„Граѓаните на Рајхот“ се и натаму активни во Германија
7 јануари 2023На собир во Хајлброн, според истражувањата на „Репорт Мајнц“, дошле кверденкери, декларирани ксенофоби и еден осуден подметнувач на пожари. Ѕвездата на вечерта, Матес Хауг, ја сумирал состојбата во Германија, онака како што тој ја гледа, и собрал аплауз од присутните. Според него, во Германија веќе не важел Уставот, Германците биле без држава и практично слободни како птици. „Живееме во бесправен простор“, оценил тој.
Во соседната просторија, гостите со шницли и пиво го следеле она што го зборува Хауг, еден од најтврдокорните на сцената на т.н. „Рајхсбиргери“ (Граѓани на Рајхот) и човек кој на својата веб-страница се претставува како „Претседател на Националното собрание“.
Според еден информант, Хауг на собирот отворено зборувал за претресот на неговиот дом на 7 декември, во рамки на антитерористичката рација која беше спроведена ширум Германија. Во интервју за „Репорт Мајнц“ тој негира дека има каква било врска со осомничената терористичка ќелија:
„Целосно сум шокиран. Во принцип, јас сум пацифист. А тие кај мене бараат оружје или нешто слично?“ Хауг не беше уапсен - за разлика од наводниот водач, Хајнрих 13. принц Ројс. Тој добро го познава, рекол Хауг вечерта, бидејќи редовно се среќавал со него. „Вистинско задоволство е да се разговара со него, тој е многу елоквентен“, оценил Хауг. Очигледно, тој го оправдува стремежот на принцот кон тронот на Германското царство - на крајот на краиштата, тој му припаѓа на најстарото благородничко семејство во Германија, многу постаро од Георг Фридрих фон Хоенцолерн, смета Хауг. Според него, уште една друга околност го прави Хајнрих 13. принц Ројс соодветен кандидат: тој имал „романовска крв“, исто како Владимир Путин.
Десноекстремнамрежа во Виртемберг
Хауг ја носи измислената титула „Претседател на Националното собрание“ од 2003 година. Според неговите сопствени изјави, за лидер бил избран од 120 делегати од „Рајхсбундесштатен“ (покраини на рајхот). Подоцна тој продавал лажни пасоши на наводниот „Германски рајх“ и беше осуден на парична казна од 160 дневни тарифи. Но, Хауг не престана да ја шири својата идеологија: пред околу три години ги запиша своите ставови во книга со наслов „Германскиот рајх од 1871 година до денес“.
Според ваквите ставови, моќта на земјата лежи во рацете на веројатно само едно единствено петчлено семејство и една организација слична на семејство: Мудреците и Шринерите - очигледно се мисли на масоните. „Тие не само што имаат бесконечно многу пари, тие се парите на оваа Земја!“, пишува Хауг. Само преку повторното воспоставување на Германскиот рајхможе да се избега од канџите на ова тајно друштво, уверен е Хауг. Делото го уредувал Бернхард Граберт, наследник на етаблираната издавачка куќа за десноекстремна литература во Тибинген. Книгата е објавена на почетокот на 2020 година од издавачката куќа Амадеус на десничарскиот езотеричар Јан Удо Холи, која исто така има со седиште во Виртемберг. Оттогаш, Матес Хауг е на турнеја. Ако им се верува на најавите на неговиот канал на Телеграм, тој речиси секоја недела се појавува пред избрана публика во Германија.
Така беше и на 16.12 во североисточниот дел на покраината Баден-Виртемберг. Таа вечер се појавија 26 мажи и жени, главно од околината ако се суди според швапскиот дијалект. Според стандардите на Хауг, тоа е прилично мал круг. Во август, на пример, тој во Куксхафен разговараше со 80 приврзаници, објави „Нордзе-цајтунг“.
Антифашистичкиот центар за документирање и информирање на Баден-Виртемберг известува дека до 100 учесници присуствувале на настапот на Хауг во Фројденштат минатиот април. Хауг на својот Телеграм-канал веќе ги објавува датумите на предавањата за следната година. Секоја од овие вечери му носи добри пари. Секој од присутните на ваквите вечери уплаќа влез од 30 евра. Многумина ја имаат купено неговата тенка книшка од 90 страници по цена од 17 евра. На прашањето на една жена од публиката дали е вистина дека не плаќал данок, Хауг одговорил потврдно.
„Мировен договор со Русија“
За платениот билет за влез Матес Хауг дава изјави што неговата публика очигледно ги очекува од него, на пример за деснопопулистичката дежурна тема „мировен договор“, кој не постоеше ниту по Првата ниту по Втората светска војна. Принцот Ројс, кој, како што вели Хауг, е вистинскиот сопственик на неговото кнежевство, односно вистински принц, теоретски би можел да склучи мировен договор со Русија.
Кој оди на такви настани? „Репорт Мајнц“ има список на учесници. На него има регионално познати противници на вакцинирањето и жена која од 2015 година предводи бројни демонстрации против бегалците. Очигледно, таа е добро запознаена со друг гостин на вечерта, кој во 2017 година беше осуден на речиси пет години затвор за подметнување пожар во дом за бегалци.
По настанот, „Репорт Мајнц“ можеше да разговара со некои од учесниците. Дел од нив се подбиваа со антитерористичката акција, други се посомневаа во заговор или зборуваа за насочен „обид за заплашување“. Сите се обединети во својот став за отфрлање на системот и чувството дека се лажени од политичарите и медиумите.
Презир кон демократијата и радикализација
Во интервју за „Репорт Мајнц“, Јоханес Кис, истражувач на екстремизмот од Универзитетот Лајпциг, зборува за спојување на различни струи во милјето, кое, на пример, се состои од стари неонацисти, десничарски екстремисти, противници на корона или езотерици, кон кои сега се приклучуваат и малите групи на „рајхсбиргери“ кои пред пандемијата беа распрснати. Идеолошките струи ја искористија оваа ситуација „за да ги приближат своите ставови до луѓето кои само бараат некаков наратив, каква било приказна што одговара на нивниот веќе постоечки презир кон демократијата“.
Сега постои опасност „овие групи да го гледаат ова како можност“ преку вмрежување да се чувствуваат „способни за дејствување“ по речиси три години пандемија на корона. „Сигурно ќе видиме повеќе такви групи во следните една или две години, бидејќи радикализацијата во овие групи напредуваше и луѓето се всушност подготвени да употребат насилство и сакаат да преземат акција, т.е. сакаат да го спроведат наративот на отпор во пракса“, вели Кис.
Зголемен ризик од измешаната сцена, „во која се влеваат иделогии на рајхсбиргерите, теории на заговор од сферата на делегитимирани и десноекстремни наративи“, гледа и Сојузната служба за заштита на уставот. Мрежата откриена при рацијата која беше спроведена на 7 декември е „пример за создавање нова мешана сцена подготвена на насилство“. На прашање на „Репорт Мајнц“, Службата за заштита на уставот вели дека митовите за заговор притоа играат важна улога. „Во вакви тајни групи значителен притисок за дејствување може да создаде пред сѐ пропагандата за претстоен 'Ден Х' и тоа може да предизвика тешко насилство.“