Градот се менува, дали и навиките на скопјани?
10 ноември 2025
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, како успешна ја оцени акцијата за чистење на натрупаниот смет во главниот град, за период од 72 часа. Во акцијата биле ангажирани над две и пол илјади работници, а биле собрани над четири и пол илјади тони отпад, што е четири до пет пати повеќе од количините што вообичаено се собирале во денови од викендот.
Кога Ѓорѓиевски ја презел функцијата, „Комунална хигиена“ имала 16 функционални камиони, сега има повеќе од 40, а тој најави дека тенденција е до крајот на идната недела да бидат функционални околу 60, со цел Град Скопје целосно да има самостојна оперативност. Во деновите на големото чистење, со ресурси помогнале општествено одговорни компании, како и градоначалниците на Тетово, Кавадарци, Штип, Велес и други општини.
Градоначалникот најави дека работата со исто темпо продолжува и во наредниот период.
„Нема да запреме, правиме оперативен план за дејствување и во наредниот период. Нема да дозволам никогаш повторно да се случи онаа грда слика во Скопје (...) Скопјани да бидат спокојни, имаат човек на кој може да се потпрат во секое време и човек кој апсолутно ќе даде се од себе заедно со својот тим во наредниот период да не поминуваат низ голгота каква што имавме изминатите четири години“, порача Орце Ѓорѓиевски.
Кабаст отпад, мала свест на дел од граѓаните на Скопје
Дали и Градот може да се потпре на скопјани? Со цел да дадат придонесат во акцијата, дел од граѓаните во нивните маала и самите се фатија за работа - чистење на коров од тротоарите и собирање на расфрланиот смет околку контејнерите, за што и објавуваа фотографии на социјалните мрежи. Но, дел решија акцијата да ја злоупотребат за да ги расчистат нивните живеалишта од стар мебел. Голем број контејнери преку ноќ беа опколени со изветвени фотелји, душеци и кабасти парчиња мебел, кои го отежнуваа пристапот на работниците на „Комунална хигиена“ до контејнерите. На ова се осврна и градоначалникот, кој рече дека тоа дополнително ја отежнала активноста за чистење.
„Јас и моите соработници добивме впечаток како половина Скопје да се реновира наеднаш па мораше дополнително да се постапува покрај микролокациите, отстранувајќи и мебел покрај нив“, рече тој.
Ѓорѓиевски од сограѓаните побара коректност во одлагањето на сметот и најави дека ќе се спроведуваат и редовни активности за собирање кабаст отпад.
„Но, доколку некој се однесува несоодветно, како што беше случај во изминатите 72 часа, ќе пристапиме кон опомени и изрекување на казни“, најави градоначалникот, додавајќи дека биле изречени над 40 казни и над 70 опомени и за физички, и за правни лица.
„Нека казнуваат“, коментира за ДВ револтирана граѓанка.
„Само што камионот го однесе сметот, соседи од седмиот кат, од тераса фрлија огромна вреќа, која при падот се распарчи и целиот смет остана расфрлан на тревникот. Среќа што беше доцна, па немаше деца кои вообичаено играат таму, зашто можеа и да повредат некого. Ниедна акција не може да се справи со вакви постапки и ваков менталитет. Реков - ќе ги објавам јавно со име и презиме, бидејќи не им е првпат да го прават тоа“, вели револтираната граѓанка.
Едните ги собираш, други доаѓаат
Со големото чистење на Скопје беше опфатена и депонијата кај Градските гробишта Бутел, како и депонијата Вардариште. Посебен акцент беше ставен на градското јадро - плоштадот Македонија, Градскиот парк, Паркот Жена борец и кејот на Вардар, чија запуштеност и преплавеност со смет во изминатот период беа првата и најлоша слика што посетителите можеа да ја понесат од центарот на Скопје. Тоа се особено однесува на коритото на Вардар, кое стана лента за брз транспорт на пластични шишиња, кои заглавуваа покрај галиите и веќе создадените островчиња од друг смет и речни наноси.
Граѓаните во изминатите денови имаа можност да видат како со багери се расчистуваат и тие вештачки островчиња, но се чини дека битката со пловечкиот смет во реката сѐ уште не е добиена. Александар Видиновски, новинар на ТВ Канал 5 кој подолг период алармира, ги мапира и со видео снимки ги документира црните точки на градот – депониите и купиштата смет покрај репрезентативни и значајни објекти во градот, и не само таму, завчера на неговиот профил на Фејсбук со ново видео покажа што се случува кога багерите ќе го расчистат теренот и ќе заминат: доаѓа нова „тура“ пластични шишиња.
„Ние сега ги лечиме симптомите на тоа што ни се случува, меѓутоа, изворот на ова ѓубре што доаѓа тука не е во Скопје, туку малку посеверно, од дивите депонии што ги снимав веќе во Радуша, во Кондово, во Желино.. Ова да го чистиш и 24 часа, само што ќе се повлечеш, повторно ќе биде вака. Тоа значи дека освен чистењето на Скопје, во наредниот период треба службите да се позанимаваат малку и на национално ниво – да го исчистат Вардар од Вруток до Гевгелија, бидејќи овие слики ќе ни се повторуваат цело време“, посочува Видиновски.
Неговите видеа станаа своевидно огледало за состојбите со сметот во главниот град и депониите надвор од него, и во голема мера придинесоа да се сврти вниманието кон овој проблем кој кулминираше во екот на локалните избори.
Според првични пресметки на надлежните, само во првите два дена од акцијата, во Дрисла биле однесени 25.000 кубни метри смет, шут и кабаст отпад.