1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На двојните избори само еднаш ќе може да се дојде на гласање

ДТЗ
30 април 2024

ДИК донесе упатство со кое на граѓаните им се укажува дека ако се одлучат да гласаат само на едни избори, потоа не можат да се предомислат и да се вратат да гласаат за другите избори.

избори, гласање, Македонија
На двојните избори само еднаш ќе може да се дојде на гласањеФотографија: Petr Stojanovski/DW

На двојните избори во Северна Македонија коишто треба да се одржат на 8 мај, граѓаните само еднаш ќе можат да дојдат на гласање. Ова е едно од изборните правила коишто ќе важат на денот на изборите идната среда, кога треба да се одржи вториот круг на претседателските избори и првиот круг на парламентарните избори во земјата. 

Државната изборна комисија донесе упатство со кое на граѓаните им се укажува дека ако се одлучат да гласаат само на едни избори, потоа не можат да се предомислат и повторно да се вратат и да гласаат за другите избори. 

Изборни правила

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, во интервју за МИА посочува дека е важно на граѓаните да им се објасни дека имаат право да гласаат за двата вида избори или само за парламентарни или само за претседателски избори.

„Граѓанинот ќе може да дојде само еднаш и да гласа и за двата избора. Постапката е следна: кога ќе дојде, прво ја дава личната карта да се види дека е тој, потоа оди на биометриска идентификација, потоа го бараат во списокот да го заокружат и му даваат ливчиња. И потоа оди да гласа“, вели Даштевски.

Но, важно е граѓаните, кога за тоа ќе бидат прашани на избирачкото место, да имаат прецизен одговор дали ќе гласаат само за едните или и за претседателските и за парламентарните избори, бидејќи потоа нема да можат да се предомислат. Тоа е битно, бидејќи за претседателските избори има цензус.

„Претпоставувам дека најмногу ќе гласаат за двата, а може да се случи и само за парламентарните избори, бидејќи знаеме дека излезноста и интересот таму е многу поголем“, вели Даштевски.

Граѓаните имаат право да гласаат за двата вида избори или пак само за парламентарни или само за претседателски избориФотографија: Petr Stojanovski/DW

Зајакнување на капацитетите

Претседателот на ДИК вели дека и на 8 мај вечерта, резултатите од изборите би можеле да се знаат до полноќ, имајќи ги предвид промените што ДИК ги направила во изминатиот период, но и искуството од изминатите избори. 

„Презедовме мерки на овие избори и тие мерки се состојат во зајакнување на хардверот за да може во исто време да прима повеќе информации, понатаму во обучување на повеќе луѓе на терен. Значи, сега беа обучени некаде околу 1.700 луѓе да внесуваат, обезбедивме за сите тие 1.700 лаптопи во соработка со Државниот завод за статистика. Исто така, за да се забрза изборниот процес во избирачките места во секое време ќе има по седум наместо пет лица, како претходно, а за броењето на резултатите да бидат сите присутни“, вели Даштевски.

Тој ги повикува гласачите да излезат повторно мирно, достоинствено и без притисоци да го дадат својот глас за онаа партија за која одлучиле.

Единаесеттите по ред парламентарни избори ќе се одржат на 8 мај 2024 година (среда), истовремено со вториот круг на претседателските избори. Во вториот круг на претседателските избори ќе се соочат кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова  и Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ и коалицијата. 

Според податоците на ДИК, Силјановска-Давкова по првиот круг е во предност со освоени 363.086 гласови (40,08%), додека додека за Пендаровски гласале 180.500 граѓани (19,92%)

На парламентарните избори, граѓание ќе гласаат за нов собраниски состав. Во Собранието се избираат 120 пратеници според пропорционалниот модел, при што територијата на земјата е поделена на шест изборни единици утврдени со Изборниот законик и во секоја изборна единица се избираат по 20 пратеници.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми