1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кредитите за станови и автомобили мамка за граѓаните

ДТЗ
22 август 2024

Македонските граѓани сѐ поретко одат во „минус“ на тековните сметки и кредитните картички, ама затоа „удрија“ на кредити за станови и купување нови автомобили.

станбен кредит
Граѓаните „удрија“ на кредити за станови и автомобилиФотографија: picture-alliance/dpa

Македонските граѓани се поретко одат во „минус“ на тековните сметки и кредитните картички, ама затоа „удрија“ на кредити за станови и купување автомобили. Најновите статистички податоци на Народната банка покажуваат дека само за една година е забележан раст на автомобилските кредити за 23,6 проценти. 

Па така, во јули автомобилските кредити се повисоки за 2,5% на месечно ниво, односно 23,6%, на годишна основа. Слична е состојбата и со потрошувачките и станбените кредити, коишто се најбарани. 

Живот на кредит 

Во јули годинава, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај потрошувачките кредити е забележан месечен раст од 0,9 проценти, додека кај станбените кредити има раст за  0,8 проценти. На годшино ниво, побарувачката за потрошувачки кредити е зголемена за 6,3 проценти, додека за станбените за 10,5 отсто. 

Наспроти тоа, граѓаните се помалку се задолжуваат на кредитните картички. Кредитите одобрени на кредитни картички се намалени за 0,2% и 8,0%, на месечно и годишно ниво.

„Во јули, негативните салда на тековните сметки забележаа месечен пад од 1,0%, во услови на годишен раст од 8,4%. Во јули, кредитите одобрени врз други основи се непроменети на месечна основа, додека во споредба со истиот период претходната година, тие се намалени за 18,4%“, посочуваат од Народна банка.  

Зголемување на вкупните депозити на домаќинствата 

Вкупните депозити на домаќинствата во јули забележаа месечно зголемување за 0,7%, поради растот на долгорочните депозити во денари и во странска валута, како и депозитните пари, во услови на пад на краткорочните депозити во странска валута и во денари. На годишна основа, вкупните депозити на домаќинствата се повисоки за 9,6%, како резултат на растот на депозитните пари и долгорочните депозити во денари и во странска валута, при пад на краткорочните депозити во странска валута и во денари.

Во јули, кај кредитите на домаќинствата е остварен месечен и годишен раст од 0,8% и 7,5%, соодветно, како резултат на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми