1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Високи сметки од ЕВН? Читајте ги броилата, вели Бислимоски

ДТЗ
1 февруари 2024

Досега 30 поплаки се пристигнати на адреса на Регулаторната комисија за енергетика, која што е последна шанса на граѓаните да се спасат, ако можат, од големите долгови и високите сметки кои им доаѓаат од ЕВН.

ЕВН Македонија
Струјата ги изгоре граѓаните - се нижат поплаки за високите сметкиФотографија: Petr Stojanovski

Енормно високите сметки за електрична енергија кои последниот месец им пристигнаа од ЕВН ги затекнаа граѓаните. Многумина се жалат дека последните сметки се повеќекратно зголемени во однос на претходните месеци. Сумите некаде се толку набилдани, што многумина се најдоа во тесно барајќи начин како да ги подмират. Други, пак, бараат корегирање на сметките. Триесетина поплаки се пристигнати на адреса на Регулаторната комисија за енергетика, која што е последна шанса на граѓаните да се спасат ако можат од големите долгови. 

„До сега во РКЕ се пристигнати околу 30 поплаки во однос на висината на сметките за електрична енергија и овој број не отстапува од бројот на поплаки кои што вообичаено ги добиваме во период кога има нова цена“, вели за ДВ првиот човек на регулаторното тело, Марко Бислимоски.

И од ЕВН Хоме се децидни дека нема значителен раст на бројот на барања за корекции на фактурите за електрична енергија во споредба со изминатите месеци. „Поради ниските температури има и зголемување на потрошувачката на корисниците. Во месец ноември, во трет блок влегле околу 1,7% од домаќинствата, а во четвртиот блок влегле 0,40%. Во месец декември, во трет блок влегле околу 4,3% од домаќинствата, а во четвртиот блок влегле околу 1,3%“, е ставот на компанијата. 

 

Триесетина поплаки се пристигнати на адреса на Регулаторната комисија за енергетикаФотографија: DW/K. Delimitov

„Кенгурски скок“

Од 3.800 денари во декември на 13 илјади денари во јануари - ваков „кенгурски скок“ има доживеано сметката на скопјанец кој го затоплува домот со една инвертер клима. Иако температурите овој период беа драстично пониски од претходно, граѓаните сметаат дека тоа сепак не може да биде алиби за драматичното повисоките сметки за струја. Особено што од декември голем број домаќинства добија шанса два часа во денот да користат струја по евтина тарифа, што се очекуваше да ги намали сметките за околу 1.000 денари.

Скопјанка која ја контактираше нашата редакција вели дека била шокирана откако добила сметка од 44 илјади денари од ЕВН за месецот заклучно со 19 декември. Иако загрева релативно голем станбен простор, таа вели дека сметката далеку ја надминувала и претходната која изнесувала нешто над 30 илјади денари. Во текот на зимските месеци минатата година, оваа жителка на Скопје која живее во Ново Лисиче, плаќала во просек по 18 илјади денари месечно за греење со истите грејни тела како и годинава. Таа најавува дека ќе се жали и во ЕВН и во РКЕ. 

Министерот за економија, Крешник Бектеши, нема објаснување како е можно корисниците од првиот и вториот блок, за кои беше најавувано дека ќе добијат пониски сметки за струја, всушност да плаќаат двојно, па и тројно повисоки сметки. Тој ги повика сите што се сомневаат во сметката да се пожалат во Регулаторната комисија за енергетика.

„Јас не верувам дека има зголемување на ценитеповеќе од тоа што го утврди Регулаторната комисија за енергетика, но граѓаните секогаш имаат право на жалба. Ги повикувам, ако мислат дека има некоја грешка или злоупотреба, да пријават и тоа ќе се среди веднаш“, рече во средата (31.01) на прес-конференција министерот Бектеши. 

Граѓаните секогаш имаат право на жалба, вели Крешник БектешиФотографија: Wirtschaftsministerium Nord-Mazedonien

Кризата стабилизирана - цените не 

Во мај треба да се знае кој ќе биде новиот универзален снабдувач со струја, а по 1 јули не се знае каков ценовен шок може да ги погоди граѓаните. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи минатата недела изјави дека цената на електричната енергија на регулираниот пазар во овој момент е субвенционирана со 84 отсто и субвенционирањето ќе продолжи до носењето на следната одлука за цената при крај на јуни.

Дотогаш не се очекува корекција на сегашната цена на струјата, со оглед на тоа дека двапати годишно се утврдува цената на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи. Каква ќе биде одлуката од 1 јули натаму, во моментот не може никој да знае.  

„Енергетската криза во земјата е целосно стабилизирана, редовно се одвиваат сите заложби на енергетските компании и другите вклучени и затоа не очекуваме да има зголемување на цената и од 1 јули имајќи ги во предвид параметрите што ги имаме во моментот и тоа што беше претходно ако го споредуваме со тоа што го имаме во моментов во енергетскиот сектор“, вели Бектеши. 

Во однос на поплаките за испорачани превисоки сметки, посочи дека цените во блоковите се многу транспарентни и објавени од Регулаторната комисија за енергетика и не верува дека има зголемување на цените повеќе од тоа што се утврдени. - Ако сметаат дека има некоја грешка или злоупотреба граѓаните секогаш имаат право на жалба до РКЕ“, наведе Бектеши. 

Проценки 

Со одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на 1 јануари цената на струјата за домаќинстватасе намали за 5,16 отсто за прв блок, за втор блок и за евтината тарифа остана иста, за трет блок поскапе за 2,88, а за четврт блок за 1,86 отсто. Во првиот блок се домаќинствата кои трошат од 0 до 210 киловат часови електрична енергија месечно, во вториот од 210 до 630, во третиот од 630 до 1.050 и во четвртиот тие што трошат над 1.050 киловат часови месечно. Некаде околу 80 проценти од домаќинствата се во првиот и во вториот блок.

Кај 80 проценти од домаќинствата веќе функционира евтината дневна тарифа во периодот од 13 до 15 часот што беше воведена од 1 декември минатата година.

Надлежните во повеќе наврати посочуваат дека секој треба да ги контролира и сам да си ги чита броилата. Фотографија: Micha Korb/pressefoto korb/picture alliance

Проценките на првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски беа дека со воведувањето на евтината дневна тарифа ќе се намали потрошувачката по блоковите, а за сметка на тоа ќе се зголеми во евтината тарифа каде цената е двапати поевтина од првиот блок. Тоа ќе значи дека и оние домаќинства кои влегуваат во третиот блок фактички ќе плаќаат помалку отколку досега.

Но, во меѓувреме револт кај граѓаните предизвика тоа што во сметките за декември беше вкалкулиран надомест од 200 денари за пристап до мрежа - давачка која всушност стартуваше од почетокто на годината. По укажувањата на корисниците, РКЕ на прес-конференција соопшти дека ќе следи корекција со која во јануарските сметки нема да се платат екстра 200 денари. 

„За да се зголеми довербата кај граѓаните и да знаат дека никој не остварува екстра профит во јануарската сметка за потрошена електрична енергија која граѓаните ќе ја добијат во февруари нема да има надомест од 200 денари за пристап до мрежа, информираше Бислимоски на 24 јануари.  

Граѓаните како контролен механизам 

Но, со цел да се спречат ваквите пропусти кои удираат по џебот на граѓаните, надлежните во повеќе наврати посочуваат дека секој треба да ги контролира и сам да си ги чита броилата. 

„Во однос на претставките бараме информација од операторот на електродистрибутивниот систем којшто е должен да ни одговори и врз основа на тие приговори потоа РКЕ носи одлуки“, велат од РКЕ.

Тие апелираат до граѓаните да ја искористат можност за самоотчитување. „Тоа го имаме воведено пред неколку години. Таа состојба на броилото која што ќе ја отчита граѓанинот е задолжителна за ЕВН да ја имплементира во нивните сметки“, порача неодамна Бислимоски.

Согласно Правилата за постапување на приговори и разрешување на спорови, потрошувачите доколку се незадоволни од снабдувачот (висина на сметка, квалитет на услуга) прво треба да се обратат до ЕВН,  па потоа доколку бидат одбиени поднесуваат приговор до РКЕ. Практично во овој процес Регулаторната комисија за енергетика е второстепен орган, а против решенијата на РКЕ незадоволните странки може да поведат управен спор.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми