1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓаните се гушат во смог - црвен аларм во повеќе градови

ДТЗ
19 декември 2024

Последниот аларм којшто го упати Светската банка е дека загадениот воздух годишно убива околу 2.800 граѓани во Северна Македонија.

Скопје Протести Загадување
Граѓаните се гушат во смог - црвен аларм во повеќе градовиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Смог и магла повторно ги загушија македонските градови, а Скопје се најде меѓу десетте најзагадените градови во светот, според последните податоци на платформата IQAir. Индексот на загаденост во 11 часот беше 172, што е индикација дека граѓаните на главниот град дишат исклучително нездрав воздух, во којшто има пред сѐ ПМ 2.5 честички.

Во светски рамки, полош воздух дишат жителите на Сараево, Лахоре, Делхи, Калкута, Техеран…На домашен терен, пак, загрижувачка е загаденоста во Струмица, Кавадарци, Велес, во центарот на Скопје, Битола и во Тетово, каде што е вклучен црвениот аларм. Метеоролошките прогнози се дека во наредните денови ќе има дожд и снег на повисоките места, што буди надеж дека полесно ќе се дише. 

Загадениот воздух годишно убива околу 2.800 граѓани 

Последниот аларм којшто го упати Светската банка е дека загадениот воздух годишно убива околу 2.800 граѓани во Северна Македонија, а жителите на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на токсични ПМ 2,5 честички, во споредба со граѓаните во земјите од Западна Европа.

Според министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, првиот фактор за лошата состојба со амбиенталниот воздух е тоа што домаќинствата и индустријата сѐ уште користат неквалитетно дрво и други извори за греење, посебно во зимската сезона. Тука е и урбаниот транспорт и ред други причини.

Последниот аларм којшто го упати Светската банка е дека загадениот воздух годишно убива околу 2.800 граѓаниФотографија: Reuters/O. Teofilovski

„Ние веќе усвоивме и работиме на конкретна програма, каде што освен гасификацијата, предвидени се икогенеративни гасни системи, исто така планираме да ги субвенционираме да се враќаат граѓаните на централното греење, посебно во урбаните средини каде што има“, најави во средата (18.12) Меџити.

Тој смета дека гасификацијата е едно од решенијата што граѓаните ќе ги пренасочи кон помалку штетни или нештетни средства за греење во текот на сезонава, како и воведувањето на електрични автобуси во јавниот превоз.

Програми и планови само на хартија 

Меџити неодамна ја претстави Планската програма за почист воздух 2024–2030 година, чија цел е среднорочно и долгорочно решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Северна Македонија. Во Програмата за почист воздух, како главни причинители на загадувањето на воздухот на територијата на државата се детектирани - согорувањето на цврсти горива, согорувањето на огревно дрво и друго во домашни ложишта, согорувањето цврсти горива во индистријата, согорувањето на потешки течни горива, сообраќај (дизел возила), согорување на мазут и екстра лесно гориво (во котли и печки).  

Екологистите изминатиот период излегоа со повеќе предлог мерки за намалување на загадувањето, пред сѐ во главниот град. Иницијативата О2 побара да се забрани греење на нафта, лесни масла, јаглен, мазут, кокс во град Скопје. Од домаќинствата, пак, кои ќе останат да се греат на дрва во град Скопје, како и другите субјекти кои ќе користат дрва за греење, се бара да постават филтри.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми