожари БДП паѓа. Податоците од пазарот на трудот за секторот туризам покажуваат дека помалку луѓе имаат работно место после пожарите”, вели Сара Мајер, која спроведува истражување на Универзитетот во Бирмингем за екстремните временски прилики и економското влијание на пожарите.

Авион гаси пожар на Сицилија на крајот на јули 2023 годинаФотографија: Alberto Lo Bianco/LaPresse/AP Photo/picture alliance/dpa

Краткорочно ЕУ ќе им помогне на земјите погодени од пожари. Во Грција повеќе од 500 пожарникари од други земји помагаа во гаснењето на пожарите, а ЕУ испрати дополнителни девет канадери. Сето тоа се покрива пд Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Средствата од Фондот за солидарност на ЕУ може да се добијат и за реконструкција, но тоа мора да го одобри Европскиот парламент.

Пожарите и туризмот на Медитеранот

Туризмот за Грција е исто што и автомобилската индустрија за Германија. За време на годишните одмори се генерираат 20 проценти од БДП. По неа следат Шпанија со 12 и Италија со 9 проценти удел на туризмот БДП.

Агенцијата за рејтинг „Мудис” во својот извештај неодамна предупреди дека жештината и шумските пожари би можеле долгорочно да влијаат на јужна Европа како помалку атрактивна дестинација за патување, што на економијата би и нанело штета.

Предвидувањата базирани на климатските модели доаѓаат до заклучок дека приморските региони значително помалку ќе бидат атрактивни како туристички дестинации заради жештините, додека северните земји би можеле да станат попривлечни.

Дали јужна Европа е почувствителна на климатските промени?

Дури и ако топлото време, сушата и пожарите може да се предвидат со помош на климатските модели, “туризмот во медитеранските региони нема да пропадне преку ноќ”, вели Харалд Цајзе, директор на Институтот за истражување на туризмот при Универзитетот за применети науки “Харц” во интервју за ЗДФ.

Слично како Ели Кенеди од Европската комисија за патување, тој претпоставува дека времето за патување би можело да се промени и дека луѓето најверојатно ќе одмараат на Медитеранот на пролет и на есен наместо на лето.

„Шумските пожари и другите екстремни појави луѓето ги перцепираат како поединечни регионални случувања. Тие не претставуваат пречка, луѓето брзо забораваат”, изјави во интервју за ДВ, Петро Берители од Истражувачкиот центар за туризам при Универзитетот Сент Гален. Дестинациите како што се Дубаи и Лас Вегас исто така покажуваат дека екстремни жештини не ги одвраќаат или предомислуваат луѓето да патуваат и на такви места.

Иновативен пристап против пожарите

Јохан Голдамер е директор на Глобалниот центар за следење на пожарите ЕФИС со седиште во Фрајбург. Како решение за долгорочно да се сопрат шумските пожари, тој посочува иновативен пристап во руралните подрачја, но и за туризмот. 

„Поради големата урбанизација голема површина од земјата остана неискористена, и ако климатските промени кои се проследени со суши и топлотни бранови тоа го поттикнуваат, пожарите се неизбежни.” 

Долгорочно гледано, туризмот мора да стане поумерен, а во идеален случај повеќе „партиципативен” што значи дека наместо масовен туризам би можел да се воспостави концепт во кој патниците ќе им помагаат на локалните жители, на пример на грчките плантажи за маслинки или во винската индустрија, смета Голдамер. 

Тој на грчката влада и го претстави извештајот по разорните пожари во Еубеа 2021 година. Меѓу другото, тој го вклучува и концептот на долгорочно користење на земјиштето. И тоа што според него е од посебна важност - превенцијата и претпазливоста во однос на шумските пожари. Наместо да се концентрираме на акутните контроли, превенцијата мора да биде на прво место, објаснува екологот Голдамер.

Пожар во Португалија во 2022 годинаФотографија: Luis Ferreira via REUTERS

Португалија не само што забрани ново садење на стебла од еукалиптуси по разорните пожари во 2017 година- шимите од еукалиптус еднаш запалени горат до крај - туку фокусот го стави на превенција од пожари.

Иако повеќе од 500 пожарникари се обидуваа да го сопрат пламенот од пожарите во близина на Лисабон минатата недела актуелните бројки во ЕФИС полажуваат дека тие се друг вид на пожари, односно дека се поумерени од тие во Шпанија, Италија и Грција. Како дел од својата стратегија за шумите, Европската Комисија исто така финансира проекти кои имаат за цел да ги едуцираат луѓето, но и кои ја зголемуваат отпорноста на шумите и другиот вид на вегетација на пожари..

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми