1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арсовска до Мицкоски: Ве молам внесете разум кај советниците

ДТЗ
30 август 2024

Ако градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска не поднесе оставка, ЗЕЛС е подготвен да предложи и измени на законски решенија за да може да се одземат нејзините ингеренции

Данела Арсовска
Данела Арсовска преку отворено писмо бара помош од Мицкоски Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Градоначалниците бараат начин како да се разреши Данела Арсовска од челната позиција во Град Скопје, а таа преку отворено писмо упатено до премиерот Христијан Мицкоски бара да се надминат личните недозрабирања и да им „внесе разум“ на советниците на ВМРО-ДПМНЕ за да се решат горливите проблеми со коишто се соочува градот. 

Кој е виновен за состојбите во главниот град?

Претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Георгиевски вината за состојбите во главниот град ја лоцира кај скопската градоначалничка, Данела Арсовска. Тој побара оставка од неа. 

 „Не треба во недоглед да бараме кривица во кого било за состојбите во Град Скопје, кривицата на крајот на денот е во менаџерот кој добил шанса од граѓаните да направи нешто за својот град и за своите граѓани. Верувам дека ќе смогне сили и ќе најде начин Арсовска да се надмине себеси и својата суета и конечно да поднесе оставка на функцијата градоначалник на Град Скопје што ќе биде добро за нејзе, но пред се за сите скопјани“, порача  Георгиевски.

Доколку не го направи тоа, ЗЕЛС е подготвен да предложи и измени на законски решенија за да може да се одземат ингеренциите на Арсовска.

„За жал скопјани се заложници  во моментов на еден човек кој има проблем со себе и на кој секој му е крив, освен прстот да го впери во себе си и да си  го најде проблемот во себе. За Скопје спас во моментов е доколку Арсовска си поднесе неотповиклива оставка“, дециден е Георгиевски.

Скопските градоначалници неодамна излегоа со заеднички став и апелираа до Владата да се премине кон одземање на ингеренциите на Арсовска, што во моментов е законски невозможно да се преземе.  

Градот тоне во смет, а јавните припријатија во долговиФотографија: DW/A. Feilcke

Поддршка за законски измени

Министерот за локална самоуправа Златко Перински вели дека би поддржал какви било законски измени за да се реши состојбата во Скопје. „Мора барањето на ЗЕЛС да го гледаме по два основи. Прво е правниот основ согласно постојните законски решенија, бидејќи законски утврдените овластувања кои ги има Градот, а се предочени во членот 22 од Законот за локална самоуправа не може да бидат одземени.  Втората основа е што од тоа и како ќе биде спроведливо во пракса“, вели Перински.

Тој додаде дека се бара инстант решение, бидејќи градот тоне во смет што претставува загрозување на животот и безбедноста на граѓаните и непостапување согласно законски утврдените надлежности.

„И да земеме ова да го решаваме на начин по укажувањето од страна на градоначалниците, потребно е време. Законот за локална самоуправа е системски закон, се носи со двотретинско мнозинство и треба да бидеме свесни дека доколку влеземе во оваа авантура не можеме утре да го решиме прашањето и затоа апелиравме како Влада. Системот на функционирање на Градот Скопје е менаџментот на Градот Скопје и Советот на Градот Скопје. Таму можат наједноставно и најбрзо да се решат сите проблеми кои ние како скопјани ги живееме секојдневно“, порача Перински.

Арсовска со отворено писмо до Мицкоски

Скопската градоначалничка, пак, со отворено писмо до премиерот Христијан Мицкоски бара поддршка за стабилизирање на состојбите во главниот град.

„Ве повикувам и Ве замолувам да внесете разум во делувањето на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и Вашата коалиција во Советот на Град Скопје. Крајно неодговорно и неразумно е граѓаните на главниот град да бидат жртви на самоволието на 23 лица чие единствено политичко делување е преку деструкција, блокади и политички манипулации“, се наведува во писмото.

Во него се додава дека граѓаните на градот Скопје не смеат да бидат жртви на политичките амбиции на поединци од Советот на Град Скопје.

„Недозволиво е скопјани да чекаат автобуси по еден час на екстремни температури, недозволиво е учениците да немаат превоз, а уште пострашна е најавата на министерката за образование и наука дека нема намера да го исплати долгот за бесплатниот превоз на студенти и средношколци кон ЈСП, со намера и да го прекине овој проект.  Како Влада со големо владеачко мнозинсво имате начин и капацитет, а сакам да верувам дека имате и политичка волја да ги исплатите долговите кон ЈСП од 8 милиони евра, КХС од 2.5 милиони евра, но и кон ЈП Дрисла на кој само Клинички центар му должи 1 милион евра, како и долговите кон ЈП Водовод и Канализација кои се бројат во милионски суми“, вели Арсовска. 

Доколку не ги убеди советниците, тогаш Арсовска бара од премиерот да набави автобуси за главниот град. 

„Доколку Владата нема средства за оваа намена, ние сме подготвени, а со одлука на Советот на Град Скопје, да ви ги префрлиме потребните средства на посебна сметка, а вие да ја спроведете набавката. Апелирам до Вас, личните недоразбирања да не бидат причина за блокада на главниот град, а на штета на граѓаните на градот Скопје“, вели Арсовска. 

Таа предлага да се одржи вонредна седница на Советот на Град Скопје во среда, 4 септември, на која заеднички ќе биде донесена одлука за набавка на нови 250 еколошки автобуси и останатите одлуки неопходни за непречено функционирање на градот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми