1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Говорот на Трамп во ОН: Можеше да биде и полошо

Мартин Ганзлмајер (АРД)
24 септември 2025

Американскиот претседател татнеше во Њујорк на начин што е веќе познат за него - се побуни против миграцијата и обновливите извори на енергија и го навреди својот домаќин, ОН. Но, сето тоа не беше катастрофално.

Маж во син костум и со црвена вратоврска (американскиот претседател Трамп) зборува гестикулирајќи со раце на говорница во Обединетите Нации
Американскиот претседател Доналд Трамп пред Генералното собрание на ОНФотографија: Timothy A. Clary/AFP/Getty Images

Не, свечен говор по повод 80-годишнината од Обединетите Нации звучи поинаку. Но, тоа веројатно би било премногу здодевно за Доналд Трамп. И така, стана груба мешавина од предизборен говор и самопофалби, теории на заговор и жестоки навреди кон домаќинот. Накратко - типично за Трамп.

Главната работа е што шефовите на држави или влади не слушаат никого толку внимателно како што го слушаат него. Малкумина се осмелија да вртат со главите. Каква разлика од говорот на Трамп пред Генералното собрание на ОН во 2018 година, кога присутните во салата избувнаа во смеа откако Трамп тврдеше дека неговата влада постигнала повеќе од речиси која било друга влада во историјата на САД.

Речиси никој не сака да се задева со Трамп

Денес, речиси никој не се осмелува да се задева со претседателот на САД. Говорот на Трамп беше премногу импровизиран за да се нарече програмски. Сепак, тоа беше националистички контрапункт на сè она на што се посветени Обединетите Нации, како што се заштитата на климата и животната средина или помагањето на бегалците.

Трамп долго се жалеше на она што го смета за двете најголеми зла во светот: обновлива енергија, особено ветерни турбини, и нелегална имиграција. Трамп за двете работи им префрли соодговорност на Обединетите Нации и ги обвини дека потфрлиле во својата основна мисија - обезбедувањето на мирот. Додека бирократијата на ОН произведува само празни зборови, тој за седум месеци завршил седум долги војни, вели Трамп. Поздрав до Осло, до Комитетот за Нобеловата награда за мир.

Трамповите изјави не треба да се преценуваат

Можеби некој ќе го смета говорот на Трамп и неговиот националистички поглед на светот за вознемирувачки. Но, можеше да биде и полошо. Стравот од повлекување (на САД, н.з.) од други организации на ОН, како што е Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР), не се оствари - барем досега.

Во Обединетите Нации со олеснување беше пречекана и изјавата на Трамп по билатералната средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш: и покрај критиките во неговиот говор, Америка стои 100 проценти зад Обединетите Нации.

Колкава трајност имаат ваквите изјави? Не се знае. Затоа наводниот пресврт во политиката на Трамп кон Украина не треба да се преценува. На крајот на краиштата, тој сега се сретна со украинскиот претседател Зеленски. По неговиот следен телефонски разговор со Путин, работите можеби повторно ќе изгледаат поинаку. Не треба да се суди според Трамповите зборови, туку според неговите постапки. Во тоа, тој досега не постигна никаков напредок, ниту во војната во Украина ниту во Газа.

Коментар на Мартин Ганзлмајер, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми