Трамп си припишува историски успеси
25 февруари 2026
Во својот говор за состојбата на нацијата, американскиот претседател Доналд Трамп си припиша огромни успеси. „Нашата нација се врати – поголема, подобра, побогата и посилна од кога било претходно. Ова е златната ера на Америка“, рече Трамп во говорот пред Конгресот. Американската граница е безбедна, економијата цути како никогаш досега, а непријателите на САД се исплашени, рече Трамп проследен со аплауз и извици „САД-САД“ од неговите републиканци.
Бојкот на Демократите
Десетици пратеници демократи ја бојкотираа говорот – кој, со траење од еден час и 41 минута, беше најдолг од ваков вид во историјата на САД – и учествуваа на контранастани. Присутните мораа да слушаат остри навреди, на пример дека сојузните држави управувани од демократи биле „корумпирани“. Трамп ги повтори и своите познати лаги дека демократите ги манипулираат изборите.
Претставници на опозицијата, пак, ѝ дадоа катастрофална оценка на американската влада. Малцинскиот лидер во Сенатот, Чак Шумер, изјави дека реалноста под „Трамп 2.0“ може да се сумира со три збора: „Трошоци, хаос, корупција“. Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, го обвини Трамп дека сака да ги саботира меѓуизборите наесен, кои се сметаат за важен тест на јавното расположение. Претседателот знаел „дека ќе добие шлаканица, дека на овие меѓуизбори ќе биде здробен“, рече Њусом.
Протест против расистичко видео на Трамп
На самиот почеток имаше протест од политички противник на Трамп. Демократскиот пратеник Ел Грин отвори протестен плакат со натпис „Black People Aren’t Apes“ – „Црните луѓе не се мајмуни“. Пратеникот стоеше молкум додека Трамп поминуваше покрај него.
Постерот очигледно се однесува на неодамна објавено видео на Претседателот, кое шири лажни тврдења за изборите во 2020 година и прикажува расистичка карикатура на поранешниот претседател Барак Обама и поранешната прва дама Мишел Обама како мајмуни.
Гости во Конгресот беа членовите на машката хокеарска репрезентација, која освои злато на Олимписките игри. Трамп најави дека на голманот Конор Хелебајк ќе му биде доделена највисоката цивилна награда во САД – „Претседателски медал за слобода“. Женскиот тим, кој исто така освои злато, бил поканет од Трамп – но го одбил доаѓањето во Конгресот.
Критика на судиите
Трамп во својот говор го укори Врховниот суд поради неговата пресуда против царините. Во присуство на неколку судии од Врховниот суд и двата дома на Конгресот, тој во Капитол во Вашингтон зборуваше за „несреќна одлука“. Судот на крајот на минатата недела му забрани, со повикување на закон за вонредни состојби, да воведува царини на увоз на стоки од многу земји.
Големите технолошки компании, според десничарскиот популист, ќе мораат во иднина сами да ја покриваат својата растечка потреба од електрична енергија. Фирмите, како што рече, можеле директно на нивните локации да градат електрани за своите дата-центри. Така требало да се спречи раст на цените на струјата за потрошувачите.
За атомските преговори со Иран, Трамп рече дека преферира дипломатско решение. Тој повеќепати му се закануваше на Иран со напад. САД и Иран на почетокот на февруари, со посредство на Оман, ги обновија преговорите за иранската нуклеарна програма. Оттогаш се одржаа две рунди индиректни разговори во Женева.