1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кандидати за претседател со голема желба и мала поддршка

ДТЗ
27 февруари 2024

Еден ден откако започна собирањето потписи, Томе Николоски најави бојкот и прекин на кандидатурата. Тој е единствен на листата кој нема ниту еден потпис за поддршка. Тројца од кандидатите вкупно имаат 304 потписи

Избори Македонија
Господин, бизнисмен и инспекторка - тројца кандидати за претседател со најмала поддршка. карикатура: архиваФотографија: Bela Macka

„Поречани ајде сите заедно за поддршка на мојата кандидатура за претседател“. Вака пред четири дена независниот кандидат за претседател Томе Николоски ја најави неговата битка за најпрестижната функција во државата. Само еден ден потоа, Николоски, кој на социјалните мрежи има наведено дека е бизнисмен и политичар, обелодени дека ја „бојкотира“ и ја прекинува кампањата за претстојните претседателски избори, а со тоа и  собирањето на потребните потписи. 

До 26 февруари, според официјалните податоци на страницата на Државната изборна комисија, Николоски е единствениот од листата со 11 кандидати, кој не добил ниту еден потпис за неговата кандидатура. Останатите тројца кандидати - Ѓорѓи Манасков, Зорица Цветковска и Господин Попоски вкупно имаат 304 потписи за поддршка на кандидатурата. 

Томе Николоски нема ниту еден потпис за поддршка. Тројца од кандидатите вкупно имаат 304 потписиФотографија: PETR STOJANOVSKI/DW

Писмо до ДИК и бојкот 

Николоски преку објава на Фејсбук информира дека испратил писмо до претседателот на ДИК, Александар Даштевски, во кое бара да ги отвори сите општини како место за  собирање потписи.

„До денот на почетокот на собирање потписи не добив одговор, со тоа сметам дека се прави опструкција и се отежнува можноста секој граѓанин наместо да патува и по 50 километри да даде потпис, тоа да може да го направи во негова близина“. Тој е незадоволен и поради обврската да мора да копираат листи за потписи и „како комерцијален референт да трча по Македонија и да носи таму каде што фалат“, а од друга страна „силни пари се даваат на ДИК за организирање на изборите“. 

„Јас не сум со партиски тркачи, туку настапувам независно и самостојно и не сум во можност тоа да го правам самостојно. Исто така сум разочаран од ДИК што се крие од јавноста мојата личност и се опструира пред медиумите“, вели Николоски. 

Според него, претседателската функција е исклучително битна и одговорна, и поради тоа „на народот треба да му се овозможи да избере личност и програма со која ќе ја води државата“. „Народот треба да знае со кого си има работа. Се додека се нудат партиски кандидати, претседателската фотелја е само декор и протоколарна функција“, вели тој најавувајќи бојкот на собирањето потписи. 

Сите имаат кандидати, само Вевчани има „Господин“ 

Со 19 потписи за поддршка на кандидатурата, вевчанци сметаат дека нивниот сосед кој е кандидат за претседател е веќе на еден чекор пред претседателот Стево Пендаровски, како кандидат на СДСМ, кој уште не ја започнал процедурата за собирање потписи. Тој и кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска - Давкова обезбедија поддршка од владејачката и од опозициската партија, но најавија дека ќе побараат поддршка и од граѓаните. 

„На 27 февруари, Господин Попоски имат собрано поќе потписи од Стево Пендаровски“, се вели во објавите на страницата „Мое Вевчани“ на социјалните мрежи. Попоски до 26 февруари, според ДИК, има обезбедено 19 потписи и е втор од позади на листата на 11 кандидати, со најмала поддршка. 

Четириесет и осумгодишниот вевчанец работи како градежен работник и земјоделец. Тој во изјава за Супер радио и ОхридПрес деновиве порача дека „се залага за името, за студентите, за земјоделците и за пензионерите“. 

Најмала поддршка 

Меѓу кандидатите со најмала поддршка се најде и Зорица Цветковска со собрани 99 потписи. Станува збор за уште едно ново име коешто се појави на листата на кандидати за претседателските избори коишто треба да се одржат на 24 април. Цветковска е членка на партијата Десна, која неодамна го смени од лидерската позиција Љупчо Палевски, осомничен за двојно убиство. 

Иако засега тешко оди собирањето потписи за поддршка на кандидатурата, таа на социјалните мрежи веќе ја сподели својата програма во трката за претседател. 

„Со мојата инаугурација, веднаш ќе започнам со активности за реетаблирање на Република Македонија. Ќе покренам иницијатива за референдум за раскинување на договорите со Бугарија и Грција.Врз основа на моите надлежности нема да потпишам ниту еден Указ за закон на кој што ќе пишува северна. Исто така, ќе ги враќам на доработка сите закони кои што се донесени во сомнителна процедура, во таа смисла и закони кои што се донесени со злоупотреба на европското знаменце.Ќе ги отповикам сите амбасадори и претставници, кои што не постигнале резултати, или пак се пратени како награда за определена политичка активност без да бидат компетентни за таа должност“, се дел од поентите во програмата. 

На листата на кандидати, со обезбедени 186 потписи, се најде и Ѓорги Манасков кој ја раководи Стопанската комора за енергетика на Македонија. Тој на социјалните мрежи ја побара поддршката на членовите на ВМРО за да ги обезбеди потребните потписи и најави дека ќе се залагата ЕВН да се врати на државата и граѓаните, да донесе економска инвестиции и грантови од Кина, за сопствена изградба на Чебрен Галиште, најавува дека Вардар ќе биде пловен, но и дека ќе го поништи Преспанскиот договор и ќе ги врати пасошите со Република Македонија. 

Кандидатите со најслаба поддршка, како и останатите подобро рангирани во трката за претседателските избори, имаат рок до 8 март да обезбедат 10 илјади потписи од граѓаните за да добијат шанса да се борат за претседателската фотелја на Водно. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми