1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Граѓаните во должничко ропство - камати поголеми од долгови

ДТЗ
19 октомври 2022

Народниот правобранител покрена иницијатива за законски измени со кои извршителите не ќе можат да ја наплаќаат казнената камата неограничено.

долг извршители
Поради затезните камати граѓаните запаѓаат во должничко ропствоФотографија: picture alliance/dpa Themendienst/C. Seidel

Народниот правобранител, Насер Зибери во Владата дoстави Иницијатива со која се предлага извршителите да не можат да наплаќаат казнена камата неограничено. Идејата на предложените измени е казнената камата да не биде поголема од основниот долг, односно кога каматата ќе ја достигне висината на јавниот долг таа да престане да тече.

„Со постоечкиот начин на спроведување на извршувањето утврдивме дека се нарушуваше и загрозуваше егзистенцијата на граѓаните, а некои поради затезните камати слободно може да се каже дека запаѓаа во должничко ропство бидејќи не можеа да ги исплатат главницата и каматата“, вели Зибери.

За таа цел ќе биде потребно да се интервенира и во Законот зa облигационите односи и Законот за извршување, во делот на наплатата на каматите во постапките за извршување. Предлогот на Народниот правобранител се однесува на членот 268-а од Законот за облигациони односи каде е потребно да се додаде нов наслов -Кога каматата престанува да тече, поточно да се додаде нов член 268-б кој би гласел:„Казнената камата престанува да тече кога сумата на доспеаните, а неисплатени камати, ќе ја достигне главницата“. Треба да се направат измени и во Законот за извршување каде е потребно да се додаде нов член кој ќе предвидува дека кога сумата на неипсплатени камати,ќе ја достигнат главницата, извршителот во постапката на извршување, да престане да пресметува и наплатува и законска казнена камата. 

Народниот правобранител предлага законски измени со кои извршителите не ќе можат да наплаќаат поголема камата од долгот Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Каматата двојно поголема од долгот 

Во 2020 година беа направени измени во Законот за извршување со кои беа допрецизирани листата на категории на лица и на примањата кои се изземени од извршување (примање на права на парична помош од социјална заштита, примање на правата за заштита на децата и сл.) со што се воведе ограничување на извршувањето од 1/3 на 1/5 од платата или пензијата. 

Но, поради тоа што немаше промени во делот на казнената камата во пракса во огромен број на случаи оваа камата повеќекратно ја надминува висината на главниот долг. Зибери наведе пример за извршување на долг, постапка која започнала во 2011 година. За наплата на главен долг од 531.932 денари (во овој случај треба да се наплати камата од 1997 година) до март 2022 година кога странката се обратила кај Народниот правобранител, извршителот известил дека за 11 години се наплатени над два милиони денари, од кои само на име на камата 1,5 милиони денари. За целосна исплата на долгот останува да се платат уште 1.424.301 денари, сума од која на име камата се над 835 илјади денари. 

Во годишниот извештај на Народниот правобранител со години наназад се посочува дека претставките кои се однесуваат на постапките за извршување се најбројни, а од нив, пак, најголемиот број се однесуваат токму за извршувањата во кои се наплатува затезната камата. 

Народниот правобранител смета дека неправично граѓаните, кои имаат долгови за електрична и топлинска енергија, вода, смет, телефонија, по вина на институциите се доведени во неповолна ситуација. Ваквиот проблем настана со имплементирање на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување донесен во 2010 година, со кој се предвиде процес на трансфер на старите извршни предмети од судовите кај нотарите и извршителите кои го продолжија процесот на извршување. Станува збор за трансфер на околу 400.000 предмети, кои се чувале во судовите поради настанатиот законски правен вакуум и недоследностите во процедурата за наплата. На тој начин, „илјадници граѓани заедно со нивните семејства едноставно се претворени во жртви на процедурите“.

 

Извршителите наплаќаат стотици милиони евра

01:05

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми