1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Градинка, привилегија за одбраните деца

20 ноември 2024

Згрижувањето на децата во градинки станува привилегија на 27% од децата во Македонија. Ова е дискриминација, бидејќи недостапноста на овие можности може да ги ограничи потенцијалите на децата. Пишува Никола Тодоров

Само 27% од децата во Македонија одат во градинкаФотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

Истражувањата покажуваат дека децата кои посетуваат градинка постигнуваат подобри резултати во основното и средното образование. Градинката им помага на децата да развијат дисциплина, фокус и рутина, што е основа за академски успех. Децата учат како да споделуваат, соработуваат, комуницираат и решаваат конфликти што е особено важно за градење самодоверба и емпатија. Раното групно образование ги подготвува децата за работа во тимови и следење инструкции, а и преку интеракции со врсници и воспитувачи, децата развиваат саморегулација, емпатија и способност за справување со емоции. Дополнително, воспитувачите можат рано да идентификуваат когнитивни или моторни потешкотии кај децата, што овозможува навремена интервенција. Посетувањето градинка има значајно позитивно влијание и врз понатамошниот успех во образованието, социјализацијата и личниот развој на децата. Искуствата од високо развиените земји покажуваат дека високиот процент на деца кои посетуваат градинка корелира со посилни образовни системи и подобар општествен развој.

За потребите на оваа колумна направив истражување на најдобро рангираните земји во светот според тестирањето PISA и процентот на запишани деца во градинка. Заклучокот е дека формулата за одличен образовен систем и одлични резултати од учењето вклучува многу висок процент на вклученост на децата во предучилишното образование. На пример, во 10 земји на ОЕЦД (Белгија, Данска, Франција, Исланд, Израел, Кореја, Норвешка, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство) повеќе од 90% од 3-, 4- и 5-годишниците се запишани во предучилишни установи. Сите овие земји имаат солидни резултати на PISA. Од друга страна постои и директна корелација помеѓу нискиот процент на вклученост на децата од 0-6 години во предучилишниот образовен систем и слабите резултати на PISA. 

Економијата и образованието почнуваат од градинка 

Во Јапонија, која на PISA е рангирана како 5-та во светот по математика, втора по наука и трета по читање, над 90% од децата посетуваат предучилишни установи, а предучилишното образование се смета за клучно во социјализацијата и учењето дисциплина, што придонесува за раниот развој на вештини како концентрација и тимска работа, кое потоа се рефлектира во високите оценки на PISA. Во Естонија, запишувањето во предучилишна установа не е задолжително. Сепак, огромното мнозинство (речиси 94%) од децата на возраст од 4 до 7 години се запишани во предучилишни установи, додека кај децата на возраст од 1,5 до 3 години овој процент е нешто помал и изнесува 81%. Овој исклучително висок процент на вклученост на децата во предучилишно образование во Естонија се совпаѓа со нејзините врвни резултати на PISA тестирањата во математика, читање и природни науки. Исто така, Холандија, Данска и Белгија имаат традицијата на достапно и инклузивно предучилишно образование и се помеѓу најдобро рангираните 13 земји во светот според PISA. 

Градинката носи предности за децата

01:13

This browser does not support the video element.

Кога истражував за оваа колумна се изненадив кога налетав на неколку истражувања од реномирани институти и универзитети кои покажуваат дека висококвалитетното предучилишно образование може да игра значајна улога во намалување на стапката на криминал во подоцнежните години бидејќи придонесува кон развој на социјални и когнитивни вештини, што резултира со намалени конфликти и подобри животни перспективи​. 

Анализата покажува дека постои и јасна врска помеѓу високата вклученост во предучилишното образование и економскиот развој, мерен преку БДП по жител. Земји со висока стапка на запишаност на деца во градинки, имаат значително поголем БДП по жител, што се должи на создавањето на високо квалификувана работна сила и долгорочни позитивни ефекти врз продуктивноста. Од друга страна, земји со ниска запишаност, бележат понизок БДП, што укажува на помалку искористен потенцијал за развој на човечкиот капитал. 

73% од македонските деца без право на градинка 

Македонија, за жал е меѓу земјите кои имаат многу низок процент на вклученост на децата од 0-6 години во предучилишниот образовен систем и слаби резултати на PISA. 

Според податоците кои пред неколку месеци ги објави Државниот завод за статистика во 2023 година, вкупно 37,804 деца на возраст од 0 до 6 години биле запишани во јавни и приватни градинки во Македонија. За споредба, според податоците од последниот попис на населението, бројот на деца на возраст од 0-6 години во Македонија изнесува околу 140.000​. Тоа значи дека околу 27% од вкупниот број деца во оваа возрасна група во Македонија биле запишани во градинки во 2023 година. Ова е исклучително низок процент, и е далеку под стандардите на развиените земји. Овој процент е значително помал во споредба со земјите со високи образовни стандарди, високи постигнувања на меѓународните тестирања и високо ниво на економски развој, каде што вклученоста во предучилишно образование е драстично повисока, што упатува на заклучокот дека како држава сме исправени пред сериозни предизвици во подобрувањето на системот на рано образование. 

Една држава може да се процени не само по нејзиниот економски раст, туку и по тоа како ги третира своите најмлади граѓани и дали соодветно ги подготвува за брзо променливиот модерен свет. Образованието започнува уште во најраните години, и градинките се првата платформа каде што децата се подготвуваат за животот. Во светски рамки, доказите недвосмислено покажуваат дека инвестициите во раното образование се директно поврзани со личниот просперитет, економскиот развој, и намалувањето на криминалитетот и корупцијата. Македонија силно заостанува во овој сегмент, па за жал потоа тоа резултира и со заостанување во сите останати сегменти. Држави со висок стандард, како Финска и Холандија, покажуваат дека инвестициите во предучилишното образование не се трошок, туку инвестиција во иднината. 

Децата без еднаков старт 

Резултатите од оваа анализа докажуваат дека постојано, во последните 80 години, како држава, силно потфрламе на планот на предучилишното образование. Згрижувањето на децата во градинки станува привилегија на 27% од децата во Македонија. Ова е дискриминација, бидејќи недостапноста на овие можности може да ги ограничи потенцијалите на децата, што е одземање на основно право за еднаков старт во животот на 73% од децата во Македонија, па затоа сметам дека оваа наследена ситуацијата го бара вниманието на властите и јавноста, бидејќи решавањето на ова прашање е од суштинско значење за градење инклузивно општество и долгорочен економски и социјален напредок. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми