1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Горње Недељице - лути на Рио Тинто, лути на ЕУ

29 јуни 2024

Рио Тинто повторно е главна тема во Србија, по цели две години. Репортерката на ДВ разговараше со жителите на Горње Недељице, но и со претставничката на Рио Тинто.

Живко Петковиќ на неговиот имот во Горње Недељице
Живко Петковиќ на неговиот имот во Горње НедељицеФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Топло е деновиве во селото Горње Недељице кај Лозница. Затоа луѓето се во дворовите, под сенка. Замоливме една постар двојка да ни го покаже патот до поранешната канцеларија на компанијата Рио Тинто. Прво велат дека не слушаат, а потоа невешто се трудат да не одговорат на прашањето. Кога велиме дека бараме претставници на организацијата „Не го даваме Јадар“, веднаш добиваме одговор: „А вие сте против?! Ние мислевме дека сте „за“! Одете само по патов“, со насмевка и видливо олеснување ни го покажуваат патот кој води покрај нивната куќа.

„ЕУ го притиска Вучиќ, тој врши притисок врз нас“

На местото каде што порано се наоѓаше канцеларијата на големата фирма, не остана ништо. Таму не чека Живко Петковиќ. Неговата куќа се наоѓа веднаш одзади. За тоа што таму веќе нема канцеларија, на шега вели дека „си ги избира комшиите“.

Во неговата куќа заседава мал кризен штаб, неколку познати активисти на организацијата „Не го даваме Јадар“. Тие се лути на Рио Тинто, лути се и на ЕУ.

Кризниот штаб е во куќата на Живко Петковиќ (лево).Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Европската унија изврши притисок врз него и сега тој (претседателот Александар Вучиќ, заб. на ред.) е во неволја“, вели Драган Карајчиќ од здружението. „Таа го притиска и сега тој треба да не притисне нас. Владата ги насочи своите сили против народот. За него тоа е почеток на крајот, ако продолжи по тој пат. Немаме избор, мора да се браниме“, додава активистот.

Откако кон средината на јуни јавноста дозна дека има „нови гаранции“ од ЕУ за инвестициите во Србија поврзани со проектот „Јадар“ на компанијата Рио Тинто, жителите на Горње Недељице и еколошките активисти за петок, 28 јуни, Видовден, закажаа голем протест во Лозница. „Не го даваме нашиот литиум на Европа. Европа нека си копа по своите дворови, во Англија, Германија, Франција“, бесен е Карајчиќ. „Што добиваме ние од тоа? Ништо, добиваме секакви болести. И уништување на флората и фауната, отпад. Ние ќе бидеме депонијата на ЕУ. Па, доста е. Овде нема никој што да бара, ќе си се бориме. Тие нас не жртвуваа! Кои се тие да не жртвуваат нас?“, прашува овој активист.

Драган Карајчиќ: Немаме избор, мора да се браниме“Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Не сакаме труење, па точно и за дијаманти да се работи“

Досега се откупени 161 хектари земјиште, а во планот на проектот „Јадар“ се предвидени 854 хектари, без инфраструктура. Досега се раселени нешто повеќе од 50 домаќинства, иако многу од нив се уште таму садат пченка. Останаа уште 250 домаќинства кои не си го продадоа земјиштето.

Одиме кај Маријана Трбовиќ Петковиќ, која штотуку изгледа уште едно обраќање до нацијата на претседателот Вучиќ. Таа е лута и вели: „Не сакаме труење, па точно и за дијаманти да се работи. Наше право е како ќе живееме и како ќе ја планираме нашата иднина сега, за да може и нашите деца утре да ја планираат својата“, вели таа.

Тој вели и дека пратеникот од Бундестагот, Тилман Кубан, по ништо не се разликува од Вучиќ. Кубан неодамна во интервју за Форбс изјави дека „Србија на примерот со литиумот покажува дека не сака да предизвикува проблеми, туку да ги решава“.

„Таа исмејување во лице (...) го сфаќаме како сериозен ултиматум“, изјави Трбовиќ Петковиќ за ДВ. А, на тоа што во својот говор претседателот најави нов дијалог и дека ќе донесе европски експерти, нашите соговорници одговараат дека не веруваат никому – освен на „нивните експерти“.

Маријана Трбовиќ Петковиќ, активистка на движењето „Не го даваме Јадар“Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Рио Тинто: „Во согласност со највисоките стандарди“

„Нашите експерти“ и еколошки активисти и доведоа до многу дезинформации, изјави за ДВ Маријанта Бабиќ, генерален претставник на компанијата Рио Тинто за Србија. Таа оценува дека се работело за „невидена кампања на дезинформации, полувистини, па дури и лаги“. Затоа од компанијата Рио Тинто одлучиле да објават студија за оцена на влијанието врз животната средина, вели таа.

„Фактите и студиите потврдуваат дека проектот може безбедно да се реализира, не само според највисоките српски, туку и европски стандарди“, вели Бабиќ и посочува дека зад студиите стојат повеќе од стотина домашни и странски експерти, 40 универзитетски професори и дека се работело повеќе од шест години.

Маријанти Бабиќ: Фактите и студиите потврдуваат дека проектот може безбедно да се реализира, не само според највисоките српски, туку и европски стандарди.Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

На прашањето од каде идејата да се рестартира рударската приказна и кој им дал сигнал дека треба да го направат тоа, Бабиќ одговара дека веруваат во проектот и дека не сакаат да се откажат од него. Сличен одговор има и на прашањето зошто Рио Тинто не се спакува и не си замина уште пред две години.

„Рио Тинто досега инвестираше околу 600 милиони долари во проектот „Јадар“. Во Србија сме повеќе од 20 години. Во моментот кога се укина просторниот план, ние веќе имавме преземено обврски, бидејќи веќе бевме во процедура. Тоа се големи проекти и големи договори кои не можат туку така да се раскинат“, објаснува Бабиќ и додава дека нивната најважна цел сега е да го претстават проектот „Јадар“ врз основа на факти за луѓето повторно да се запознаат со него.

Просторен план

„Постои простор за некои велат да се врати проектот, некои да продолжи. Немаме дозвола и во таа смисла, ако видиме дека има иднина за проектот „Јадар“, тогаш сето тоа треба да го спроведеме по редовна процедура. Нашето објавување на студијата е самоиницијативно и тоа е наш обид да вратиме дијалог врз основа на факти, а не врз основа на дезинформации“, вели Бабиќ. Дијалог. Факти. Дезинформации. Самоиницијативно објавување на студијата. Таа ги повторува тие зборови неколку пати. Тврди дека не постои никаков обврзувачки договор со Србија, освен стариот меморандум за разбирање - кој е необврзувачки. Во нивна полза е и поддршката од ЕУ, вели таа, иако ја гледа како поддршка во врска со критичните минерални суровини.

Првиот чекор кон рударењето, вели нашиот соговорник, би бил обновување на просторниот план. Потоа се бараатградежни и рударски дозволи и официјална студија за влијанието врз животната средина. Со јавните расправи кои го придружуваат процесот, може да бидат потребни четири или повеќе години за да се изгради рудникот.

Досега се раселени нешто повеќе од 50 домаќинстваФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

На прашањето дали рудникот во Горње Недељице ќе биде сличен на рудниците во Бор и Мајданпек, нашата соговорничка одговори дека нема да има големи дупки како во источна Србија, дека се ќе се случува под земја и дека, тврди таа, животот на површината ќе може да се одвива непречено, исто и земјоделството.

За земјиштето што е купено, нашиот соговорник вели дека е доволно за „главната површина на проектот“, а тоа е локацијата каде што ќе бидат влезните лифтови за подземниот рудник и процесна постројка.

Следиме, набљудуваме, известуваме...

Оние кои ги продале куќите редовно ги посетуваат и ги гледаат со јад, велат нашите соговорници од организацијата „Не го даваме Јадар“. Ѕидовите без покриви, врати и прозорци ги потиштуваат и оние кои си заминале, а особено луѓето коиостанаа.

На прашањето каков е соодносот на силите кога од една страна се една голема компанија, државата и целата Европска унија, кризниот штаб едногласно одговара: „Ќе видиме. Ја следиме ситуацијата, набљудуваме, известуваме и се бунтуваме“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми